Колумна своерачно-ТРКАЧКА ИНДУСТРИЈА

23/05/2023

ДА СЕ ВИДИ И СЛУШНЕ ОДБЛИЗУ ТРКАЧКА МАШИНА Е СЕКОГАШ ПОСЕБНО ЧУВСТВО, ТЕШКО СЕ ОПИШУВА СО ЗБОРОВИ, А НАЈЧЕСТО И РАЗЛИЧНИ ЛУЃЕ ПОИНАКУ ГО ОПИШУВААТ, НО ГЕНЕРАЛНО СЕ СОГЛАСНИ ОКОЛУ ТОА ДЕКА „ГИ ВАДИ ОД НОРМАЛА“

 

Авто-мото трките се спорт што привлекува внимание поради својата атрактивност и гледливост, но исто како и секој друг спорт, претставува основа за бизнис. Највидлив сегмент е можеби маркетингот, бидејќи рекламите на возилата се препознатлив детаљ и се неопходни за еден учесник да може да ги поднесе трошоците за натпреварување. Меѓутоа, буквално од продажбата на паркинг места, вода, сокчиња и сендвичи, па сè до овозможување на сместување за гостите кои се дојдени заради трките, се смета како услуга од која може да се заработи. Најчесто кога сакаме да зборуваме за ваквите теми, ги цитираме сознанијата од медиумите за светските првенства како Формула 1 или Мото ГП, но јас лично бев фрапиран од сознанијата (во најголем дел добиени преку социјалните мрежи) колку посетители имаше во Хрватска за нивното рели кое од скоро се бодува и за светскиот шампионат. Само од нашава земја имаше барем десетина возила со сериозни луѓе, љубители на мотоспортот, кои отпатувале речиси 1.000 километри за да го почестат своите сетила со сензации од местото на настанот. Но, тоа е од гледна точка на организаторите. Индустријата е многу пошироко разбрана, па во таа гранка спаѓаат и разните школи, и за тркачки возачи, но и за тркачки инженери. Организацијата на настани е круната, која има пошироко влијание за една заедница.

Претпоставувам дека е слично во секој спорт, па еве дури и шахот ако го земеме за пример, и таму еден играч мора да посетува турнири, притоа да патува, да се сместува и храни, да користи алатки за свое унапредување од типот на компјутерски програми, да се консултира со различни тренери, да бара спаринг партнери и клубови за своја надградба, да се бори за извесни норми и да плаќа во федерацијата за нивна верификација, итн.

И додека талентите за спорт работат на тоа да ги развиваат своите вештини и на тој начин евентуално да стигнат до заработка, оние кои имаат само резон за бизнис се обидуваат до парите да стигнат со тоа што ќе се вклучат во таа индустрија и ќе најдат начин да си обезбедат дел од колачот. Притоа, оние кои ја разбираат економијата на ниво на наука, ќе ги употребат и сознанијата што може да им „ги отворат очите“ за деловни активности.

Пребарувајќи на Интернет, имав можност да „налетам“ на истражување за НАСКАР, кое нуди демографски податоци како основа за перцепција на бизнисот. Така, може да се сретнат податоци дека еден од тројца возрасни го следат овој спорт, ги има од повеќе возрасни групи, но најмногу од онаа која ги опфаќа луѓето од 18 до 34 години. Американците востановиле дека оваа публика има најголем просечен приход по домаќинство, поголем и од другите (можеби популарни) спортови. Дополнително, 40% од публиката се жени, а 20% припадници на разни малцински групи што живеат во САД.

Верувам дека постои сличност и во параметрите, но и во пазарната логика, поради што тркачката индустрија може да има свое место и во македонската економија. Бизнисот е оној што ги задвижува нештата, што може да ги отвори вратите за развој на спортот. Во таа насока, обидите на поединци, од картинг центар до тркачки тим, ќе останат само обиди додека нема поцелосна стратегија и подобра организација, како што доликува на една индустрија, преку стопанските комори и сличните бизнис заедници. За почеток, убаво би било некој да стави прст на чело и да ги собере заинтересираните страни на едно место, а потоа и да се зацртаат цели за иднината.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ