Е ЕДНА ОД ФРАЗИТЕ КОЈА СЕ СПОМЕНУВА КОГА СЕ ЗАГАТНУВААТ НЕШТА ОКОЛУ НОВИНАРСКАТА ПРОФЕСИЈА Е ОНАА ДЕКА „ЛЕБОТ ШТО НОВИНАРИТЕ ГО ЈАДАТ ИМА ГОРЧЛИВА КОРА“, ПА КАКО ЧОВЕК КОЈ РАБОТИ ВО МЕДИУМИТЕ ВЕЌЕ ТРИ ДЕЦЕНИИ, СИ ЈА ЗЕМАМ СЛОБОДАТА ДА КАЖАМ ДЕКА ИСТАТА ОПСТОЈАЛА СО ТЕК НА ВРЕМЕТО БИДЕЈЌИ Е ВИСТИНИТА
Н е ми е намерата да навлегувам во бројот на корите и нивната тврдина наспроти сензитивноста на непцата на оние кои во минатото работеле со пенкало и тефтерче, а денес ги нижат своите мисли преку копчињата на компјутерските тастатури, туку да се осврнам на метафората која и ден денес е актуелна. Навидум, едноставна задача да се опишат нештата точно. Но, потребата на читателите е повеќе од тоа, при што често уредниците им укажуваат на почетниците – „напиши така за секој да може да те разбере“, а тука веќе нештата се компликуваат. За секој да разбере, треба да напишеш и за она што претходело и за она што може да следи, па изборот на зборови и аргументи може да се претвори во манипулација со фактите.
Известувањето секогаш има две лица, колку и да е фактографско. Еве да речеме во спортот, на пример во ракометен натпревар голманот ќе одбрани три пенали, па за едната страна тоа ќе биде причина за победа, а за другата причина за пораз. Уште повеќе, работата на известувачите се комплицира кога една страна не сака да зборува, не го дава на увид своето вистинско мислење од разни причини, еве на пример во пресрет на некој натпревар, кога тренерите загадочно ги кријат составите небаре тоа ќе ја открие целата нивна стратегија за како да стигнат до победата. Во трките, најчесто оние кои што не стигнале до победа укажуваат на тоа со кои проблеми се соочиле, додека оние кои победиле најчесто се среќни дека се функционирало по план и не елаборираат што точно направиле за победа.
Вистината не може да биде соопштена онака како што сака публиката: сега и сè одеднаш! Главна вест минатиов период беше дека Ред Бул решил да го раскине договорот со тимскиот шеф кој бил прв човек на тимот веќе 20 години и со нив освоил осум возачки и шест конструкторски титули. Причини не се соопштени, напротив тие сакаат да го задржат во својот тим и да бидат и натаму негови работодавци, бидејќи се свесни дека неговите познавања ќе бидат мошне корисни за конкуренцијата која би можела да го ангажира по разни основи. Театралноста и слаткоречивоста која е нагласена во соопштенијата за јавноста всушност упатуваат дека проблеми немало, сè било како што треба. Вистина е дека „бомбата“ за отпуштањето на Хорнер се претвори во „бонбона“ за да можат медиумите да си разврзат на долго и на широко свои теории за тоа зошто и како дошло до епилогот, па дури и да измислуваат неточни наслови кои вклучуваа зборови како „отказ“ или „отпуштање“. Други се фокусираа на настани од минатото, трети на откривање пикантерии од типот зошто едниот од газдите на Ред Бул не се појавил на турнирот во пукање глинени гулаби на Силверстоун …
Капак на сè, за најголемата „бомба“ од британското гран при, едвај објавија неколку медиуми. Имено, за време на викендот, беше објавена кандидатурата на Тим Мејер за претседател на ФИА, откако еден месец претходно Карлос Саинц (рели возач и татко на Карлос Саинц јуниор, Ф1 возач на Вилијамс) се повлече од трката против Мохамед Бин Сулајем. Изборите се на 12 декември, за време на Годишното собрание на ФИА во Ташкент, Узбекистан, а противкандидатот кој има кариера како Ф1 стјуард, најмногу е познат по разните улоги што ги извршувал во телата за моторспорт на САД. Мејер започна со кампања во која се фокусираше да го нападне Бен Сулајем, а овој реторички одговараше дека тоа е стилот на изборите во САД и дека тој нема да оди со такво сценарио.
Јасно е дека позицијата претседател на ФИА, која е во ранг на претседател на држава, звучи примамливо за поедини лични интереси, но многу побитно е кој како ќе ја води организацијата, а со тоа и спортовите под нејзина капа. Кои би биле евентуалните интереси на поддржувачите на Мејер, или што тие би добиле со неговиот избор? Тешко дека ова ќе може да се прочита во медиумите. Политика и интереси имало и ќе има. А лебот на новинарите, ќе остане со горчлива кора.