Колумна своерачно-„КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ И ТРКИТЕ“

17/01/2024

ФОРМУЛА 1 СЕ СТРЕМИ КОН „НЕТ ЗЕРО“ ВО 2030 ГОДИНА, А НАЈГОЛЕМ ЧЕКОР ВО ТАА НАСОКА Е ВОВЕДУВАЊЕТО НОВИ ПРАВИЛА ЗА МОТОРИТЕ ОД 2026 ГОДИНА

 

Дијагнозата вели дека нивото на стакленички гасови е пораснато многукратно во однос на прединдустриската ера (1850-1900 година). Освен јаглеродот диоксид во ова „друштво“ се наоѓаат и метанот и азотниот оксид, при што и двата имаат екстремно поголем потенцијал за загревање на атмосферата. Учеството на возилата придонесува за 15% од вкупното количество на стакленички гасови.

Борејќи се за имплементирање на решенија кои ќе го запрат тоа глобално затоплување, развиени се две сценарија, кои би можеле да ги именуваме како повеќе оптимистичко (А) и помалку оптимистичко (Б) по прашање на очекуваните ефекти во 2100 година. Ако во 2022 година зборуваме за покачена просечна температура од 1,15 степени на светско ниво, помалку оптимистичкото сценарио предвидува во 2100 година тоа да изнесува +2 степени Целзиусови. Наспроти ова поубавата иднина е можна со +1,5 Целзиусови во 2100 година, но за да се стигне до неа се предвидува дека во 2050 најпрво глобалната температура ќе порасне до 1,8 степени Целзиусови, а потоа ќе опаѓа благодарение на мерките што се преземаат: елиминација на стакленичките гасови како јаглерод диоксидот, но и со замена на изворите на енергија од фосилни резерви кон обновливите извори (воздух, сонце).

За да се дојде до „нула емисија“ на јаглерод диоксид во 2050 година потребно е најмалку 45 отсто намалување на емисиите веќе во 2030 година (СО2) или -55% стакленички гасови. Притоа, се посакува до 2050 година 88% од енергијата да доаѓа од обновливи извори, плус 8% од нуклеарна енергија, а само 2% да останат од базирани на фосилните резерви. Оттука, јасно е зошто ФИА се определи за нови правила во автоспортот, каде што веднаш се бараат решенија преку спортот за унапредување на превозните средства од нашето секојдневие. Во предвечерјето на носењето на новите правила, најгласна дебата се водеше околу натамошната употреба на енергијата од обновливи извори. Она што започна како проект под името КЕРС и имаше моќност од 60 киловати кои можеа да се употребат во текот на 6,67 секунди со воведувањето на турбо-моторите во 2014, прерасна во МГУ-К, систем кој се проценуваше дека нуди 120 киловати сила и може да биде користен во текот на целиот круг. Вториот извор кој дополнително беше востановен (МГУ-Х) според желбите на актуелните учесници (фабрики кои ги произведуваат моторите) би било најдобро да е укинат, а за сметка на тоа да се овозможи капацитет од 350 киловати на МГУ-К во 2026 година. Сепак и покрај тоа што Мерцедес, Ферари, Рено и Хонда беа обединети околу овој предлог, влезот на Ауди и Форд во Формула 1 ќе значи дека и тие треба да ја дадат својата согласност по ова прашање.

Согласно најавите, турбо-моторите со зафатнина од 1.600 сантиметри кубни ќе останат во употреба, но ќе мора да работат исклучиво на синтетичко био-гориво кое што нема да ја загадува околината со емисија на јаглерод диоксид. Се очекува да има низа приспособувања на правилата, па така се очекува да биде отстранет лимитот за протокот на горивото, а за да се овозможи негова софистицирана и долготрајна употреба, бројот на вртежите се прогнозира дека ќе биде намален од 15.000 во минута на под 11.000.

Совршеноста на актуелната технологија кај моторите со внатрешно согорување се очекува да биде практично „ресетирана“, бидејќи со предложените измени се предвидува опаѓање на ефикасноста, во смисла на искористувањето на потенцијалот на моторот.

Поради отстранување на МГУ-Х ќе се врати таканаречениот „турбо-лаг“, при што и нема да се регенерира дополнителна енергија од овој извор.

Но, не треба да се очекува зголемено учество од горивото, туку сосема спротивно: резервоарите наместо 100 килограми од 2026 година ќе имаат дозвола да понесат само 70 килограми гориво за една трка. Автоматски, тоа става акцент на зголеменото ниво на енергија што ќе мора да се добива и користи преку МГУ-К. Оттука на почеток мора да се зголеми енергијата што ќе се користи од обновливи извори па покачувањето на нивото на 350 киловати ќе го овозможи премостувањето на проблемите со гориво. Прашање е што би било следно, бидејќи над 350 киловати

Формула 1 ќе прерасне во копирање на Формула Е, па поради тоа развојот на новите мотори со внатрешно согорување ќе биде пресуден во дефинирањето на иднината на овој спорт.

Ако ЕУ ја форсира забраната за продажба на возила со мотори кои имаат внатрешно согорување до 2035 година, се оставаат неколку години за инженерите преку спортот да ги унапредат погонските агрегати за автомобилите на иднината, пред тие да стигнат до сериско производство.

Од инженерски аспект негативна страна на новите правила е што болидите ќе станат потешки за најмалку 30 килограми, па тоа може да доведе до побрзо уништување на гумите и постигнување на помали брзини. Дел од конструкторите не би сакале да ја менуваат и филозофијата на изработка на болидите, па предупредуваат дека се можни обиди кои би го нарушиле визуелниот изглед. Во Формула 1 сепак мора да се води сметка и за шоуто. Промени на моторите имало во минатото, но овој пат ќе биде потребно да се има и соодветен пакет на правила кои што ќе го максимизираат ефектот што е од добробит за целата планета, а нема да го убијат спортот онаков каков што го знаеме досега.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ