КОЛУМНА СВОЕРАЧНО-ПРИНУДНО ПРИЗЕМЈУВАЊЕ

13/09/2019

СО ГОЛЕМА РАДОСТ ВО СВЕТОТ НА ТРКИТЕ ГИ ПРИМИВМЕ НОВИТЕТИТЕ КАКО ШТО СЕ АВИОНСКИТЕ ТРКИ, НО И ТРКИТЕ СО ЕЛЕКТРИЧНИТЕ ВОЗИЛА, А НАСКОРО ТРЕБА ДА СТАРТУВААТ И ОНИЕ СО ЕЛЕКТРИЧНИ МОТОЦИКЛИ. СЕПАК, НА КРАЈОТ ОД ДЕНОТ, СЕКОЈА ТРКАЧКА СЕРИЈА Е СВОЕВИДЕН ОРГАНИЗАМ КОЈ СЕ БОРИ ЗА ОПСТАНОК, ПОКРАЈ ТОА ШТО СЕ БОРИ И ЗА ПУБЛИКА.

 

Иако беа најавени осум трки за годинешниот календар, светското првенство во авионски трки објави дека ќе се одржат само четири, а потоа ќе следи крај на ова натпреварување. Да не беше оригиналната идеја со воздушните столбови, со кои се креираше слалом патека над водени и земјени површини, а потоа и публика (само на последната трка на Балатон во два дена имало сто илјади луѓе!), навистина секој би помислил дека станува збор за собир на некои аматери, а не на врвните 14 акробатски пилоти во светот. Сепак, и покрај успехот виден и во пракса, ова ќе биде втор прекин на ова светско првенство кое започна во 2003 година, а првата пауза ја направи по сезоната во 2009 година.

Своевремено, беше укажано дека таа пауза е побарана од Ред Бул за престројување на учесниците во фајтери за безбедност на трките и на публиката, наместо во гладијаторски игри. Навистина имаше промени и во форматот, па така заживеа и концептот со две елиминациски рунди по што продолжуваат само четирите најдобри во финалната трета рунда. И кога се чинеше дека овие трки стекнуваат светска слава, се распространија на повеќе континенти, стигна веста за прекин.

Нема никаква мистерија во одлуката за новиот прекин, бидејќи истата е елаборирана исклучиво со недостаток на заинтересирани организатори. Иако самиот шампионат беше акредитиран од Светската аеронаутичка асоцијација (ФАИ), а светската слава ја стекна благодарение на спонзорството од Ред Бул, сепак за разлика од Формула 1 и Мото ГП кои имаат по 20 трки во сезона, главните протагонисти од ова светско првенство не беа доволно атрактивна мамка за организаторите ширум светот.

Во своето постоење со прекини низ минатите две децении, пилотите имаа дуели на многу интересни места, почнувајќи од кралскиот хиподром на Обединетото кралство во Аскот, или, пак, автодромот Индијанаполис, како и колевката на јапонската авијација во Чиба. Се чини дека „бисер во круната“ беше летањето на екстремно ниска височина под мостот Ланчид во Будимпешта.

Сепак, одличниот ТВ производ кој е на ниво на другите светски првенства, повторно не е клучниот аргумент. Недостатокот на организатори кои ќе бидат подготвени да интервенираат и да се справуваат со локалните предизвици при организацијата е дефинитивно најтежок дел. Високото ниво кое беше наметнато донесе до вртоглави суми за чинење на еден настан, при што дури и големите метрополи тешко наоѓаа разбирање за таквиот трошок „во име на на- родот“.

Моделот на егзистенција како Формула 1 и Мото ГП со локални промотори беше тестиран во случаите кога како домаќини на трките се јавуваа некои автодроми, но за жал шоуто е поинакво кога се следи од трибините бидејќи за разлика од другите трки нема директни натпреварувачки дуели, а секако и не е рамноправно ако на други места истото е бесплатно достапно за гледање (најчесто во метрополите покрај големи водени површини како Абу Даби или во Унгарија). Организацискиот модел на другите големи спортови се потпира на парите од ТВ правата кои повторно тука тешко се наплаќаат. Додека другите трки нудат саат или два акција, тука таа трае повеќе саати, но е расцепкана во неколку полувремиња со повремени паузи. Таквиот „нетелевизичен концепт“ прави најинтересните моменти да се следат одложено, а тоа ја намалува цената на шоуто.

Сето ова ја потенцира улогата на бизнис моделот, па за евентуалниот рестарт на светското првенство мора да бидат разгледани други опции од други спортови, како на пример скијачкиот концепт со неколку трки во една недела на една локација, или, пак, можеби новите трендови на неколку држави домаќини на еден заеднички спортски настан. Во секој случај, спортот и спортистите го заслужуваат тоа!

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.