КОЛУМНА СВОЕРАЧНО-„ТАЗИ ДУПКА НЕ Е ДУПКА“

27/06/2025

ИСТОРИЈАТА НА КОНФЛИКТИ МЕЃУ МАКС ФЕРСТАПЕН И СИТЕ ОСТАНАТИ, БЕШЕ ВО СЕНКА НА НЕГОВИТЕ НЕОДАМНЕШНИ УСПЕСИ, НО ПОВТОРНО СЕ СЕЛИ ВО ЦЕНТАРОТ

 

ФИА во светот на моторспортот ја има улогата на владејачко тело кое ги носи и спроведува прописите кои се еднакви за сите. Ако се обидеме да направиме паралела меѓу тој свет и овој граѓанскиот што го познаваме, тоа би значело како да се споени министерството за правда и министерството за внатрешни работи, со цел да обезбедат „јавен ред и мир“. Оттука, како што во секое општество постојат либерални сфаќања околу ограничувањата кои со себе ги носат одредени прописи, така и имиџот на „полицајците“ наспроти „голораките претставници на народот“ знаат да донесат симпатии за некои „урбани бунтовници“. Не многу одамна, додека претседател на ФИА беше Жан Мари Балестре, неговиот конфликт со Аиртон Сена создаде негативен имиџ за федерацијата, а истиот беше соодветно документиран и прикажан во документарните филмови кои се појавија подоцна. Така се појави Макс Мозли и со лобирање преку Берни Еклстоун успеа да го исфрли Балестре од канцеларијата, а потоа и да владее четири мандати со ФИА.

Оваа година е изборна за светската автомобилистичка федерација, па нарушувања на „редот и мирот“ можат да бидат само во корист на опозициските кандидати, кои би посочувале дека оној што е на власт не си ја врши работата како што треба. Точно пред еден месец, на почетокот од мај, „Скај Спорт“ објави дека двократниот светски првак од рели трките, Карлос Саинц, кој воедно е татко на Ф1 пилотот Карлос Саинц Јуниор, ќе биде кандидат на изборите и ќе се соочи со актуелниот предводник Мохамед Бин Сулајем. Бидејќи само еден мандат е во канцеларијата што ја презема од Жан Тод, Мохамед Бин Сулајем не може да се пофали со многу сработени проекти. Неговиот мандат започна со Ф1 драмата во Абу Даби во 2021 година, кога требаше да решава за судбината на персоналот кој раководеше со трката на која Ферстапен ја освои првата титула, а Хамилтон три месеци тактизираше со објавата дали ќе продолжи да вози. Мерцедес вложи жалба, но единствено што се постигна беше да биде разрешен директорот на трката Мајкл Маси.

Тоа не значеше дека Бен Сулајем се стави на страната на Мерцедес, но подоцна го прошири јазот со Ферстапен, наоѓајќи забелешки околу неговиот речник и носејќи прописи за тоа да биде санкционирано во сите светски првенства под капата на ФИА. Иако Ферстапен го одработи „доброволниот јавен сервис“ како надомест за употребата на вулгаризми, тој не го криеше дистанцирањето од казните за вербален деликт.

Последниот инцидент што се случи на патеката во Барселона меѓу Ферстапен и Расел, неодминливо потсетува на моментите од 1997 година, кога Михаел Шумахер го удри Жак Вилнев во борбата за шампионската титула. Овој пат, титулата не беше во прашање, но веројатно ова беше најлегитимната можност за Ферстапен да се казни за сета агресивност која ја демонстрираше од почетокот на кариерата. Наместо тоа, тој доби казна од 10 секунди и три негативни бода на возачката лиценца.

Лично сметам дека ФИА за првпат направи лоша проценка, веројатно стравувајќи од лошиот публицитет во пресрет на изборното собрание закажано за декември оваа година во Ташкент, Узбекистан. Можеби немаше доволно „штоф“ да се употреби дисциплинскиот правилник со иста сила како за Шумахер, меѓутоа имаше доволно простор за вистинска постапка со соодветни санкции. Наспроти тоа, слушнавме наратив дека „нема што да кажам, кога забрането ми е да критикувам“, што дополнително создава поткопување на довербата кон ФИА.

Макс Ферстапен е несекојдневен талент и редок примерок на возач кој соборил многу рекорди во Формула 1, почнувајќи од оној како најмлад победник во трка. Од друга страна, правилата важат за сите, и удирањето на Расел да беше во неизборна година веројатно ќе беше многу подрастично. Но, за жал, правдата (во светски рамки) се помалку е производ на спроведување на законите, а се повеќе на преговорите, токму како во стариот виц за поништената возачка дозвола од страна на бугарски полицаец и повлекувањето на одлуката подоцна со допишување „тази дупка не е дупка“.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.