Еве што најново се случува во светската автомобилска индустрија. На 6 април, во Торино официјално започна со работа најновата работилница за производство на хипер автомобили. Името на работилницата е Лафит Автомобили, создадена од Бруно Лафит и Паскал Коен. Името Лафит кажува многу нешта, но само за тие што вистински го следеле и сѐ уште го следат шампионатот во Формула 1. Бруно Лафит е внук на Жак Лафит некогашен возач во најбрзиот „циркус“, генерација со: Ники Лауда, Карлос Ројтеман, Карлос Паче, Марио Андрети, Кеке Розберг, Емерсон Фитипалди, Жил Вилнев, Најџел Мансел и останатите од тогашната клапа. Внукот на некогашниот возач во Формула 1, почнува да произведува супер и хипер купе автомобили, а својата професионална тркачка кариера ја остава зад себе.
На 3 мај годинава за време на ГН на Мајами, Б. Лафит најави производство на дури пет модели од кои три ќе бидат купе, а останатите две „сув“ теренски возила и сите со многу коњски сили. За дизајнот на возилата договорено е со фирмата ГФГ во сопственост на таткото Џорџето и синот Фабрицио Џуџаро. Големот Џ. Џуџаро ја продаде својата компанија, надалеку познатата Италдизајн Џуџаро С.П.А., на Фолксваген во 2010 год. Сега семејството Џуџаро има ново дизајнерско студио ГФГ. За врвната подготовка на автомобилите и за нивната исклучителна спортска нота се грижи компанијата ЛМ Џианети позната во тој свет како редовен учесник во подготовките на спортските возила од Формула 1, светскиот шампионат во рели и возилата од серијата Леман, а покрај тоа произведува и уникати, по нарачка. Токму оваа работилница ќе биде одговорна за супериорните особини на автомобилите Лафит.
ГФГ веќе ги има дизајните на тркачкиот автомобил „лм 1“ инспириран од тркачките автомобили од Леман, потоа теренското возило „атракс“ и отворена изведба „барчета“, а останатите две се „барчета купе“ и „атракс страдале“. Погонот на автомобилите ќе биде електричен и сите ќе имаат силина од над 1.000 коњи. На пример, купето „атракс страдале“ ќе има 1.150 КС, забрзување од 0 до 100 км/ч за 3,8 секунди и 240 км/ч крајна брзина. Со едно полнење на батеријата купето ќе изминува околу 440 км, а полнењето ќе трае 20 мин. со брзиот полнач. Моделот „лм 1“ со истата силина ќе забрзува до 100 км/ч за време од 1,9 сек. и максимална брзина од 410 км/ч. Купето и отворената изведба (барчетата) ќе располагаат со силина од 578 коњи, 390 км/ч крајна брзина и забрзување до 100 км/ч за 3,5 сек. Цената на еден примерок ќе се движи околу 1,6 милиони долари, а за производството задолжена е компанијата ЛМ Џианети, со тоа што готовите примероци треба да се појават во првиот квартал од 2024 год.
Бруно Лафит имаше сличен проект и во 2020 год. но проектот немаше завршница, сѐ остана само на хартија.