КАРИЕРАТА НА ВРВНИТЕ СПОРТИСТИ ВО ЕДНА ДИНАМИЧКА СРЕДИНА КАКО ШТО Е СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО ВО МОТОЦИКЛИЗАМ, ОСОБЕНО КОГА ЌЕ СЕ ДОЈДЕ ВО НАЈВИСОКАТА КАТЕГОРИЈА МОТО ГП, БАРА ОД ВОЗАЧОТ ВО КОНТИНУИТЕТ ДА БИДЕ НА ВРВ ОД ФОРМАТА И ДА СЕ БОРИ ЗА ПОБЕДИ И ПЛАСМАНИ КОИ ОВОЗМОЖУВААТ ШАНСА ЗА ТИТУЛА.
Хорхе Лоренцо го покажа неоспорниот талент како млад светски првак во тогашните пониски категории за мотоцикли со зафатнина на моторот до 125 и до 250 сантиметри кубни, а трансферот во Јамаха покрај Валентино Роси му донесе големо експонирање во елитното друштво.
Иако лидер како Јамаха можеше да избере речиси кого и да посака од тогашните возачи, селекцијата укажа дека тие во него гледаат потенцијал на долг рок, особено што во тие моменти (2008 година), Валентино Роси сè уште беше неприкосновен и се очекуваше да остане лидер уште многу години. Сепак, несреќата во која Роси се здоби со скршеница на десната нога при трката на Големата награда на Италија во Муџело (2010), мошне порано од очекуваното го исфрли Лоренцо меѓу топ фаворитите за шампионската круна, а тој тоа го искористи и успеа да стигне до насловот светски првак во 2010 и 2012 година.
Дополнително, одбивањето на Јамаха да му даде статус на прв возач на Роси по враќањето на патеките, доведе до привремен трансфер на Италијанецот во Дукати, но потоа и двете страни ги доближија ставовите па сепак Роси и Лоренцо повторно беа тимски колеги од 2015 година. Иако Лоренцо го обвини Роси дека го копирал неговиот начин на работа и тренирање, сепак без Италијанецот делуваше дека Јамаха нема јасен правец во развојот на моторот и бележеше слаби резултати.
Со враќањето на Роси, и двајцата повторно се вивнаа во елитата, но и повторно се разделија по инцидентот во кој Лоренцо ја понесе третата шампионска титула. Овој пат Шпанецот си замина од Јамаха во Дукати, но по две години и тој ја напушта фабриката од Борго Панигале и потпиша за Хонда. Се чини, после овој потег, враќањето во Јамаха не е на агенда, а Роси ќе добие исклучително силна „шпанска армада“ против себе: Марк Маркез и Хорхе Лоренцо.
Но, главното прашање на кое и ја посветив оваа колумна, е како Лоренцо ќе се снајде во новата ситуација каде што ќе биде член во сосема нов тим, каде што Маркез е веќе одомаќен и го има главниот збор, запечатено со неколку светски титули. Моето лично мислење е дека Лоренцо ќе биде далеку посилна конкуренција за Маркез, отколку што тоа беше Дани Педроса во последните две сезони. Со тоа доаѓаме уште поблиску до фокусот, бидејќи можни се повеќе сценарија. Главната нишка во оваа анализа е споредбата на она што успеа претходно да го направи Кејси Стонер, кој освои шампионска титула со Дукати, па откако ја стопираше својата кариера од здравствени причини, се врати со Хонда уште посилен и стигна до втората титула.
Лично сметам дека на Лоренцо нема да му недостига мотивација за докажување против Роси и Јамаха, како ни против Дукати и Довициозо. Во изолиран дуел, сигурен сум дека многу брзо ќе успее да биде конкурентен со нив, можеби и само да одржува паритет на почетокот, за веќе следната година и да ги престигне. Не е тајна дека Роси ги вози последните две сезони во кариерата (2019 и 2020), како и дека Јамаха бара нов лидер за својата ергела, но сите очи ќе бидат вперени кон дуелот Маркез – Лоренцо. Нивните релации досега беа одлични, но како тимски колеги, повторно се можни повеќе сценарија.
Маркез досега го имаше само Педроса како тимски колега, па и за него ова ќе биде голем тест, бидејќи периодот за приспособување на Лоренцо во новиот тим ќе помине брзо. Иако никој не очекува чуда во 2019 година, дефинитивно во 2020 ќе се очекува Лоренцо да биде фаворит во борба за титулата. Неговите квалитети, исто како и на Педроса ќе останат неоспорни дури и ако победите изостанат, но доколку дојдат – а ги очекувам, тогаш ќе го вбројат меѓу редот на великаните кои ќе можат да се пофалат со успеси во повеќе различни екипи, меѓу другото и победи со Јамаха, Дукати и евентуално Хонда.
Ако стигне и до титула, заклучокот што се наметнува ќе биде тешко да се собори, дефинитивно статусот на легенда му е загаратиратиран.