МОРСКО МЕУРЧЕ, ТОА Е ИМЕТО НА НАЈНОВОТО ЕКОЛОШКИ НАСТРОЕНО ПЛОВИЛО КОЕ НАЈВЕРОЈАТНО НАСКОРО ЌЕ ГО ЗАБЕЛЕЖИТЕ НАЈЧЕСТО ВО ЕЗЕРСКИТЕ И РЕЧНИТЕ ВОДИ. НЕГОВИ НАЈГОЛЕМИ АДУТИ СЕ ЕЛЕКТРИЧНИОТ ПОГОН, ДО МАКСИМУМ НАМАЛЕН ОТПОРОТ НА ТРИЕЊЕ СО ВОДАТА И БЕЗШУМНИТЕ МОТОРИ.
Пловилата, тие денес или се задвижувани од ветар или од горива, деривати на нафтата, но најмногубројни се тие што користат горива од фосилно потекло. Во денешни услови ја имаме повисоката свест за чистата животна средина, така што се прават најразновидни електрични пловила кои ќе ги заменат класичните.
Меурчиња, односно „морски меурчиња“, така е наречено најновото пловило кое само што е излезено од експериментална фаза. Пловниот објект е повеќе од добро примен од публиката и потенцијалните купувачи. Неговата елипсовидна форма или подобро да кажеме дека најмногу потсетува на јајце, располага со пет метри во должина и 2,15 метри во ширина. Наменето е за превоз на пет возрасни лица плус пилотот.
Пловилото е нешто како друмска лимузина само поудобно затоа што е малку пошироко и нема оддел за мотор, затоа што мини електромоторите се монтирани во долниот дел директно на „скијата“. Двата електромотори со вкупна силина од 20 kW ги трошат батериите откако пловилото ќе измине 50 километри. За следното возење, пловилото мора да оди да ги наполни батериите и за тоа ќе му бидат потребни цели два часа одмор, а потоа повторно ќе плови или лебди над водената површина.
Интересно е што објектот плови сè додека брзината на е под 4,7 јазли, а над таа брзина објектот почнува да излегува над вода и да плови на своите таканаречени пловки – прстени, еден напред а другиот назад. Нема загадување на животната средина ниту со издувни гасови ниту со бучава предизвикана од моторите и нема бранови или се премали да предизвикаат било каква штета, односно нелагодност кај другите пловила и пливачите. Кога „сибабл“ е во елемент тогаш отпорот што го создава водата е најмал, затоа што трупот е над водата и отпорот е намален на само 60 отсто отколку кога плови со сиот свој труп во вода, односно кога брзината е под 5,0 јазли. Морското меурче може да постигне брзина од 14 јазли. Имајќи ја во предвид тежината од еден тон, тоа значи дека пловилото има повеќе од солидна брзина, но конструкторите најавуваат дека забрзано работат на модел кој ќе може да постигне брзина од 30 јазли.
Исто така, компанијата најавува конструирање на поголем пловен објект способен да превезува поголем број патници од сегашните само шест.
Пловилото најчесто ќе биде користено на езерските и речните површини и секако морските, но во деловите каде водата е помирна. Брзиот превоз без чекања, без метеж во секојдневниот друмски сообраќај ќе биде повеќе од олеснување за патниците. Ние имаме три езера и ваквиот превоз е потребен, ако не сега тогаш во блиска иднина. Единствената пречка е неговата висока цена, односно превисока. За електрично пловило, со должина од пет и широчина нешто повеќе од два метри, да се издвојат 140.000 евра е навистина премногу. Производителот ја претерал со цената, тоа е негово право, но колку и како ќе го продава пловилото со таа цена, е тоа е веќе негов проблем.
Но за утеха светот не „спие“ и сигурно некој некаде веќе експериментира со друг пловен објект кој, исто така, ќе биде еколошки настроен и наскоро ќе биде претставен пред светската јавност.