LEXUS LM-СЛИКА И ПРИЛИКА ЗА ЛУКСУЗ И ВРВНА УДОБНОСТ

11/05/2023

И додека сиот свет буквално трча по сув возилата и на нив сличните, Лексус си тера друга шема. Не дека овој производител на возила од премиум класата не произведува „сув“ модели, туку не си ја расипува новосоздадената традиција, напротив, започна да ја негува. Станува збор за моделот „лм“ еднопросторниот кој е слика и прилика за луксуз и врвна удобност. Има луѓе кои не сакаат лимузинска удобност, туку нешто повеќе од тоа. Затоа некои производители, а меѓу нив и Лексус во својата флота имаат такво возило, еднопросторно кое нуди удобност поголема и од авионската бизнис класа.

Моделот „мл“ за првпат беше претставен пред нецели пет години, но по некоја „случајност“ беше наменет само за Кина и некои од околните држави каде еднопросторните возила се нешто како престиж. Тамошните успешни стопанственици повеќе сакаат да се возат во вакви возила отколку во лимузини.

Лексус ја претстави втората генерација од моделот „лм“ (лакшари мувер) на саемската автомобилска манифестација што се одржа минатиот месец во Шангај. Димензиите на возилото се следниве, должина поголема за 85 мм од претходникот, односно 5.125 мм, ширината е поголема за 40 мм и сега изнесува 1.890 мм, а висината е зголемена само за 10 мм или вкупно расположливи 1.945 мм. Возилото располага со хибриден погон именувам како „350 х“, односно бензински мотор со четири цилиндри во линија и зафатнина од 2,5 л, а за преносот на силината се грижи електромеханички менувач од типот „цв“, додека на задната оска се наоѓа електромоторот. Вкупната силина е еднаква на 250 коњи кои успеваат да го понесат возилото до крстосувачки 190 км/ч. Ќе има и други погонски единци, но тоа ќе зависи од побарувањата на пазарите, односно од купувачите.

Сакате да знаете што сѐ нуди „лексус лм“? За почеток изберете дали сакате изведба со четири или шест седишта. Најудобна е изведбата со четири, безмалку како да сте дома. Потоа производителот сериски нуди делови преслечени со кожа, но присутно е и дрвото. За квалитетот и изборот на материјалите да не трошиме време да пишуваме. Бирано е најдоброто од најдоброто, а за удобноста да биде целосна, конструкторите посветиле посебно внимание на изолациски материјали, а резултатот е супериорна заштита од бучава. На сето ова производителот вградил и уред за активна заштита од загадување со бучава, така што не треба да се грижите за тоа дали удобноста е врвна. Од седишта со масажа, греење и вентилација, до 48 инчен тв приемник, неколку зонски клима уред и камери за набљудување на околината, до озвучување Марк Левинсон со 20-тина звучни кутии, а тука е и неизбежниот ЛСС (лексус сејфти систем) во кој има буквално сѐ.

„Лексус лм“ е правен на основа од платформата ГА-К која ја наоѓаме во лимузината „камри“, но и во сув возилото „хајлендер“. Овој тип основа значи пониско тежиште и дури 50 отсто поголема торзиона крутост. Платформата ГА-К не поддржува воздушно обесени тркала, но затоа подржува класика од амортизери кои во овој случај се прилагодуваат, а велат даваат впечаток како возилото да плови по масло, а не асфалт. За ова допринос има и меѓуоскиното растојание од три метри.

Возило со еден простор опремено со сѐ и сешто, односно најсовремени техничко технолошки и безбедносни уреди, со врвен луксуз во одделот за патниците, тоа мора многу да чини. За основниот модел од првата генерација продавачите барале 170.000 долари, а ако купувачот сакал повеќе и поспецифична опрема тогаш цената драматично одела нагоре. За вторава генерација „лм“ најверојатно цената ќе биде уште повисока.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.