LAMBORGHINI INVENCIBLE&AUTENTICA-ЕДИНСТВЕНО ДУО НА ПЛАНЕТАВА

16/02/2023

Инвинсибл и Аутентика, така се наречени двата модели од Ламборџини кои деновиве беа претставени пред светската јавност. Правени се на основа од моделот „авентадор“ и да нагласиме, овие два модели се уникати – еден примерок и толку. Затоа со цената се рамо до рамо со веќе познатите модели: „ревентон“, „сесто елементо“ и „венено“. Дали некои колекционери веќе тријат раце или, пак, примероците ќе си останат дома во музејот на Ламброџини, ќе покаже времето.

Да, „ламборџини инвинсибл„ и „ламборџини аутентико“ се модели со кои производителот се збогува со легендарната погонска единица V12 толку посебна за оваа марка автомобили.  Имало и сѐ уште има и други марки кои употребуваат V12 мотори, но како што е врзана таа ознака V12 за Ламборџини не е врзана за ниту една друга марка. Не е малку, но не е ни многу, само шест децении заедно и сега се разделуваат.

Нивниот облик е потпишан од домашното дизајнерско студио Ламборџини Центро Стиле и притоа многу внимавале да бидат внесени сите типични детали за оваа марка, почнувајќи од „мистериозниот“ шестаголник преку кој се надзира препознатливиот дизајн на Ламборџини. Таа аголна линија, или подобро да кажеме тој испрекршен дизајн со оштри линии, само ја нагласува и онака големата агресивност на автомобилот. Сето тоа со дизајнот е започнато од славната дизајнерска куќа Бертоне, а тогаш таму бил вработен мајсторот на својот занает Марчело Гандини, татко на прочуениот и легендарен модел на Ламборџини, „каунтач“. Можете да си замислите што предизвикал тој остар и аглест дизајн во далечната 1971 год. кога прототипот „каунтач“ бил прикажан на Салонот за автомобили во Женева. Тогаш автомобилот сѐ уште го немал името „каунтач“ подоцна  наменето за сериските изведби, а примерокот на изложбата го носел името „лп 500 концепт“. Присутните велеле дека тоа е автомобил од некој друг свет, а не од планетата Земја.

Токму тој дизајн е задржан до денешен ден и Ламборџини не сака да се оддели од него, бидејќи тоа е своевидна днк, печат без кој не се може. Сето тоа од дизајнот е присутно во „непобедливото“ купе и „автентичниот“ роудстер. Во обете изведби е присутен 6,5 литарскиот V12 мотор, надолжно поставен веднаш пред задната оска, односно централно поставен или најпрецизно, сместен е веднаш зад седиштата на возачот и совозачот. Моторот е атмосферски и развива 720 КС при 6.750 врт/мин. додека неговиот максимален вртежен момент изнесува 720 Нм. Огромната силина прибрана од 12 цилиндри се пренесува до сите тркала преку седум степен автоматски менувач од марката ИСР.

Уникатните примероци се направени од врвни материјали како што доликува на куќата од Санта Агата Болоњезе, пред сѐ јаглеродни влакна, материјал од кој е правен монокок основата на авентадорот, позајмена како основа за конструирање на двата „последни мохиканци“. Штета што Ламборџини се збогува од V12, но дали е тоа така? За неколку недели производителот го најави доаѓањето на замената за „авентадорот“. И сега што се случува? Ламборџини се откажува од вградување на V12, но како единствен погон во возилото. Отсега натаму Ламборџини ќе вградува само хибриден погон што значи V12 повторно ќе биде во „игра“, но покрај него ќе има и електромотор. Да не одолговлекуваме толку многу, туку да почекаме уште неколку недели и да видиме каква „ујдурма“ ни подготвува Ламборџини. Производителот сака малку да си поигра со нас осетливите на клипни мотори посебно на „ве дванаесетки“, демек ова се последните модели со таков мотор, а всушност треба да биде нагласено со таков погон, затоа што хибридниот погон сигурно ќе биде во комбинација со легендата и нејзините 12 цилиндри поставени во V.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.