Четвртата генерација на популарниот кросовер на корејската марка Kia, моделот Sportage, ја доживеа својата премиера на македонскиот пазар. Во салонот на Kia Motors Македонија, официјално беше претставена новата генерација на Kia Sportage која сега е достапна и за македонските купувачи. Новата генерација на популарниот кросовер пристигнува со драстично променет дизајн, а тука се и новите мотори и менувачи, како и најмодерните технологии на корејската марка.
Она по што се одликува новата генерација на Sportage е драстично променетиот изглед во однос на претходникот. Инстантно впечатлива е модерната интерпретација на Tiger Nose решетката на ладилникот која е опкружена од карактеристичните LED дневни светла. Новитет е тоа што новиот Sportage за прв пат ќе се нуди и со црн покрив, а купувачите ќе можат да избираат помеѓу 17, 18 или 19-инчни тркала во шест различни дизајни, бои и финиши.
Ентериерот е, исто така, драстично променет во однос на претходно. Пред возачот се наоѓа 12,3-инчниот дигитален инструмент кластер, а до него со подеднакво иста големина се наоѓа и новиот заоблен екран за инфозабавниот систем. Во Sportage патниците на задната клупа добиваат 996 милиметри простор за нозете и 998 милиметри простор за главата. На располагање е и багажен простор со 591 литар, а задната клупа е деллива со 40:20:40 размер и со поклопување на истата капацитетот се зголемува на 1.780 литри.
Македонските купувачи ќе можат да избираат од цел опсег на погонски опции. Компанијата Kia во Sportage го користи 1,6-литарскиот четирицилиндричен бензински мотор кој на стартот доаѓа со две верзии на моќност од 150 или 180 КС. Од друга страна, 1,6-литарскиот дизел е достапен со 115 или 136 КС и добива SCR технологија за активна контрола на емисиите. Сите моторни варијанти се достапни со седумстепен автоматски менувач со двојна спојка или шестстепен мануелец. Исто така, сите модели се опремени и со Start/Stop технологија како стандарден дел од опремата.
Во Македонија, купувачите ќе можат да бираат меѓу неколку нивоа на опременост, а тоа се Reference 1, Reference 2, Reference 3 и GT-Line кои се прилагодени според потребите на купувачите. Како што е и вообичаено при претставување на нова генерација на некој од моделите на Kia на македонскиот пазар, така и во овој случај, новиот Sportage на почетокот ќе се нуди во едно посебно издание. Станува збор за First Edition акциската понуда. Имено, цените за Kia Sportage First Edition, кој пристигнува со богата опрема, стартуваат од 24.900 евра со T-GDI бензинскиот мотор со моќност 150 КС во комбинација со мануелен менувач.