КОЛУМНА СВОЕРАЧНО-МЕЃУ ЧЕКАНОТ И НАКОВАЛНАТА, ОД ФОРМАТА ДО СОДРЖИНАТА

23/10/2019

ПОД ПРИТИСОК НА ВРЕМЕНСКИТЕ ОКОЛНОСТИ, ФОРМУЛА 1 МОРАШЕ ДА ГО ЖРТВУВА ЕДНИОТ ДЕН ОД ЈАПОНСКИОТ ГРАН ПРИ ВИКЕНД, ПА БЕА ОТКАЖАНИ СИТЕ АКТИВНОСТИ ВО САБОТАТА. ТОА ДОНЕСЕ РЕВИДИРАН РАСПОРЕД НА НАСТАНИТЕ, НО ТАКВАТА „ВИША СИЛА“ ПРЕДИЗВИКУВА ПОДЛАБОКИ ДИСКУСИИ ЗА ФОРМАТОТ НА ГРАН ПРИ ВИКЕНДОТ ВО ИДНИНА.

 

Најавата за 22 трки во 2020 година ги разгоре преговорите колку трки се навистина премногу во една сезона на Формула 1. Иако претходно беше најавено дека Виетнам и Холандија нема да бидат дополнителни гран при викенди, сепак од календарот испадна само Германија, а Барселона го сочува своето место со успешни преговори во самиот финиш.

Формула 1 сака да се шири во азиско пацифичкиот регион, каде што минатата деценија имаше трки и во Јужна Кореја, Индија и Малезија. Сите овие трки денес се избришани од календарот поради различни причини, па доаѓањето на Виетнам во големото Ф1 семејство беше примено со мноштво позитивни коментари. Од друга страна, Зандворт доби шанса да ја реинкарнира трката за Големата награда на Холандија, иако нивниот автодром не беше соодветен на потребите на Формула 1, но желбата на локалните промотори да го искористат „факторот Ферстапен“ им донесе тригодишен договор во кој се обврзаа да сменат многу нешта и речиси комплетно да го реновираат автодромот.

Сепак, токму Макс Ферстапен излезе во јавноста со изјава дека 22 трки во Формула 1 се премногу за работниот народ, за механичарите и инженерите, припадниците на логистичките единици, оние кои најмалку ги гледаме на малите екрани, но без кои еден современ тим едноставно не може да функционира. Холанѓанецот посочи дека овие луѓе имаат семејства и можат уште отсега да почнат да ги пополнуваат документите за развод, со што мошне досетливо ја долови најголемата мака на маргините од големото шоу.

Токму поради физичкото отсуство на луѓето од дома, како и поради намалувањето на трошоците за натпреварување во Формула 1, се бараат начини како да се направат промени кои ќе бидат прифатливи за сите. Темата за скусување на гран при викендите беше начната меѓу првите, но сè уште нема кворум по тоа прашање. Под притисок на временските околности, Формула 1 мораше да го жртвува едниот ден од јапонскиот гран при викенд, па беа откажани сите активности во саботата. Тоа донесе ревидиран распоред на настаните, но таквата „виша сила“ предизвикува подлабоки дискусии за форматот на гран при викендот во иднина. Имено, без тренинзи не се може, но квалификациите не би требало да зафаќаат цел ден од распоредот и поради тоа се предлагаат секогаш да бидат неколку часа пред трката. Праксата го потврди ова, дека навистина е можно, но се отвораат други прашања: што со телевизиските права? Дали на ТВ куќите им одговараат преноси рано наутро, во нестандардни термини за вакви преноси?

Одговорите секако одат во насока дека без парите од ТВ правата, како и без медиумски интерес, Формула 1 не би била тоа што е денес, глобален медиумски спектакл. Своевремено, Флавио Бријаторе заговараше по две трки во е д е н гран при викенд, токму за да се пополни празнината во саботата. Денес тој концепт го има во Формула 2, што укажува дека претставува можна опција. Но, интересен е и предлогот на самиот Ферстапен, кој порача дека треба да се направи селекција на тоа каде се вози и организира една трка. И тоа е (веќе видено) остварливо во пракса, бидејќи некои рели трки на пример се бодуваа со двојни поени, иновирајќи коефициент на тежина. Оттука, идејата трките на некои патеки како на пример Монако, Сузука или Сингапур, да носат поинаков број на бодови е сосема сродна, и се надоврзува на една претходна идеја на Берни Еклстоун (видена во 2014 година), заради неизвеснот во шампионатот последните трки да носат повеќе бодови.

Новиот договор за учество во Формула 1 меѓу екипите и организаторите се очекува да го регулира периодот од 2021 година, а бројот на трките секако ќе биде предмет на дискусија. Иако дел од идеите делуваат свежо, можеби и радикално во смисла, дали и понатаму тоа ќе биде истиот спорт кој го градел својот имиџ минатите седум декади, сепак треба да се запрашаме, колку всушност светот е ист со 1950 година и со тогашниот начин, па ако сакате и принципи за живот. Се чини дека промените доаѓаат наскоро, а американските сопственици ќе бидат „кумови“ на тоа шоу.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.