VOLKSWAGEN TOUAREG -„ТУАРЕГОТ“ ДОБИ ОСВЕЖУВАЊЕ

16/06/2023

Минаа пет години откако беше претставена третата генерација од сув моделот „туарег“ и сега е време истиот да биде освежен со неколку дизајнерски зафати. Затегнувањето на брчките најмногу се приметува на предниот дел каде дотерувањата се најизразени. Маската заедно со светлосната групација како да е позајмена од лимузините „пасат“ и „артеон“, но и дополнително истенчена, а светлата сега се во облик на превртена буква „г“ и тоа во три изданија лево и десно. Сличен облик приметуваме и кај задните светла кои наликуваат на предните. Досега ваков дизајнерски потег не е познат во автомобилската индустрија, ова се случува за првпат и е за пофалба. Да кажеме уште еден чинител за предните светла, матрикс – тие во себе содржат 38.400 микро лед диоди.

Покрај обликот, „туарегот“ добил подобрување и во обесувањето на тркалата, а опцијата за воздушната суспензија и натаму е присутна, додека управувањето на задните тркала е присутно само во изведбата „р“. А кога веќе сме кај тркалата да напоменеме, купувачот може да бира од 19 до 21 инч, а 22 инчните се сериски во изведбата „р“.

Токму оваа изведба „р“ во себе има други материјали во кабината, поквалитетни, отколку на пример во основниот модел. Сега на сцена стапува „иновижн кокпитот“, за возачот 12 инчен, а тој другиот располага со 15. Тука се подобрените гласовни команди и секако сателитската навигација, но присутни се и безжичните „епл кар плеј“ и „андроид ауто“. И да не го пропуштиме озвучувањето од марката Динаудио со силина од 730 W.

Дали ќе има дизел мотори? Да и тоа во две изведби. 3,0 V6 тди ќе се нуди во изведба со 231 и 286 КС, додека бензинскиот е, исто така, 3,0 литарски V6, но со 340 КС. Ќе има и хибриди, без нив не се може, „е хибрид“ со 381 КС и „е хибрид“ со 456 КС.

Погонот за сите изведби е на сите тркала, односно силината од моторите се пренесува до двете оски преку автоматски менувач со осум преноси.

Од првото појавување во 2002 год. досега продадени се 1,13 милиони „туарези“ и за крај да додадеме. Моделот „туарег“ е направен на основата (платформата) наречена „пл 73“. На истата основа се направени и „ауди ку 7“, „ламборџини урус“ и „бентли бентајга“.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.