ИАКО ФИЛМСКИОТ ХИТ СО ИДЕНТИЧЕН НАСЛОВ Е ВО СОСЕМА ДРУГ ЖАНР, ЗАЕДНИЧКО СО ФОРМУЛА 1 МУ БЕШЕ ТОА ДЕКА ВО ПОЗАДИНА ЗАД ГЛАВНИТЕ ЈУНАЦИ КОИ УЖИВАА ВО СЛАВАТА И РЕЗУЛТАТИТЕ, СТОЕШЕ ТАИНСТВЕНИОТ ЧАРЛИ. ЗА РАЗЛИКА ОД ПРИКАЗНАТА НА ГОЛЕМОТО ПЛАТНО, ФОРМУЛА 1 МОРАШЕ НЕНАДЕЈНО ДА СЕ ПРОСТИ ОД СВОЈОТ ТАИНСТВЕН ЈУНАК.
Да се биде дел од тимот кој ја дели правдата секогаш е ѓаволски тешка работа, а ако притоа сте и директор на трката што со себе носи и други одговорности, па и технички делегат на ФИА кој ја надгледува легалноста на болидите, веројатно го имате најтешкиот професионален ангажман што може да се замисли во Формула
1. Со ваква кумулација на звања и обврски беше оптоварен Чарли Вајтинг (66), кој ненадејно почина во Мелбурн на стартот од првиот гран при викенд во 2019 година. Како дел од Интернационалната автомобилистичка федерација, Вајтинг беше лидер во својата област повеќе од 20 години. Работејќи претходно како механичар и инженер во различни екипи на Формула 1 го стекнал потребното знаење и разбирање за конструкциите кои со својата совршеност ја маѓепсуваат и публиката, а со својата спортска, натпреварувачка природа прават шоу за кое се знае од Алјаска до Мадагаскар.
Во ваквиот тип на натпреварувања кои се будно следени од јавноста, да се дели правда значи често да се биде на фронтот каде што милиони фанови се чувствуваат „повредени“ ако судијата најде за сходно да го казни нивниот миленик. Она што е неоспорен квалитет на Чарли Вајтинг е дека тој потекнувал од ова милје и бил на располагање и на возачите и на инженерите за постојани консултации. ФИА е фактички организатор на првенството и ја гарантира неговата валидност, наспроти комерцијалните аспекти кои ги интересираат оние кои работат во заткулисните компании кои ги продаваат ТВ-правата или маркетинг просторот околу патеката. Таа достапност на Вајтинг беше често споменуван мотив во повеќето посвети кои беа кажани во негов спомен.
Дополнително, за да се сфати комплексноста на неговиот позив треба да се сфати и комплексноста на целиот систем преку кој функционира ова светско првенство. За една трка да се одржи, на неа треба да учествуваат сите предвидени учесници, а истите за тоа имаат потреба од своја опрема. Формула 1 караванот беше посебен логистички предизвик кој што се сели од континент на континент и со себе носи товар кој се мери во илјадници тони. И додека за извесен дел од товарот се надлежни самите екипи, ФИА го упростува другиот дел со тоа што организира заеднички транспорт со карго авиони на голем дел од опремата. Дури и тука има правила кои слично како при распределбата на парите од ТВ правата се поврзуваат со спортските резултати – имено карго просторот се распределува на екипите според пласманот кај конструкторите во претходната сезона.
Оттука, инволвираноста на Чарли Вајтинг во повеќе сфери вклучувајќи ја и логистиката, станува поразбирлива бидејќи сето тоа е дефинирано со правила на играта, а тој беше првиот судија, оној што натаму ги проследува предметите до другите „специјализирани“ комисии, стјуарди и разни тела. Меѓутоа, големината на Вајтинг не е само во набљудувањето и следењето, туку во активната улога на изградба на она што е Формула 1 денеска. Како човек кој некогаш работел за тимот Бребем во сопственост на Берни Еклстоун, тој беше човек од доверба на британскиот бизнисмен, кој ја претвори Формула 1 од спорт во мултинационален бизнис. За тоа да се случи, требаше да се решат многу горливи проблеми поврзани со безбедноста на болидите и на автодромите, да се пропишат многу правила, да се направат повеќе институции. Голем дел од тие активности пројдоа низ рацете на Вајтинг и затоа и тој го разбираше најдобро системот, бидејќи градејќи го него, се вгради и себе си во него.
Секој што работи може да згреши, но работата на Вајтинг беше да елиминира грешки и да поставува правила за да спречува грешки. Во Формула 1 нема фаули како во другите спортови, но ако се случи нешто такво, тоа е атак врз безбедноста што може да доведе до непосакувани трагедии.
Оттука, голем дел од безбедноста на системот повторно доаѓа од внатре, од почитувањето на стриктните норми кои значат фер плеј. За жал, повеќе нема да слушаме во директните преноси како возачите бараат од своите инженери да се обратат кај Чарли за совет, било да е случај за попречување на престигнување или за нелегален маневар.
Чарли ненадејно „се одјави“ во Мелбурн, а Формула 1 е исправена пред нов предизвик во кој главната цел е да ја покаже својата големина и да пронајде некој што ќе може да го замени Чарли, па макар биле и повеќе луѓе со повеќе
различни позиции.