Како и сите други, така и Ламборџини поита да вгради електромотор/и и да го прикаже пред светската јавност. Велат ова е првиот електрифициран Ламборџини, односно хибриден, затоа што не е целосно електрифициран.
Одиме со ред, најнапред ќе го претставиме новиот „модел“ поточно заменикот на „авентадор“. Сѐ уште не е обелоденет, но некои работи се веќе познати, како на пример погонскиот агрегат – класиката V12 останува и натаму само што сега Ламборџини вградува сосема нова „дванаесетка“ и тоа полесна за 17 кг. Има автоматски роботизиран менувач со две спојки сместен на задната оска и велат е полесен од претходниот за 18,5 кг. Најверојатно затоа што нема брзина за возење наназад. Таа улога сега ја имаат двата електромотори сместени на предната оска. Тие го движат возилото наназад, но ако подлогата е лизгава се вклучува и електромоторот вграден на задната оска и имаме погон на сите тркала. Класиката од погон на сите тркала е заменета со новава во која главна улога имаат електромоторите. Секој од нив располага со 150 КС.
Да се вратиме на новата 6,5 литарска V „дванаесетка“. Во неа нема турбо компресор, што значи моторот си останува атмосферски, односно нема дополнителен притисок при вбризгување гориво и воздух во цилиндрите. И оваа класична одлика е зачувана, но затоа моторот сега поседува најмногу силина од кога и да е, точно 825 коњи при 9.500 врт/мин, повеќе и од двата „авентадори“, единствените „инвинсибл“ и „аутентика“ претставени неодамна како вистинска реткост во семејството, само „есенца свц 12“ има повеќе силина, 830, но овој автомобил е наменет строго за на патека, а не во сообраќај. Другите детали за автомобилот ќе ги дознаме на есен во Минхен за кога е закажана автомобилската манифестација ИАА 2023 и светската премиера на заменикот на „авентадор“.
Зошто Ламборџини најавува прв електрифициран модел, кога тоа го стори во септември 2019 год. со моделот „сиан фкп 37“? Ова супер купе забрзува од 0 до 100 км/ч за 2,8 с. и ќе бидат направени (сѐ уште се прават) само 63 примероци. Тоа „63“ е годината кога е произведен првиот автомобил со името Ламбрџини, а „фкп 37“ значи „фердинанд карл пих роден 1937 год“ (главниот на Фолксваген АГ, Ф. Пих, го купи Ламборџини во 1998 год). Спомнатиот модел е хибриден, но не е сериски, затоа што производството е однапред ограничено на многу мала бројка.