ШТОТУКУ ОБЈАВЕНАТА ВЕСТ ДЕКА ХОЛАНДИЈА ДОБИ ОРГАНИЗАЦИЈА НА ТРКА ВО ФОРМУЛА 1 ПО ПАУЗА ОД 30 ГОДИНИ, ЈА ИСФРЛА НА ПОВРШИНА ВРЕДНОСТА НА ПОПУЛАРНИОТ ПИЛОТ ОД РЕД БУЛ, МАКС ФЕРСТАПЕН, А ВО ИСТО ВРЕМЕ ЈА ОБЈАСНУВА БИЗНИС ОДЛУКАТА ЗА ОТСТРАНУВАЊЕ НА БАРСЕЛОНА ОД КАЛЕНДАРОТ, САМО ЕДНА ГОДИНА ПО ПЕНЗИОНИРАЊЕТО НА АЛОНСО.
Во бизнисот не го добивате она што го заслужувате, туку она што ќе го испреговарате“. Оваа изрека ја слушнав пред повеќе од 20 години, но не можам да најдам подобро објаснување за прекројувањето на Ф1 календарот во мошне кус временски интервал, каде што медиумските написи укажуваат дека деновите на Големата награда на Шпанија и се одбројани, во корист на ревитализацијата на трката за Големата награда на Холандија, која беше испратена во историјата со последното одржување во 1985 година.
Практично, овој пример би можеле да го наречеме и школска вежба за потенцирање на бизнис потенцијалот кој доаѓа во пакет со спортските активности. Моето лично мислење е дека самата шанса за „преврат“ дојде неочекувано, бидејќи во суштина трките кои се дел од Ф1 календарот потпишуваат среднорочни договори со времетраење од пет до седум години, а зад истите стојат сериозни организатори кои уживаат поддршка од владите на својата земја, поради фактот што за време на еден гран при викенд се брои публика од стотици илјади луѓе. Нивниот потрошувачки потенцијал, исто така, е потенциран: цените на влезниците се движат од 100 до 600 евра, а голем дел од нив користат и други хотелски и угостителски услуги, транспорт, и така во недоглед – до последниот билет за паркинг или сувенирите кои се купуват „за спомен“. Оттука, кога Алонсо реши да се повлече од Формула 1, иако има свои навивачи на сите страни од светот, најпогодена беше неговата татковина Шпанија, каде што инцидентно или не – автодромот во Барселона преговараше да го продолжи договорот за организација на трки по 2019 година.
Кога се зборува за Алонсо и Шпанија, мора да се спомене и дека во оваа земја дури немаше ни редовни ТВ преноси пред појавата на овој пилот. Една од бизнис-легендите поврзани со оваа случка вели дека менаџерот на Алонсо, тогашен тимски шеф на Рено, Флавио Бриаторе, ги откупил правата за емитување на Формула 1 во Шпанија кога го ангажирал овој возач како млад и перспективен талент во 2000 година. Овозможувајќи му место во тимот кој беше конкурентен, па веќе во 2003 година, Алонсо стана најмлад освојувач на пол позиција, а потоа и победник на Ф1 трка, Бриаторе направи добар бизнис и „им ги отвори очите“ на многумина.
Шпекулациите за исфрлање на Барселона дојдоа откако и преговарачите на шпанскиот автодром потврдија дека се преговара, па меѓу другото соопштија и дека „нема потреба од тензии, треба да се биде паметен“. Веројатно тоа беше нивна желба во преговорите, но ако повторно се навратиме на изреката од почетокот на текстот, воопшто не треба да изненади дека само неколку дена по одржувањето на шпанското гран при, беше потврдено местото на трката во Холандија за 2020 година. Со други зборови, компанијата која се грижи за комерцијалните аспекти од Светското првенство во Формула 1, потврдувајќи ја трката во Зандворт ја засили својата преговарачка позиција, навестувајќи дека нема да прифаќа компромиси. Во ваква ситуација, Барселона или ќе мора слепо и покорно да ги испочитува условите за организација на гран при во иднина, или да се соочи со тоа дека Формула 1 повеќе нема да биде дел од нејзината туристичка понуда.
Календарот за следната сезона вообичаено се лиферува некаде пред летната пауза, а официјалната потврда доаѓа со усвојување на Светскиот совет за моторспорт, односно „спортската влада“ формирана од ФИА за регулирање на сите натпреварувања кои го носат предзнакот „светско првенство“. Тоа би значело дека во август ќе се знае дали Шпанија останува без трка, или можеби некој друг организатор имал послаба преговарачка позиција и од нивната.
А пред само неколку години, во Шпанија се возеа и по две трки во една година, при што беше инаугурирана трката низ улиците на Валенсија, која првенствено беше насловена како Голема награда на Европа…