Некој некого купи пред неполна деценија и дури сега им текна да направат нешто заедничко. Не дека другите имаат заедничко дело, туку затоа што се работи за две познати компании и обете во делот на најпосакуваните „играчки“ за возрасните. Едната марка е Ламборџини, а другата Дукати. Обете италијански и обете сонувани од голем број вљубеници во убавите автомобили и мотоцикли. Ламборџини како дел од групацијата Фолксваген, поточно купен од Ауди на крајот од 90 години од минатиот век (13 јуни 1998), се „дрзна“ да го купи својот прв сосед Дукати. Така и се случи во 2012 година. Им беа потребни цели осум години да се сетат да направат нешто со здружени сили. Како повод за соработката го одбраа моделот на Ламборџини, „сиан фкп 37“, кој веднаш беше распродаден. Тоа е од страната на четирите тркала, а од страната на двете, учествуваше моделот „1260 диавел“. Целта беше да се направи посебен мотоцикл на основа од „1260 диавел“, но со елементи и дизајн од моделот на Ламборџини.
Купето има V12 атмосферски мотор со близу 700 КС, а мотоциклот располага со двоцилиндричен агрегат со зафатнина од 1,3 литри кој развива 157 КС при 9.000 врт/мин. Сето тоа е недопрено, но затоа дизајнот на оклопот од мотоциклот и неговите детали претрпеле радикални измени. За дизајнот на Ламборџини е познато дека тој е целиот со оштри рабови, со оштри линии, агресивен до крајни граници, со цел да ја покаже својата силина и преку дизајнот. Овие денешни карактеристични линии водат потекло од моделот „каунтач“ прикажан пред околу пет децении на Салонот за автомобили во Женева. За тогашните посетители, но и за дизајнерскиот свет, тоа бил шок од најголеми размери. Дотогаш светот немал видено таков облик, такви нагли прекршувања на линиите со оштри рабови. Сето тоа било излезено од дизајнерската куќа „Бертоне“, а зад идејата, скиците, цртежите и финалниот изглед стоел тогашниот вработен во фирмата „Марчело Гандини“. Токму тие линии во сопственост на големиот М. Гандини, сакаат да бидат дел од мотоциклот чиј оклоп и останатите видливи детали би се вклопиле во сиот тој агрсивен „хаос“. Карбонската школка од „сионот“ е пренесена и на „дукати“ – неговиот оклоп е изработен од истите карбонски влакна. Дури и бојата беше преземена од „сионот“ што беше премиерно претставен во Франкфурт. И другите бои се присутни, но таа „верде геа“ е главната и секако се внимавало на деталите како никогаш досега.
Како што сионот беше произведен во ограничен број примероци, исто така, и „дукати 1260 диавел ламборџини“ ќе биде произведен во ограничен број, поточно во 630 примероци. Таа бројка „630“ е годината 63 (1963) од минатиот век кога за првпат светот видел автомобил со име Ламборџини на Салонот за автомобили во Женева. Почетната цена на мотоциклот е 32.000 долари, што и не е така многу за примерок со посебна историја. Продажбата ќе започне следната година во јануари. За да бидете во тоналитет со збиднувањата на Ламборџини и сè друго што е поврзано со Ламборџини, купувате еден „сион“, потоа едно од овие Дукати со наставка Ламборџини и брз моторен чамец Ламборџини кој повеќе личи на нешто помеѓу чамецот и јахта – значи да се биде комплетно во боите на Ламборџини.