Еве што се случува во таборот на Киа. Новото од овој производител е „пикап“ наречен „тасман“, најверојатно по Тасманија, островска држава во непосредна близина на Австралија. „Тасман“ затоа што возилото ќе се продава на австралискиот пазар, а покрај него и на африканскиот, на блискоисточниот и секако на домашниот пазар, но не и на европскиот и американскиот пазар.
„Киа тасман“ е класика од теренско товарно возило, но според дизајнот е посебно. Дизајнерите имале поинаков приод кон ова возило, односно да не биде исто со останатите од класата. Колку успеале во својата намера, тоа времето ќе покаже и секако потенцијалните купувачи. Ако некои производители ги исклучуваат дизел моторите, Киа продолжува да ги вградува. Тие од „таму некаде одоздола“ ќе имаат прилика да го возат тасманот“ со 2,2 л турбо дизел мотор со 210 КС и 441 Нм вртежен момент. Со овој мотор „киа тасман“ постигнува крајни 185 км/ч и забрзува од 0 до 100 км/ч за 10,4 сек. Најверојатно дизел моторот ќе се продава и на други пазари, но за почеток на продажбата е резервиран за австралискиот. Покрај овој мотор, ќе се вградува и бензински со зафатнина од 2,5 л со дури 281 КС. И овој мотор има турбо полнач, затоа забрзувањето од место до 100 км/ч е едноцифрено, 8,5 сек. За пренос на силината само на предната или на двете оски, задолжен е автоматски менувач со осум брзини, но во возилото со дизел мотор вградуваат и обичен менувач со шест степени.
„Киа тасман“ располага со 5.410 мм во должина, 1.930 ширина и 1.890 (1.920 мм) висина, додека растојанието меѓу оските е 3.270 мм. Најниската точка од возилото во однос на подлогата изнесува 224 мм, но изведбата „икс про“ е повисоко поставено за дополнителни 28 мм што јасно кажува за поголеми теренски способности од останатите изведби. Кај овој вид возила битен е товарниот простор и тој оддел во „тасманот“ е 1.512 мм долг, 1.572 широк и 540 мм длабок. Продажбата на „киа тасман“ треба да започне наредната година напролет и прашање на време е кога истото ќе биде донесено на европскиот и на другите пазари.