Колумна своерачно-ЗАЈДИСОНЦЕ

27/06/2023

ОДГОВОРОТ „ОД ЗЕМЈАТА НА ИЗГРЕЈСОНЦЕТО“ ВЕРОЈАТНО ЌЕ СТИГНЕ НАСКОРО, НО ВО МЕЃУВРЕМЕ МОРА ДА СЕ КОНСТАТИРА ДЕКА ТАМУ ДЕЛУВА КАКО ДА Е ВО ПРАШАЊЕ „ЗАЈДИСОНЦЕ“ КОГА СТАНУВА ЗБОР ЗА ТРКИТЕ

 

Кога се раскажуваат примери за јапонската култура, вообичаено тоа го потенцира различното поимање на луѓето од Далечниот Исток за тоа како треба да им се пристапува на нештата. Некогаш се зборува за работната дисциплина, некогаш за честа, некогаш за образованието, но најчесто за разликите. Во ред, ние на европскиот континент можеби имаме поинаков агол на гледање на нештата, но свој агол имаат и Американците, веројатно и Африканците …

Кога се во прашање трките, сметам дека е сосема издржано да се каже дека без јапонските компании од авто мото светот, овие натпреварувања едноставно не би биле исти. Хонда на пример, можеби не е најголема (тој епитет по волумен и припаѓа на Тојота), но дефинитивно има голема историја и во Формула 1 и во Мото ГП. Минатиов месец го најавија своето враќање во Формула 1 од 2026 година, откако претходно во 2020 година стигнаа до шампионскиот успех со Ред Бул и решија да се повлечат. Во 2008 година (и појавата на светската криза), решија да го продадат својот фабрички тим на Рос Браун, кој го купи за еден долар, но со него ја освои шампионската титула во 2009 година. Со Мекларен и Вилијамс имаа славни моменти на крајот од осумдесеттите и почетокот на следната декада, кога за нив титули освоија Нелсон Пике и Аиртон Сена.

Сега ќе направат камбек со Астон Мартин.

Во спортот, ретко се гледаат „праволиниски“ нештата, би рекол дека циклусите со подеми и падови се мошне поприродни. Од таков аспект би ги споменал и учествата на другите фабрики во Формула 1, како Тојота која имаше свој тим речиси цела декада, додека како снабдувачи на мотори се јавуваа и други компании. Спротивно од ова, мотоциклизмот (особено во последните децении) покажа дека им дозволува повеќе простор на компаниите за експонирање со свој тим, па така Јамаха направи историја со Валентино Роси и Хорхе Лоренцо на стартот од ова столетие, додека со шампионски титули се закити и Сузуки. Но, исто така, дојдоа и моменти кога Кавасаки и Сузуки решија да се повлечат, а на Хонда и Јамаха не им оди најдобро. Ако во Формула 1 нештата навистина мора да се планираат долгорочно и успехот не може да се постигне преку ноќ, ни во Мото ГП чудата не се можни по инстант рецепт. Силните резултати на Дукати, па ако сакате и на КТМ и на Априлија не дојдоа за една година. Одговорот „од земјата на изгрејсонцето“ веројатно ќе стигне наскоро, но во меѓувреме мора да се констатира дека таму делува како да е во прашање „зајдисонце“ кога станува збор за трките на две тркала. Дополнително, Јамаха ги загуби и Роси и Лоренцо, а Хонда се обидува од петни жили да го врати во игра Марк Маркез, кој неколку сезони по ред има проблеми со победите. Верувам дека некоја опфатна анализа би можела да укаже и на повеќе други моменти, но дефинитивно како што е потребна свежина на страна на возачите, така е потребно и да се види како да се пристапи во реструктурирањето на јапонските тимови кои исчезнуваат од сцената. Хонда го доведе Жоан Мир во своите редови (покрај Маркез), додека Јамаха засега оди со Куартараро и Морбидели. Вообичаено, во периодот околу летната пауза се објавуваат и поставите за следната сезона, па ќе се види дали ќе има промени на ова поле.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ