LANCIA YPSILON-РЕЛИ БЕЗ ЛАНЧА НЕ БИВА

21/06/2024

Кога за првпат се појави моделот „ипсилон 10“ истовремено предизвика големо внимание од страна на јавноста, а посебно беа воодушевени тие што многу ги почитуваат типичните градски автомобили. Дизајнот беше на Антонио Пиовано и Том Тјарда, дојденец од преку „големата бара“, но школуван во италијанските дизајнерски училишта. Мал автомобил со премногу чисти линии и со коефициент на отпор на воздухот од неверојатно 0,26 cW, бројка за која другите само сонуваа. Ланча, инаку сопственик на моделот „ипсилон 10“, не ја тераше работата до крај како што треба со овој модел. Наместо да се следи традицијата на победничкиот облик, победничкиот дизајн, компанијата одлучи моделот „ипсилон да добие сосема нов дизајн“. Како и да е, работите многу се изменија и Ланча падна, се изгуби. Од почитувана марка и барана од сладокусците и од пребирливите, дојде до состојба да биде сосема заборавена. Денес се продава само моделот „ипсилон“ и тоа само на домашниот пазар, никако надвор. Моделот е стар повеќе од 10 години, нои натаму е баран.

Откако беше формирана компанијата Стелантис, а главни потписници беа ПСА и Фиат Крајслер Автомобили, на неколку марки им беше соопштено дека ќе бидат згаснати ако не донесат план за работа и профит за наредната деценија. На списокот беа Алфа Ромео, Доџ и Ланча. Има некаков резултат од сето тоа, затоа што пред неколку недели Ланча го претстави својот прв модел по пауза подолга од деценија и пол. Новиот „ипсилон“ воопшто не наликува на тој првиот, легендарниот, туку е приказна за себе. Правен е на иста основа како и „пежо 208“ и „опел корса“, а кај и да е и наследникот на „фиат пунто“, ќе ја користи таа заедничка основа, која потекнува од Пежо.

Ланча беше страв и трепет во Светскиот шампионат во рели, има 10 титули во класата на конструктори, од кои шест последователни (1987, 1988, 1989, 1990, 1991 и 1992) и пет во класата на возачи, а има победено на 73 рели натпревари. Одговорните одлучија враќање на Ланча во тоа натпреварување, а ќе го оствари со „ланча ипсилон фх рели 4“. Тоа „рели 4“ ја означува класата во која ќе се натпреварува, односно нема да оди во елитната група, туку неколку скалила подолу. Според изјавите, сега Ланча сака да им помогне на младите рели возачи, да им направи автомобил со кој ќе влезат во тајните на релито. „Ланча ипсилон рели 4“ има погон само на предната оска, бензински турбо 1,2 л мотор со три цилиндри во линија и 212 КС. Масимо Мики Биасион, носител на две титули од СШР и воедно најуспешен рели возач на Ланча, победник на 16 релија, изјавил дека е премногу задоволен од чекорите кои Ланча ги прави за повторен влез во рели.

Враќањето на Ланча во светот на рели, значи и враќање на традицијата. Да се биде толку голем шампион, а да не учествува во рели натпреварите, тоа е еднакво на тежок пораз. Ете ја сега Ланча се враќа на старите патеки и се надеваме ќе оствари големи успеси да се искачи таму каде беше. Сега почнува од пониските класи во рели со цел добро да го испече занаетот, односно да се врати во форма, а подоцна можно е да влезе и во елитниот круг.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ