Колумна своерачно-„ПЦУЕ КАКО КОЧИЈАШ“

26/11/2024

ФИА ГИ ЗАОСТРИ КРИТЕРИУМИТЕ ЗА ГОВОРЕЊЕ ПРЕД СВЕТСКИТЕ МЕДИУМИ, ПА ИЗРЕЧЕ КАЗНИ ЗА НЕСООДВЕТНИ ЗБОРОВИ КАЖАНИ НА ОФИЦИЈАЛНИТЕ ПРЕС КОНФЕРЕНЦИИ ВО НИВНА ОРГАНИЗАЦИЈА, ПРИ ШТО ПРВИ „ЖРТВИ“ СЕ МАКС ФЕРСТАПЕН И ШАРЛ ЛЕКЛЕР

 

Новото поглавје на „злосторство и казна“ во Ф1 започна кога Ферстапен на прес конференцијата во Сингапур го објаснуваше однесувањето на својот болид на претходната трка, при што според официјалните лица употребил пцовка. Тоа повлече докажување дали и колку тоа било навредливо и кој бил навреден, па на крајот Холанѓанецот беше казнет со „општествено корисна работа“.

Претходно, Ферстапен е казнет заради кошкање во официјалната гаража на ФИА, кога по трката во Бразил го нападна Окон заради судирот што го имаа на патеката. Тогаш казната за „општествено корисна работа“ беше преточена во тоа да ги посети стјуардите на трката во Формула Е и да се запознае со нивната работа. Случајот на Леклер е нешто поинаков, па така, говорејќи на прес конференцијата во Мексико каде што заврши како третопласиран поради грешката во последниот свиок (Норис го презема второто место), тој објасни дека чувствувал преуправливост од страна на болидот, бил збунет и го употреби фамозниот англиски Ф-збор. Тој веднаш се извини и дополни дека не би сакал да биде казнет како Макс Ферстапен. Сепак, бидејќи карванот замина од Мексико за Бразил, на следниот гран-при викенд дозна дека сепак е казнет со 10.000 долари. Фактот дека ја воочил грешката и се извинил може „да се прочита“ дека му донел олеснување, па 50% од износот на казната ќе може да го зачува доколку не го повтори прекршокот во следните 12 месеци.

Прекршокот е опишан во членот 20 од Интернационалниот спортски правилник, а во соопштението на стјуардите е наведено дека тој се покајал и изјавил дека ја разбира улогата на роле-модел како врвен спортист.

Иако овој „инцидент“ помина во посмирен тон, за разлика од првиот „дијалог“ меѓу Ферстапен и Мохамед Бин Сулајем, сепак асоцијацијата на возачите која ги обединува сите 20 пилоти од Формула 1 се јави со своја реакција на крајот од бразилскиот гран при викенд. Очекувано, тие посочија дека сакаат да ги следат правилата на што се имаат обврзано како учесници, но посочија дека има разлика во намерно навредување и описи на некои ситуации кои најчесто се неописиви (временски околности, однесување на болид, итн).

За мене најзначајниот дел од нивното соопштение е дека му порачаа на претседателот на ФИА да внимава на својот тон и како им се обраќа на возачите, посочувајќи дека треба да разговара со нив како со возрасни, а не да упатува пораки преку медиумите за носење на накит или долна облека (случај Хамилтон). За да биде целиот случај уште побомбастичен, побараа финансиска транспарентност и отчет за тоа каде се трошат парите од казните што им се доделуваат на возачите и кој е бенефитот на спортот.

Јасно е дека заплетот достигнал кулминација и сега ситуацијата е уште повеќе поларизирана и можни се компликации. Двете страни имаат свои аргументи, а тие се вртат околу почитта. Додека претседателот на ФИА смета дека треба да се задржи нивото и да се почитуваат правилата за добро однесување, возачите бараат повеќе почит како едни од главните актери на шоуто. Во моите очи, и двете страни се во право: ФИА го прави она што треба да го прави и да ги спроведува правилата, но и возачите имаат свои поенти.

Искрено, не знам дали метафората „пцуе како кочијаш“ е стриктно локална и нема интернационална верзија, но сепак мора да упатам дека истата настанала токму поради грубиот јазик на возачите кои требало да се справуваат и со коњите, и со исправноста на кочијата, патните услови, како и сите можни незгоди вклучувајќи ги тука и напорните патници. Во неодамнешното интервју со првиот човек на мотоспортот во Волво, Александар Мурџевски Шедвин, беше повторена една негова мисла дека овој спорт се заснова на емоциите што ги креира. Исто како и брмчењето на болидите, „брмчењето“ на пилотите треба да биде „легализаран фолклор“, а кога ќе се надминат границите, да се аплицираат казни за кои ќе биде познато каде се уплаќаат средствата и што се прави со нив.

Своевремено, ФИА го казни Мекларен со 100 милиони долари за поседување доверливи материјали од противнички тим, а дел од тие пари беше доделен во извесен фонд за развој. На крајот од денот, и односите со јавноста еволуираа како наука и можат да помогнат во оваа ситуација за приказната да биде „испеглана“ и валидна за сите страни. Потребно е само малку волја!

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ