Интервју со Ристо Вуков – Рико-ИДНИНАТА Е ВО ТРКИТЕ СО ГТ ВОЗИЛАТА

23/09/2021

РИКО Е ВО ВТОРАТА СЕЗОНА ОД ПОРШЕ КАРЕРА КУП ИТАЛИЈА, А ВЕЌЕ СЕ ИЗВОЗЕНИ ТРКИТЕ ОД ПРВАТА ПОЛОВИНА НА СЕЗОНАТА. ДО КРАЈОТ ИМА УШТЕ ТРИ ГРАН ПРИ ВИКЕНДИ, А ВО СЕКОЈ ИМА ПО ДВЕ ТРКИ: 18 И 19 СЕПТЕМВРИ НА ВАЛЕЛУНГА, А ЗАВРШНИ СЕ ТРКИТЕ НА 2 И 3 ОКТОМВРИ НА ФРАНЧАКОРТА И 30 И 31 ОКТОМВРИ НА МОНЦА

 

Пандемијата со Ковид-19 минатата година го сврте вниманието на луѓето кон сопственото здравје, како и кон здравјето на најблиските, па напорите на спортистите од Македонија да постигнат резултати на европски и светски план беа во втор план, иако публиката како никогаш досега доби шанса да поддржува повеќе македонски автомобилисти на меѓународната сцена. Ристо Вуков кој се етаблираше уште во раната младост како возач на картинг, веќе неколку сезони работеше на својата подготовка во светот на трките каде што доминираат возрасните. Српското првенство беше „отскочната даска“, но паралелно со тоа имаше разни тестирања на возила од ТЦР, како и учества во трки на издржливост. Одлуката за неговиот ангажман во Порше Карера Куп бил „готова работа“ уште на крајот од 2019 година, неколку месеци пред појавата на пандемијата, а потоа нештата излегоа од негова контрола.

Во ова интервју за „Клуб Мобилити“ тој ги открива причините зошто го избрал ова натпреварување и како планира да ја организира својата интернационална кариера.

Клуб Мобилити: По неколку годишна пауза, повторно разговараме за твојата кариера во автомобилизмот и трките против возрасни противници, за разлика од картинг деновите кога возеше против други деца. Која е најголемата разлика што лично ја забележуваш?

Ристо Вуков: Можеби како помлад не сум бил свесен за комплетната слика, но денеска најмногу забележувам разлики во сегментот на финансиите. Со картингот израснав и уживав во возењето и возбудата на трките, но сепак тоа ми се чинеше дека е еден нормален живот, каде што за викенд одиш на некоја картинг патека, возиш трка и се враќаш дома со пехарот. Колку повеќе одиш нагоре во кариерата, станува поскапо, а за нас често и недостижно скапо.

За да се продолжи по патот што беше трасиран со картингот, требаше да се преселам во странство за да возам во некои од пониските категории на формули како Формула 4 или Формула 3, па дури потоа да имам право да сонувам за седиште во Формула 2 или Формула 1. Згора на тоа, седиштето во тие конструкции на возила е недостижно за македонските буџети, дури и некои возачи претходно од регионот се обидоа, но не успеаја. Тоа ме разочара бидејќи со резултатите кои ги имав, бев најдобар во Југоисточна Европа, но во тие трки не можеш да влезеш туку-така, како во картингот, беа потребни огромни средства, па затоа своите интереси ги насочив кон другите видови на автомобилски натпреварувања. И тие се далеку поскапи и бараат големи вложувања за наши сфаќања, но сепак се достапни.

Клуб Мобилити: Најголемиот број возачи од Македонија кои настапуваат во странство ги избраа првенствата на ТЦР, а ти се одлучи за Порше Карера Куп. Како дојде до таа одлука?

Ристо Вуков: По крајот на кариерата со картингот и одлуката да се вклучам во трките со автомобили, решив да се тркам во Србија заради посилната конкуренција. По пет години таму, како шампион се повлеков од српското првенство, со титула во најсилната класа „југо хибрид“. Стара мудрост е дека треба да си заминеш кога си на врвот и јас ја испочитував. Бидејќи имаме славни имиња во ТЦР Европа, пред сè Душан Борковиќ, а секако и Игор Стефановски Иџе и Виктор Давидовски, овие трки се популарни на Балканот.

Но, во исто време, поради мојата блискост со нив, ги знаев нивните искуства и можев да оформам свое мислење околу политиката на организаторите, околу правилата за подготовка на автомобилите кои на моменти доведуваат до нееднаквост меѓу возачите. Од друга страна, мојот поранешен тимски колега од српското првенство, Јован Лазаревиќ, имаше еден тест во 2018 година во Монца, каде што се возеше и ТЦР Европа, а потоа настапуваше и цела сезона во 2019 година со Порше Карера, па почнав да ја анализирам таа опција, се интересирав во целина за трките од ГТ класите. Главната разлика од ТЦР задниот погон, што мене ме асоцира со младоста и возењето во картинг шампионатите. Потоа следеа контактите во текот на 2019 година и наменските посети и запознавањата со тимот. Не сакам да го омаловажам ТЦР Европа со ништо, но по својата моќност, ГТ автомобилите се една скала над перформансите со ТЦР возилата, а дополнително бараат и врвна возачка техника. Сметав дека Порше ќе биде вистинското школо за мене, како би се адаптирал за она што сакам да го продолжам во иднина, бидејќи сите повисоки класи се со возила кои имаат заден погон.

Клуб Мобилити: Како течеа нештата откако ја донесе одлуката да продолжиш во Порше Карера Куп Италија?

Ристо Вуков: Околу изборот на шампионатот и тимот, совет добив од Борис Миљевиќ, поранешен возач и човек кој моментално соработува со повеќе тимови од италијанскиот и светскиот куп. Со него разговарав и за другите ГТ шампионати, а некаде на крајот на 2019 година ме запозна и со Џанлука Ди Лоренци, сопственикот на тимот за кој што возам денеска. Се сретнавме на последната трка од 2019 година, за првпат влегов во боксот, го почувствував мирисот на тркачката гаража, и стекнав мошне импресивно мислење за серијата, за натпреварувањето. Во моментот кога седнав во возилото, кога првпат го стартував моторот, во мене предизвика многу поразлични чувства. Едноставно, ме инспирираше и конкуренцијата, повеќето ривали се професионалци. Добив понуда најпрво да возам на трката во Абу Даби, каде што бев еден од возачите на „ЏДЛ рејсинг“ во таа 12-часовна трка и тоа беше голем тест за сите нас, и за мене како возач на ГТ автомобили, а и за нив, за да видат со каков калибар на возач треба да соработуваат. Јас бев задоволен од мојот настап, како тим имавме второ место во нашата класа, моите времиња по круг беа конзистентни, и сè на сè, искуствата беа позитивни. Во нашиот разговор на сите ни беше јасно дека разговараме за долгорочна соработка, но формално одлучивме да одиме година за година. Ултимативната цел е освојување на титулата, а тоа не е нешто што се прави преку ноќ. Првата сезона ни беше јасно на сите дека ќе биде година во која ќе се запознаеме најдобро и со возилото и со патеките, како и дека мора да сме меѓу првите десет за да создадеме основа за напредок.

Клуб Мобилити: Но пласманот меѓу првите десет се случи веднаш, уште на првата трка?

Ристо Вуков: Искрено, јас бев изненаден од првиот пласман во „топ 10“ и тоа ме охрабри бидејќи знам колку ми беше тешко на првиот настап во Муџело. Трема немав, ама од високите брзини и од силните гравитациски сили се чувствував како да имам „морска болест“. Потоа имаше различни подеми и падови, имаше моменти кога бев подобро пласиран, но имав големо задоцнување, а имаше и моменти кога доцнев само шест десетинки, а бев на 12 место. Сето тоа ми даде слика слика дека изедначеноста е голема, но тоа беше очекувано и беше стимул да се продолжи натаму. Тимскиот шеф Џанлука Ди Лоренцо ми упатуваше пораки „да се предадеме еден на друг“ со автомобилот. Апелираше дека брзините се големи, односно 90% од еден тркачки круг како да „лебдиме“, а во 10% сме на асфалтот. Најголем проблем имав со чувството на сопирачките, бидејќи тоа не е како во обичниот живот, туку со отсечен и силен удар по педалата! Тоа го компромитира влезот во свиокот, брзината низ свиокот, однесувањето на возилото. Не е едноставно! Исто така, ми бараше да бидам поагресивен со воланот, да не стравувам дека ќе го изгубам возилото и така натаму. Тоа е она што сакам да го корегирам оваа година.

Клуб Мобилити: Бројот на возачи лани поради пандемијата беше опаднат, но годинава има преку 30-35 учесници. На хартија, не звучи дека ќе биде полесно!?

Ристо Вуков: Првиот впечаток ми е дека конкуренцијата е зголемена за 50%, што е навистина многу. Лани се натпреварувавме меѓу 22 и 25 возила, а за оваа сезона има пријавени 37 возачи. Од она што го знам, повеќето се подготвени да ја возат целата сезона, бидејќи лани поради пандемијата не учествувале, но има и многу нови таленти кои доаѓаат од светот на картингот каде што го достигнале врвот на свои 18 години и сега ги прават првите чекори во светот на тркачките автомобили токму преку оваа серија. Како фаворити се очекува да бидат актуелниот шампион Симоне Јакинта, заедно со ривалите Давид Фуманели и Џанмарко Карезмини. Од шампионатот на ТЦР Италија во Порше Карера Куп прејде и Алесандро Џиардели, за кого ривалите говорат дека „не излегува“ од возилото и зимава имал преку десетина приватни тестови. Нема поента да се жалам, дојден сум да се натпреварувам, но сепак свесен сум против какви „ѕверки“ треба да се борам и дека треба да дадам максимум од себе!

Клуб Мобилити: Се чувствуваш ли дека си на исто ниво со ривалите, како ги доживуваш резултите од првиот дел на сезоната?

Ристо Вуков: Да бидам искрен, чувствувам дека имам свои приоритети и работев на нив. Оваа зима ја посветив на различен тип на тренинзи, како на физички план, така и на психички план, бидејќи сакав да бидам сигурен дека сум ја искористил секоја шанса за да се подобрам. Имав возења, односно тренинзи на симулатор, кои навистина ме истоштуваа, тоа беа исцрпувачки искуства, но работев на задржувањето на концентрација на подолг рок. Патеките веќе ги познавам добро, така што сега е време да се состави мозаикот, мислам дека треба малку повеќе да се опуштам во тие големи брзини од 270 или 280 километри на час. Лично, секогаш тргнувам од себе кога ја барам одговорноста за слабите резултати и сметам дека ми недостига уште малку жестина, особено во квалификациите. Би рекол дека дека предноста на моите ривали е тоа што живеат таму, што се постојано во близина на повеќе патеки и можат да си дозволат приватни тестирања, додека јас патувам по 1.500 километри за да учествувам на трката. Од друга страна, во трка сум многу побрз, дури и да не се квалификувам во првата десетка, знам дека во трката ќе одам понапред. Но, има 5-6 возачи кои константно успеваат да бидат побрзи, да напредуваат повеќе од другите. На пример, после тренинзите, во квалификациите сите возиме времиња кои се подобри за половина секунда, но има и такви кои го симнуваат своето време за секунда и половина! Мислам дека тоа веќе не е до возачот, туку до некои инженерски сознанија околу штелувањето на возилото. Од друга страна, во мојот тим нема втор возач, немам конкуренција, немам со кого да се надополнувам, работам сам. Секоја ситница има влијание во вакви ситуации…

Клуб Мобилити: Планот е да останеш и догодина во Порше Карера Куп Италија?

Ристо Вуков: Со искуството стекнато кај возилата со заден погон мислам дека имам опции во иднина да размислувам за ГТ трките, за светскиот Порше куп, па дури и за трките на издржливост кои имаат свое светско првенство, меѓу кои е и славната „24 часа Ле Ман“. Размислувам дека би било добро да останам во Италија следната сезона, бидејќи се менува автомобилот. Имено, ова е последна година на Порше Карера со старата генерација на ГТ3 автомобили, а во Светскиот куп веќе ја имаат на располагање новата верзија. Со други зборови, во 2022 година сите ќе почнеме „од нула“, ќе го учиме возилото, кое на пример нема анти-блок систем за сопирачките, а генерира посилен воздушен потисок и поради тоа е за нијанса побавно на правците, иако има преку 500 коњски сили. Во таква ситуација, не би го менувал првенството за некое каде што не ги знам патеките и тимот.

Клуб Мобилити: Како си прифатен во нашата држава, како луѓето со кои комуницираш го прифаќаат тоа дека сакаш да бидеш професионален возач на трки? Како ти гледаш на својот имиџ, се трудиш ли да оставиш впечаток на „мачо“? 

Ристо Вуков: Искрено, тешко е секому да објасниш зошто и како си се нафатил баш за ова, не секој ја разбира таа желба за брзина и трка. Јас се пронаоѓам во таквиот стил на живот, но не и во „мачо“ стилот. Би рекол дека сум премногу нормален за такво нешто. Дома не сум некој Карапанџа, но знам да се снајдам. Кога не сум во автомобилот, сакам да возам симулатор „Асето Корса“, тоа на некој начин го разбирам како еден лесен тренинг, барем виртуелно сум во светот на трките.

 

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.