ДАЛИ ГОЛЕМИТЕ ФАБРИКИ ИМААТ ХРАБРОСТ ЗА РАМНОПРАВНА БОРБА СО НЕЗАВИСНИТЕ ПРИВАТНИ ТИМОВИ?
Процесот на профилирање на иднината во Формула 1 започна со промоцијата на предложените правила од страна на организаторите на трките од светското првенство, но ултимативното прифаќање на предлогот ќе биде официјален дури откако сите страни ќе се обврзат со нов договор за учество во овој шампионат за одреден период на години. Имајќи предвид колку стресни беа преговорите во минатите две декади, при речиси секое продолжување на договорот, просто би било изненадување ако се помине глатко и без потреси од незадоволните страни.
Не е на одмет да се потсети дека екипите се организираа во своевиден фронт против ФИА, заканувајќи се дека ќе направат приватна тркачка серија, при што најгласни секогаш беа од Ферари, кои напуштањето на Формула 1 го користеа како средство за манипулирање со преговарачката позиција. Додека Берни Еклстоун беше предводник на ФОМ (Formula One Management), односно компанијата што ги менаџерира ТВ правата, секогаш наоѓаше начини како да го скрши тоа заедништво и да ги принуди другите на преговори во кои решението секогаш се наоѓаше.
Досега, главен „камен за сопнување“ беа парите за распределба од ТВ правата, но откако на позицијата на Еклстоун дојдоа американските инвеститори од „Либерти медија“ кои го обезбедија мнозинскиот пакет на акции во компанијата, преговорите отидоа во друга насока. Правилата недвосмислено сугерираат поедноставување на болидите каде што предното и задното крило ќе бидат јасно дефинирани, па нема да има простор за големи добивки на полето на перформансите од страна на аеродинамиката. Таканаречената „урамниловка“ освен во делот на регулативата, ќе биде воведена и како своевиден „финансиски фер плеј“, односно некои правила кои веќе постојат во фудбалот, но и во американската професионална кошарка (лимитирање на буџетите). Со други зборови, големите фабрики досега ја користеа својата позиција во однос на другите приватни тимови да трошат огромни финансиски средства во разни цели, само да направат болиди кои ќе бидат побрзи, а другите нема да имаат шанса да ги стигнат со оглед на тоа дека таквите добивки во перформансите произлегуваат од скапи технологии што тие не можат да си ги дозволат.
Како претставник на организаторот, меѓу потписниците на новите правила е Рос Браун, еден од двајцата најуспешни инженери на денешницата (заедно со Адријан Њуи од Ред Бул), кои ја одбележаа современата историја на овој спорт од 1990 година па наваму. Браун беше технички директор на Бенетон Рено, потоа на Ферари, Хонда и Мерцедес, така што добро ја познава работата од онаа страна на „оградата“, но сега е прв човек за спортот ангажиран од новите сопственици и ја промовира идејата за Формула 1 да биде подостапна за приватните тимови, а со тоа да нема издвоени неколку болиди на врвот. Кога беше запрашан дали очекува „побуна“ како претходно видените, Браун беше дециден дека Формула 1 ќе продолжи да постои и без незадоволните, испраќајќи индиректна порака до сите на кои не им се допаѓаат новите принципи дека нема да има отстапки како во времето на Еклстоун.
Оттука, и преговарачките позиции на екипите одат во насока на тоа дека инвестициите во Формула 1 можат да бидат „оладени“. Рено има комплетно нов менаџмент по скандалот во кој беше инволвиран претходниот генерален менаџер Карлос Гон, па се наметнува прашањето дали ќе остане во Формула 1 ако не им се допаѓаат новите правила, или, пак, можеби ќе ја искористат таа шанса токму за да направат пресврт.
Ферари во моментов е најтивок, додека германските медиуми шпекулираат со продажба на тимот кој досега беше сопственост на фабриката Мерцедес. Наводно, тие би сакале да останат во Формула 1 само како снабдувачи со мотори, бидејќи правилата за развој би биле „замрзнати“, па тие можат само да профитираат од продажба на мотори без да трошат на сопствен тим, кој би немал гаранција за доминација како досега.
По сето претходно напишано, станува јасно дека обновувањето на договорот со правата и обврските меѓу органи- заторите и учесниците нема да оди идеално, но веројатно помалите екипи ќе го прифатат таквиот предизвик. На потег се големите фабрички тимови кои ќе мора да ги прифатат новите услови на игра, а со тоа и ризикот да бидат победени од некој независен приватен тим, што би била вистинска шлаканица. На ФИА е само да опстои на ставот дека спортот треба да биде подостапен за сите и на тој начин да го елиминира.