ПО НЕКОЛКУ ГОДИНИ ВО КОИ ГИ ВИДОВМЕ ВРВНИТЕ МАКЕДОНСКИ ВОЗАЧИ НА МЕЃУНАРОДНО НИВО, ДОАЃА СЕЗОНА СО ПОИНАКВА СОДРЖИНА
Игор Стефановски Иџе останува единствен претставник на Македонија на меѓународната сцена во 2025 година. Трикратниот шампион на Европа на ридски патеки ја живее „втората младост“ со новиот автомобил од семејството Ферари 488, кој го набави пред 2024 година.
На стартот од сезоната или попрецизно кажано по две извозени трки во Франција и Австрија, тој е на третото место во генералниот пласман, како возач кој настапува во Категорија 1, група 1. За очекување е да слушнеме за повеќе подиуми во текот на сезоната, поради неколку причини: тој веќе добро ги познава патеките каде што се вози Европското првенство, патува на сите трки од сезоната, го дава својот возачки максимум и има соодветен тим околу себе што му ја дава потребната поддршка.
За разлика од него, Ристо Вуков и Викотор Давидовски оваа сезона нема да настапуваат во своите шампионати, каде што изградија препознатлив имиџ (Вуков во Порше Суперкуп, а Давидовски во ТЦР Европа). Состојбата со трките на европско ниво не е за пофалба, самото натпреварување ТЦР Европа минатата година се соочи со повеќе предизвици, а учеството на возачите е значително намалено. Така на пример, дури ни двократниот европски шампион Франко Џиролами, нема да вози во ТЦР Европа, ниту пак ќе прогресира на светско ниво, па се одлучи да ја испроба новата серија ТЦР Ендуранс Европа. Ваквиот расплет не е убав за никого, ниту за возачите, ниту за публиката, ниту за оние кои се претставуваа преку нив (спонзори, државни институции кои го помагаат спортот). Автоспортот е опасен спорт, во кој мора да се влезе добро подготвен и со солиден автомобил, како и со тим на инженери кои знаат да го подготват возилото за трка. На тој начин се создава и пренесува едукација, која на светско ниво еволуира и веќе сме сведоци на трки како Формула Е, па дури и на нови правила во најава каде што возилата ќе користат мотори со внатрешно согорување, но синтетичко гориво кое нема да прави загадување на атмосферата.
Трките се лабораторијата на автомобилската индустрија и знаењето стекнато таму е конвертибилна валута во денешниот свет каде што технологиите постојано се менуваат и усовршуваат. За жал, со исклучок на задржаната традиција во мотокросот, не можеме да се пофалиме ниту со други унапредувања на локално ниво, а нашиот подмладок најчесто патува во соседството за да се натпреварува во картинг трки. Отсуство на каква и да е стратегија во авто спортот е факт што не ветува подобра иднина.
За очекување е дека поединците треба да разберат дека самите треба да стигнат до ситуација да изградат имиџ и да создадат име. Во случајот на Иџе, тоа беше инвестиција во возило кое беше постаро, но сè уште конкурентно, а 10 години подоцна со Мицубиши Лансер Ево 9 сè уште се натпреваруваат во тоа првенство. Сите сонуваат за седиште во Ферари, но факт е дека за такво нешто се потребни години, ако не и децении исплнети со успеси.
Дали е време да се свртиме кон помладите или имаме друга опција? Светот отсекогаш им останувал на младите, но актуелните македонски асови се во полна зрелост. Стефановски, Давидовски и Вуков се полни со знаење и искуства, па некој треба да ги сослуша и да димензионира нешта кои ќе ја подигнат македонската автомобилистичка сцена. Во Хрватска на пример, се загова старт на серијата ТЦР Хрватска, како и изградба на нов автодром крај Дубровник. Би бил пресреќен ако дознаам дека макар една слична работа е во план на нашево поднебје.