Колумна своерачно-ФЕР ПЛЕЈ ИЛИ ПРИЈАТЕЛСТВО

18/07/2024

ИНЦИДЕНТОТ МЕЃУ ФЕРСТАПЕН И НОРИС ВО АВСТРИЈА ДОБИ ЧУДНА ДИМЕНЗИЈА, ОТКАКО ХОЛАНДСКИОТ ВОЗАЧ ИЗЈАВИ ДЕКА ПОВЕЌЕ СЕ ГРИЖИ ЗА ПРИЈАТЕЛСТВОТО СО НОРИС, ОТКОЛКУ ЗА КРИТИКИТЕ

 

Спортското витештво оди „рака под рака“ со големината на спортските великани. Макс Ферстапен од младешки денови покажуваше нестрпливост и агресивност, форсирајќи дека постои само еден начин да ги детронизира шампионите како Фетел и Хамилтон, притоа не давајќи „пет банки“ за тоа што мислат другите. Фактот дека успеа да ги симне споменатите шампиони од тронот укажува дека неговиот пристап дава резултати, иако не може да се каже дека немаше проблеми. Но, при инцидентот во Австрија, каде што тој беше оној што го ловеа, Норис јавно порача дека без извинување од Холанѓанецот нема понатаму да комуницира со него. Иако на сета мешаница кумуваше фактот дека имаше и испреплетени одлуки на стјуардите кои се обидуваа да санкционираат нарушување на лимитот на патеката, сепак нештата мора да се разграничат.

Според мене, Австрија треба да биде избришана од календарот. Наместо трка, гледаме фарса бидејќи држејќи се до логичното правило (не смее да се напушта патеката) и да се даваат опомени и казни за нешто што очигледно е проблем со конфигурацијата, треба да имаме патеки на кои ќе имаме недвосмислено добро шоу, како што тоа беше случај во Силверстоун. Која е потребата да се возат и натаму трки во Австрија ако на некои од тамошните свиоци се изрекуваат преку 100 опомени во една трка?

Ако ФИА сака да го направи тој дел од патеката побавен, може да имплементира шикана пред него, или ако сака да го задржи свиокот онака како што е проектиран, треба да ја прошири патеката. Спротивно од начелата на трката е да се оди и да се принудуваат возачите да сопираат и да се откажат од маневрите. Токму погрешен влез или излез од еден свиок е најчестата возачка грешка која натаму овозможува престигнување или  дуел.

Ферстапен е убеден дека Норис можел поинаку да го престигне, но не се обидел на тој начин. Контактот е класифициран како „човечка реакција“, но она што сакам да го нагласам е дека почнуваме да гледаме трки во кои Ферстапен е оној што е детронизиран и тоа е релативно нова ситуација. Претпоставка е дека Холанѓанецот ќе треба да се навикне на тоа дека нема секогаш да завршува прв, откако во трите години доминација насобра победи за на вечната листа да излезе пред великани како Сена и Прост.

Оставањето простор за да може ривалите да се обидат да направат престигнување е основа на спортскиот кодекс, исто како и неменувањето на линијата на движење при сопирање. Ферстапен за првпат покажува интерес да не биде сметан за неандерталец, чија (не)култура го прекршува фер плејот. Во минатото, тој бараше свое место под сонцето и одењето до лимитот, по цена на судир, беше негов заштитен знак.

Очекувам дека неговото пријателство со Норис наскоро повторно ќе биде на тест, бидејќи очигледно Мекларен успева да го подобри возилото, исто како и Мерцедес. Ферстапен сега со три титули зад себе ризикува да стане „нов Шумахер“, или единствениот шампион кој доживеа неколку пати да биде казнет поради нефер-плеј (трките во Херез 1997 и квалификациите во Монако 2012). Претпоставувам дека и самиот е свесен за тоа, бидејќи се наѕира дека конечно и до него допира моментот за „витештво“, па макар и како основа за пријателство со еден ривал.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ