„НИШТО ВЕЌЕ НЕ Е СВЕТО, СÈ Е БРУТО И НЕТО, СÈ Е ЗАБАВА“ ВЕЛИ ЕДНА ГОЛЕМ ХИТ ОД ХРВАТСКИОТ БЕНД „ХЛАДНО ПИВО“
Купувањето на промотерската компанија што го водеше Мото ГП е можеби не е „вест на деценијата“ која ќе им значи нешто конкретно на љубителите на спортот, но го има потенцијалот да донесе ефект кој што ќе биде долгорочно видлив во трките. Фактот дека новиот сопственик („Либерти медија“) пред неколку години најпрво ја купи промотерската компанија што го водеше бизнис делот на Формула 1, а сега влегува и во мото трките, дефинитивно е потег што навестува дека по овој основ ќе следат уште вести во иднина.
Сите кои ги изнесоа своите првични мислења досега генерално се обидуваат да ги предвидат следните промени во мото трките, првенствено базирајќи се она што го виделе како новитет во Формула 1. „Американизацијата“ на Ф1 е веројатно најлесно воочлива преку организацијата на новите две трки во Мајами и Лас Вегас, но и преку зделката со „Нетфликс“ за подготовката на серијата „Drive to survive“.
Несомнено, ова донесе до пораст на популарноста на овие трки во Северна Америка, каде што веќе со традиција се возеа трките во Остин и Монтреал, а влијаеше и за подигнување на свесноста за спортот преку низата промотивни чекори.
Во ерата на Берни Еклстоун, раководењето со Формула 1 донесе многу перипетии кои беа јавно експонирани, особено афери за екипи кои запаѓаа во кризи или за сензации кои се темелеа на приватната соработка со Мозли и ФИА. Со „Либерти медија“ и таквите „урбани легенди“ ги снема, но се отвори друга страна на приказната, во која често ФИА (или нејзиниот претседател) е експонирана како страна што се обидува да има влијание во носењето на одлуки како порано.
Дали фактот што „вредноста“ на Формула 1 порасна под „Либерти медија“ можеби е знак дека тие како инвеститори можеби размислуваат за продажба и откажување од овој бизнис? За мене тоа е главното прашање, бидејќи ФИМ и мотоциклистичките првенства делуваат многу полесни од организациски аспект, а особено помалку оптоварени од политиката која е „нужно зло“ во Формула 1. Според мене, во овој момент тоа не е нешто од што треба да се стравува на кус рок, но ако гледаме на долг рок, тоа е можно да се случи доколку „Либерти медија“ се реши да се испроба во друг сегмент. „Ништо веќе не е све+то, сè е бруто и нето, сè е забава“ вели една голем хит од хрватскиот бенд „Хладно пиво“ и само би поентирал дека има бизниси кои се поголеми и од Ф1 и никогаш не се знае кои би можеле да бидат сферите на интересот во иднина.
Од друга страна, Американците демантираа дека имаат намера да продаваат пакети или да организираат заеднички трки, бидејќи освен што се сродни, овие два спорта сепак имаат поинаква публика. Дури би рекол дека и мотоциклистите се поверна публика со јасно дефиниран (моторџиски) идентитет, додека во Ф1 има и многу кои тука се заради мода, медиуми и сè она што оди во пакет со еден голем „циркус“. „Либерти медија“ ги укина грид девојките во Формула 1 цитирајќи дека тоа е контра нивните заложби за родова еднаквост и таквата појава е од шовинистичка природа, но беше демантирано дека тоа би требало да се случи во Мото ГП. Тоа ќе отвори друга дебата за двојни аршини и ќе биде интересно да се следат примерите и да се повлекуваат паралели меѓу двата спорта, двете федерации (ФИМ и ФИА), а под контрола на ист сопственик.
Првенствено, очекувам двата спорта да не си бидат конкуренти и да се „избегнуваат“ во исти термини на ТВ, на исти автодроми или на исти територии, а потоа и да бидат посилни како пакет за извесни спонзори. Љубовта меѓу „Либерти медија“ и моторспортот во овој момент е очигледна, но секогаш постои оној момент „додека нешто не ги раздели“. Во минатото и други се обидоа да „влезат во чевлите“ на Берни Еклстоун, но пропаѓаа и не успеваа. „Либерти медија“ засега се чини дека успешно ја води приказната, но претпазливост никогаш не е на одмет, бидејќи веќе ништо не е свето…