Штом и Лотус тргнал да прави „сув“, тогаш светот навистина се менува. Ако некој во светот е познат по лесна шасија и тело на автомобилот, по врвна управливост и беспрекорна избалансираност на моторот со шасијата и ниското тежиште, тогаш тоа е Лотус. Но како може еден „сув“ со должина од 5,1 метар да има мала тежина? Може само да биде полесен во однос на конкуренцијата, но да биде лесен, тоа е невозможно.
Нови времиња, нов сопственик и нови навики, затоа Лотус денес има „сув“ возило. Сепак конструкторите се потрудиле сите особини од автомобилите да ги пренесат во новиот сув наречен „елетре“. Ако може Алфа Ромео да има два сува во семејството, тогаш можат и останатите производители на спортски автомобили, но малку е чудно за Лотус, затоа што оваа марка е најзакоравената кога збориме за типично спортско купе. Спортските автомобили мора да бидат лесни, мали, брзи и лесно и прецизно управливи.
Лотусовите челници и конструкторите велат, „елетре“ ги има сите особини од малите и лесно спортски автомобили, искуството стекнувано во изминатите седум децении е вградено во „сув“ возилото. Треба да им се верува на тамошните, затоа што Лотус никогаш не би направил возило ако не го користи со децении стариот рецепт за сурово спортско возило.
5,1 метар должина, 2.135 м ширина и 1.63 м висина, со 3.019 метри растојание меѓу оските. Два електромотори, едниот на предната, другиот на задната оска, со вкупна силина од 600 КС способен да постигне брзина од 100 км/ч за најмногу 3,0 секунди, а велат ќе биде под три. Поседува 350 kW полнач кој овозможува изминување 400 км со 20 минути полнење. Според првичните податоци „лотус елетре“ му влегува директно на „ламборџини урус“ со лизгачки старт. Штом така тогаш, „лотус елетре“ е хипер „сув“.
Во Кина, Вухан, ќе се прави ова хипер возило за забава. Така е договорено со сопственикот Гили, кинескиот гигант во автомобилската индустрија. Цена? Сè уште не е позната, но велат над 150.000 долари.