Колумна своерачно-„ПРИКАЗНИ ЗА МАЛИ ДЕЦА“

21/11/2023

ВО НАШИОТ ЈАЗИК ИЗРЕКАТА ОД НАСЛОВОТ Е ОДОМАЌИНЕТА КОГА СЕ САКА ДА СЕ УКАЖЕ ДЕКА НЕЧИЈ ГОВОР ИЛИ ИЗЈАВА НЕ СООДВЕТСТВУВА НА НИВОТО КОЕ ВЛЕВА ДОВЕРБА КАЈ ВОЗРАСНИТЕ И МУДРИ ЛУЃЕ

 

Настојувањата да се создадат правила што ќе овозможат поизедначени трки во Формула 1 траат со децении. Последните зафати во смисла на редефинирање и упростување на аеродинамиката беа во таа насока, како и воведување на 18 инчи пневматици кои требаше да бидат основа за пренос на технологијата од спортот во автомобилската индустрија. Претходно видовме и воведување на турбо (хибридни) мотори, а уште пред тоа имаше и други обиди со интродукцијата на КЕРС…

Еден од најгласно коментираните аргументи беше дека на Ф1 не и е потребна „војна“ на производители на пневматици, па така веќе десетина години Пирели е ексклузивен снабдувач. Поентата беше дека во услови кога има двајца (или повеќе производители) на гуми, главен диференцијатор на перформансите ќе биде еден производ чија што вредност (во тоа време) беше околу илјада долари, а наспроти тоа тимовите трошат милиони на аеродинамика, а фабриките инвестираат во технологија за да произведат подобри и посилни мотори.

Беа испробани повеќе сценарија со пневматиците, па така имавме видено и по пет типа на гуми кои требаше да ја зголемат стратешката страна, но се навлезе во комични наслови на смесите кои од меки станаа супер-меки, ултра-меки, хипер-меки итн. Своевремено, беше побарано од Пирели да прави пневматици со покус рок на траење, но наместо честитки за испорачаното, фабриката се соочи со негативен публицитет и изјави од возачите дека гумите премногу се трошат. Последниот сет мерки меѓу другото ги ограничи и екипите со нивните финансиски буџети, па не смееја и да испробуваат или тестираат „во живо“, туку претежно на симулатор, односно онаму каде што не се користат пневматици. А Пирели продолжи да работи на „унапредување“ на смесите и да ги менува.

И доаѓаме до делот кога треба да се направи евалуација на правилата воведени во 2022 година, за кои тогаш беше речено дека не можат да донесат изедначување на перформансите во една година, па ќе им требаат уште неколку. Наспроти виденото во 2022 година, во 2023 разликите меѓу екипите се зголемија, а Макс Ферстапен и Ред Бул ги соборија сите можни рекорди во една сезона, што доволно говори за нивната доминација: стана шампион на пет трки пред крај на сезоната, на две трки пред крајот има 17 победи, најголем број поени и километри во водство, а на вечната листа стигна да го надмине и Ален Прост во бројот на победи.

Она што може да се слушне и прочита во анализите по трките е дека болидот на Ред Бул е особено нежен кон гумите, додека сите останати се мачат со нивно прегревање и деградација. На последната трка во Бразил, според тимскиот шеф на Мекларен, Андреа Стела, деградацијата на болидот на Норис била со ефект од една десеттинка од секундата во еден круг, додека кај Ферстапен загубата на истата десеттинка се случувала во два или повеќе кругови.

Приказната може да се шири и во друг сегмент, бидејќи оваа сезона мошне актуелна тема беше промената на подот на болидот, но главната провокација за мене да ја пишувам оваа колумна, всушност беше најавата дека од 2025 година, повторно е планирано Пирели да има нови пневматици, кои овој пат според добиените насоки треба да бидат „поиздржливи“. Изјавата на Марио Изола од Пирели е дека тие ќе осознаат на што се должи прегревањето на актуелните гуми, па ќе дизајнираат нови со ниско ниво на деградација.

Не ме сфаќајте погрешно, и Пирели има мака да им угоди на сите, бидејќи гумите треба да бидат еднакви за сите. Бегајќи од негативните коментари дека гумите пребрзо се распаѓаат, откако ќе ги подобрат може да видиме исти случаи како во 2005 година, кога се возеа цели трки со еден сет на гуми. Тоа значи и помалку нивно трошење и помалку влегување во бокс по нови. Имам впечаток дека се „тапка во место“ или дека „се врти кругот“, па ќе се симне од дневен ред еден проблем, но ќе се креира нов. Публиката сака да гледа надмудрување и стратегии, а некои од најубавите триумфи во минатато се случиле токму поради таквата инженерска брилијантност.

Искрено се надевам дека има кој да реагира и да потсети дека гумите треба да останат „зачин“ за интересни трки, бидејќи ако се сведат на „долготрајни“ не сум убеден дека ќе се задржи и истата динамика.

Исто така, не треба да се заборави дека овој сет на правила истекува во 2026 година, по што треба да се потпишен нов „Конкорд договор“ и со кој ќе се регулираат други технички новитети, како што е воведувањето на синтетичко гориво. Во вакви „нестабилни“ услови не гледам дека може да се случи изедначеност во перформансите, бидејќи за тоа се потребни стабилни правила на долг рок, а не регулатива што често се менува, а одредени итреци секогаш „ја прочитале подобро“ од другите и успеале да извадат повеќе од тоа…

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ