Самостојното управување на моторните возила стигна до четвртото ниво, но тоа не се случи во дворот на некоја од познатите марки во светот, туку во дворот на Далечниот Исток, поточно во Кина, каде врвната технологија е најразвиена и граби напред со џиновски чекори. Ако минатата година беше претставен концептот „робо 01“ на основа (платформа) од Гили кој ја најавуваше ерата на автомобили со четврто ниво на самостојно движење, оваа година концептот влезе во сериско производство. Најзаслужни за брзиот напредок се производителот Баиду и автомобилскиот гигант Гили. Тие претходно се договориле заеднички да основаат компанија (Јијуе Ауто) која ќе произведува електромобили. Така ја создаваат марката Јијуе (или џијуе) и на крајот од октомври нивниот модел „01“ доживеа првично претставување пред светската јавност. „Јијуе 01“ е првиот автомобил во светот со четврто ниво на самостојно управување, така што сега сме сведоци и современици на овој историски настан за човештвото. „Јијуе 01“ е првиот сериски автомобил со највисоко ниво, засега четвртото, на автоматско управување. Накусо објаснето, вие пиете коктел сок и разгледувате околина, а автомобилот совладува километри до одредиштето зададено од вас.
Две изведби имаа погон на предна оска, додека третата е со два електромотори и погон на сите тркала (на двете оски). Двете изведби поседуваат погон со силина од 272 КС, но едната поседува батерија со капацитет од 71,4 kWh, а другата со капацитет од 100 kWh. Со тие батерии возилото може да измине 550, односно 720 км, а забрзува од 0 до 100 км/ч за 7,2 и 6,9 сек.
Најопремена и најскапата изведба, таа со два електромотори и погон на сите тркала со едно полнење на батериите изминува 660 км, располага со вкупна силина од преголеми 544 КС и постигнува 100 км/ч за 3,8 сек. За самостојно движење и управување на еден автомобил потребен е врвен компјутерски уред потпомогнат со еден куп камери, сензори и радари, а сето тоа го поседува „јијуе 01“.