ИАКО ЦЕНТРАЛНАТА ПРОСЛАВА НА СТОГОДИШНИНАТА ОД ПОСТОЕЊЕТО НА ИТАЛИЈАНСКАТА МОДНА КУЌА СЕ ОДРЖА НА 26 ФЕВРУАРИ ВО РАМКИТЕ НА МОДНАТА НЕДЕЛА ВО МИЛАНО, КАДЕ ШТО БЕШЕ ПРЕТСТАВЕНА И КОЛЕКЦИЈАТА ЕСЕНЗИМА 2025, СВЕЧЕНОТО ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ ЌЕ ПРОДОЛЖИ И НАТАМУ, ВО СЛЕДНИТЕ ОСУМ МЕСЕЦИ, СО УШТЕ МНОГУ ИЗНЕНАДУВАЊА
Гламурот на прочуеното филмско студио Чинечита е инспирацијата за колекцијата есен-зима 2025, наменета и за мажите и за жените. Модната ревија се одржа во реновираното седиште на „Фенди“ (Виа Солари), а нејзиниот почеток се карактеризираше со голема театралност, благодарејќи на двата сина (близнаци) на Делфина Делетрeз Фенди, инаку ќерка на Силвија Вентурини Фенди. Се разбира, модната куќа е позната по тоа што наследници се женските деца, генерациски. На сцената имаше и неколку врати од поранешното ателје на Виа Боргоњона во Рим, враќајќи го минатото. Ревиите на „Фенди“ во голема мера се и ретроспективни, обновувајќи ги сеќавањата на своите претходници, т.е. семејната лоза, особено во текот на оваа, кога беше и централната прослава. Откако го сменија уметничкиот директор за женска облека – Ким Џонс, кој беше назначен во 2020-та, потписот на оваа колекција го стави Делфина Делетрез Фенди, припадничка на четвртата генерација, одговорна и за накитот. Претходно Карл Лагерфелд ги држеше конците во свои раце, за чиј креативен дух се говори само во суперлатив.
ЉУБОВНАТА ВРСКА И СМИСЛАТА ЗА УБАВОТО КАКО ВОВЕДНА ПРЕМИСА
Нема дилема, во фокусот и овој пат беа поставени скапоцените крзна, со акцент врз стрижените, а интарзијата придонесе да бидат и свечени – секако, по повод стогодишниот јубилеј. Тие се синоним на луксузот цели 100 години. Светски познатите манекенки со кои модната куќа соработуваше во изминатите години се вратија на пистите, исклучиво за потребите на ревијата, меѓу нив и Ева Херцигова. Сосема неизбежно, како гостинка се појави Сара Џесика Паркер. Всушност, за нејзиното име се врзува и популарноста на „Фенди багет“, чантата што ја носеше во „Сексот и градот“. Дизајнот е од 1997-ма, со потписот на Силвија Вентурини Фенди. Ангажманот на јапонскиот ликовен уметник Тароут резултира со нов дизајн (препознатливите цртежи кои по малку наликуваат на детски, аматерски) – и сето тоа дополнето со карактеристичниот знак на модната куќа, т.е. логото. Како и да било, предизвикува внимание. Заедно со „Фенди пикабу“, неизоставно бидејќи и двата модела имаат иконично значење за овој бренд.
Неговата воведна премиса е љубовната врска меѓу Едоардо и Аделе (моминско презиме Казагранде), исполнета со романтика. Обајцата се карактеризирале со развиено чувство за убавото, смисла за убавото. Важеле за естети. Оттаму и желбата, идејата за отворање на првиот дуќан во 1925-та (Виа дел Плебишито), а веднаш по стапувањето во брак и раѓањето на петте ќерки се развил во семеен бизнис. На самиот почеток во продавницата се продавале исклучиво крзнени и производи од кожа. Седум години подоцна отвориле уште еден дуќан во Рим (Виа Пијаве), кој за кратко време се вброил меѓу омилените на странските туристи. Без исклучок на Римјаните, Италијанците воопшто.
Брачната двојка во 1946-та ги вклучила и петте ќерки – Франка, Паола, Карла, Ана и Алда, секоја си имала свој удел во компанијата со 20 проценти, во исто време претставувајќи ја втората генерација од семејството Фенди. Во 1965-та им се придружил и Карл Лагерфелд за чија креативност никогаш не се полемизирало. Напротив, секогаш изненадувал со творечките креации, поради што станал и многу познат, дури и во светски рамки. Веднаш го назначиле за уметнички директор на колекциите во кои доминирало крзното, а потоа и на „реди ту веар“ (лансирана во 1977-ма). Негова била и замислата, идејата за логото – двојно F во квадрат, но различните интерпретации, острите критики воопшто не влијаеле на одлуката да го зачува. Истата година „Фенди“ ја претставила и својата прва колекција на висока мода. Набрзо се свртела кон комерцијата, приоритет имала добивката. Крзното веќе не чинело многу пари. Следело производството на козметичките средства и модните додатоци за мажите – конкретно, парфемите ги пуштиле во продажба во 1985-та, додека очилата, џинсот и мебелот во 1987-ма. Една од нивните цели (проширувањето на територијата на САД) ја постигнале во 1989-та со отворањето на бутикот во Њујорк на Петтата авенија (Менхетен). Успесите се нижеле и понатаму во 1990-тите.
УЖИВАЊЕ ВО ЖИВОТОТ – МОТО НА КОМПАНИЈАТА, ЦЕЛИ 100 ГОДИНИ
„Фенди“ се движеше во нагорна линија и со лансирањето на колекцијата на џемпери, капути што се носат заедно во 1994-та, потпишана од Карл Лагерфелд. Пресметките укажуваа на тоа дека 90 проценти од приходот на модната куќа се резултат на севкупноста од нејзините дејствија, оперативно – 50 % доаѓале од кожените производи (аксесоарите), 20 % од облеката и 20 % од крзното. Во тоа време претседателската функција ја презела Карла (дотогаш ја вршела Паола), но во тимот се приклучила и ќерката на Ана – Силвија Вентурини Фенди. Оттогаш е уметничка директорка на одделот за модни додатоци, а му била и десна рака на Карл Лагерфелд – кога се работело на женските линии. Со нејзиниот потпис е чантата „багет“, која ги собори буквално сите рекорди во продажба.
Компанијата беше сопственост на семејството Фенди сè додека „Прада“ и „ЛВМХ“ не се договорија да купат 51 процент за 545 милиони долари. Конкурентот „Гучи“ загуби во наддавањето. Всушност, „Прада“ и „ЛВМХ“ се обврзаа да купат 49 проценти од „Фенди“ – се разбира, доколку сестрите одлучат да ги продадат. Компанијата во 2001-ва и 2002-ра се соочи со загуба од околу 20 милиони евра, поради што „ЛВМХ“ купи уште 15,9 проценти од „Фенди“. Во меѓувреме, „Прада“ беше приморана да го продаде својот удел (25,5 %) на „ЛВМХ“ за 265 милиони долари. Карла и натаму ја вршеше претседателската функција, до 2008-ма. Тогаш, со ревијата на Кинескиот ѕид го направија и пробивот на тамошниот, пазарот во Кина. „Фенди пикабу“ го постигна успехот исто како и „Фенди багет“.
Педесетгодишнината од соработката со Карл Лагерфелд ја прославија во театарот на Шанзелизе во Париз, лансирајќи ја колекцијата на висока мода со скапоцено крзно, а деведесетгодишнината од постоењето на италијанската модна куќа ја одбележаа со ревија на фонтаната Ди треви во Рим. Без оглед на најавата дека седиштето ќе биде во Палацо дела Чивилта Италијана (од времето на Мусолини), „Фенди“ се одлучи за нешто друго, да отвори луксузен хотел и продавница. Се зборуваше наголемо и за киријата – 2,8 милиони евра годишно. Една милијарда евра (отприлика) е продажбата на годишно ниво, исто така. Постојано се стреми кон постигнување на целите, без импровизации. Луксузот, раскошот е секогаш во преден план. Се чини дека бутик-хотелот во центарот на Рим (Виа дела Фонтанела ди Боргезе) предничи во тоа – интересот навистина е голем. Како и за сè друго, впрочем. Уживањето во животот е мотото на компанијата, цели 100 години. Прославата ќе продолжи и натаму, до крајот на 2025-та за кога се најавени уште многу изненадувања, со доза на луксуз што не може да се измери. Премногу голем е.