АВТО МОТО СПОРТОТ Е НЕШТО ШТО СЕ ВПИВА ВО СИТЕ СЕТИЛА КАКО ПРВА ЉУБОВ, ДЛАБОКО И БЕЗРЕЗЕРВНО. СЕКОЕ БРЧЕЊЕ НА МОТОРОТ И СЕКОЈ СВИРЕЊЕ НА ГУМИТЕ СОЗДАВААТ ЕМОТИВНА СИТУАЦИЈА КОЈА ШТО НЕКОМУ МУ ЈА ПЛЕНИ ДУШАТА И МИСЛИТЕ, А МИРИСОТ НА ИЗГОРЕНО МАСЛО И БЕНЗИН ПОБУДУВААТ РОМАНТИЧНА ПОВРЗАНОСТ СО ПАТЕКАТА. ВО МЛАДОСТА, КОГА СТРАСТА И ЕНТУЗИЈАЗМОТ ЗА НОВИ ИСКУСТВА СЕ НА ВРВОТ, АВТО СПОРТОТ Е БАШ ТАА УНИКАТНА КОМБИНАЦИЈА НА ВОЗБУДА И АДРЕНАЛИН КОЈА СЕ ВРЕЖУВА ВО СРЦЕТО КАКО ТРАЈНА ЉУБОВНА ПРИКАЗНА
Избегнувам да пишувам за политика, бидејќи се трудам низ колумните да ги допрам горливите спортски теми, па насловот на оваа колумна може да ве збуни, но не се давајте така лесно. Она што сакам да го потенцирам е дека добивме Министерство за спорт, или административна промена откако веќе четврт век или 25 години, нештата функционираа преку Агенција за млади и спорт.
Веднаш би одел на сржта: кажано со спортски речник државата ја смени стратегијата и го подигна нивото, логично е дека промени ќе има. Затоа, време е да се стави прст на чело и секој што го сака спортот да се престрои на соодветен начин. Тука доаѓаме и до авто-спортот и неговиот развој во Македонија. Евалуација што постигнавме во овие 25 години, од оние 33 по осамостојувањето?
Зависно кој ќе ја прави таа евалуација, може да добиеме и неочекувани резултати. „Македонија е пред Хрватска“, рече во едно интервју Мирослав Растовиќ, тркачкиот инженер кој со својот мастермајнд стоеше зад дел од успесите на Игор Стефановски – Иџе. Неговата анализа е едноставна: Македонија има тројца возачи на светската сцена, има медиуми кои се залагаат за покривање на нивните настапи и тоа е таа приказна што тој ја почитува. Од друга страна, ако прашате некој од Македонија, веројатноста е дека ќе добиете обратен одговор, каде што акцентот ќе биде ставен на малиот обем на активности што ги има на македонско тло, како и на недостатокот на „свежа крв“, односно нови возачи.
Без оглед чие гледиште ќе се прифати за поисправно, следува ново прашање: Дали во историјата на македонскиот автомобилизам од 21 век ќе влезат само тројца возачи кои успеале да покажат квалитети и снаодливост достојни за европската сцена? Сега засега, тоа се Стефановски, Давидовски и Вуков, ќе има ли четврто име на листата? И кога?
Имаме долгогодишна традиција и историја во трките, но за да се осигура напредокот на спортот, потребни се значајни промени. Недостатокот на автодром е рак-рана за одржување на домашни настани, како и за појава на нови имиња. Да не беа трките на Водно, или оние пред МТВ, денес немаше да ги имаме ни Стефановски, ни Давидовски. Реструктурирањето е клучно, инаку возачите ќе ја имаат судбината како оние спортисти од спортовите со боречки вештини, кои што никој не ги знае на домашен терен, а спорадично кога ќе постигнат некој меѓународен успех, за нив ќе се објави пригоден прилог.
Вложувањето во инфраструктурата не само што ќе ги подигне стандардите на натпреварите, туку ќе привлече и меѓународни настани. Создавање на програми за обука и академии за млади таленти ќе помогне да се обезбеди дека идните генерации ќе имаат потребните вештини и знаења за да се натпреваруваат на највисоко ниво. Промовирање на авто мото спортот меѓу младите ќе осигура континуитет и иновација во индустријата.
Авто мото спортот е нешто што се впива во сите сетила како прва љубов, длабоко и безрезервно. Секое брчење на моторот и секој свирење на гумите создаваат емотивна ситуација која што некому му ја плени душата и мислите, а мирисот на изгорено масло и бензин побудуваат романтична поврзаност со патеката. Во младоста, кога страста и ентузијазмот за нови искуства се на врвот, авто спортот е баш таа уникатна комбинација на возбуда и адреналин која се врежува во срцето како трајна љубовна приказна.
Министерството за спорт е тука, со поголеми надлежности од кога и да било. Според мене и со поголема одговорност, но не е се во нивни раце. Голем дел треба да дојде и од федерациите и спортистите. Нефункционалните федерации треба да бидат затворени и да им биде одземен легитимитетот да делуваат на тоа поле. За жал, Македонија не е земја која може да си дозволи и посебно Министерство за авто-спорт, па повеќе личи дека треба да се формира критична маса за промени и работите конечно да тргнат од мртва точка. Во спротивно, и натаму ќе го гледаме истиот филм, на реприза.