JEEP COMPASS-СТИГНА ТРЕТАТА ГЕНЕРАЦИЈА

12/05/2025

Ова е третата генерација од моделот „компас“, претставен за првпат во 2006  за моделска 2007 година. Оттогаш до денес производителот продал 2,5 милиони примероци и се надева дека со најновата генерација продажбата ќе биде поголема од досегашната. „Џип компас“ е направен на најсовремената платформа во групацијата Стелантис, приспособливата „стла медиум“ која е основа за конструирање и на: „пежо 3008“, „пежо 5008“, „опел грандленд“ и „цитроен ц 5 еркрос“. Производството ќе се одвива во Мелфи, Италија, а за американскиот континент во Брамптон, Онтарио, Канада. Продажбата е закажана за крајот од есента и почетокот на зимата.

Посебните седум вертикални отвори на маската си ја задржале својата естетска, но и практична примена. Воедно тие вертикални отвори со тек на времето, станаа своевиден заштитен знак на Џип. Дизајнот е тој препознатливиот и покрај тоа што сите линии се нови, сепак дизајнерите посветиле многу големо внимание истите да бидат продолжение од сите претходни модели. Препознатливоста е таа која секогаш треба да остане во семејството – тоа што народите од планетава пренесуваат нешто од колено на колено и минува во традиција, така и обликот на возилата од една марка мора да го следат тоа, да има некакво обединување на облиците низ децениите со кои се гради препознатливоста. Фотографиите од третата генерација на моделот „компас“ кажуваат сѐ.

Должината од 4,55 м на новиот „џип компас“ е гаранција за удобноста во одделот за патници, односно производителот вели дека внатре има цели 55 мм повеќе за колената на патниците, но и цели 550 л во одделот за товар, односно за 45 литри повеќе од претходникот. Задните седишта се делливи со следниов распоред 40:20:40, добра основа за сместување на предмети со „необични“ облици и димензии.

Групата од погонски единици е целосна има и хибридни, хибридни со приклучок и електрични. Нема нешто што нема. Основниот хибриден поседува 145 КС, а тој хибридниот со приклучок има 195 КС. Два електрични погони нуди Џип, едниот со 213 КС со погон на предната оска и погон на сите тркала со вкупна силина од 375 коњи.

Конструкторите потврдуваат дека најновава генерација може да се движи и низ водени површини, не подлабоки од 47 цм, најниската точка до асфалтот е подигната на растојание од 200 мм што е доволно за совладување разновидни подлоги, дури и тие потешките. Тоа значи дека „џип компас“ не е само „сув“ и градска шминка, туку и сериозен придружник надвор од асфалтот. Природниот агол (на искачување) изнесува 20 степени, а аголот на напуштање на надолнината е 26 степени.

А каде се дизел моторите? Воопшто не ги спомнуваат. Дали Стелантис ќе одлучи да ги врати и вгради за одделни пазари, за такво нешто ќе почекаме да видиме како ќе се изјаснат челниците.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.