Интервју со Игор Стефановски – Иџе – МУ ПРИПАЃАМ НА ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО

22/05/2019

ПО МИНАТОГОДИШНАТА ТУРБУЛЕНТНА СЕЗОНА ВО КОЈА ШТО РЕЗУЛТАТИТЕ НА КОИ НАВИКНАВМЕ ОД ИГОР СТЕФАНОВСКИ – ИЏЕ ЕДНОСТАВНО ИЗОСТАНАА, МАКЕДОНСКИОТ ШАМПИОН СЕ ПОДГОТВУВА ЗА НОВАТА СЕЗОНА И ЌЕ СЕ ОБИДЕ ДА ДОКАЖЕ ДЕКА НЕГОВИТЕ ПОСТИГНУВАЊА БЕА ПОД ВЛИЈАНИЕ НА ЛОШАТА СРЕЌА.

 

По пауза од шест месеци, трките со туринг возила (Touring Car Racing) повторно стануваат актуелни, а со тоа се актуелизираат и настапите на македонските возачи, првенствено на прекалениот Игор Стефановски.

АМСМ КМ: По титулите во европските првенства на ридски патеки и победите што ги видовме во претходното европско првенство наречено ЕТСС, минатата сезона може да се оцени како „посна“ од резултатски агол. Како гледаш на сето тоа од денешна дистанца?

Стефановски: Има повеќе причини за сето она што ми се случи во 2018 година, а пред сè влијанието беше надворешно бидејќи ФИА го укина ЕТСС првенството, па сите моравме да се приспособиме кон трките од ТЦР Европа. Конкуренцијата преку ноќ се засили, а дополнително мораше да се менува и автомобилот. Поради финансиските проблеми кои отсекогаш биле присутни, до нарачка на нов автомобил дојде премногу доцна и буквално тој ни беше испорачан на 2-3 дена пред првата трка.

Без никаков тренинг, во дождлива трка и при борба за седмо место имав излетување уште на првиот настап и го оштетив возилото. Малерот беше дотолку поголем што оштетениот менувач не можевме да го сервисираме бидејќи немаше резервни делови од самата фабрика. Откако успеавме да направиме комплетна репарација, дефакто првиот сериозен тест го направивме на патеката Гробник кај Риека на почетокот на јули. Во тој момент веќе половина сезона беше измината, па во преостанатите трки правев сè што можев, но имав чувство дека не успевам да ги добијам истите перформанси од возилото како и моите ривали. Кога сè ќе се собере, навистина имавме малерозна година, но како што велат постарите, сите нови почетоци се тешки и ние се обидовме да се справиме со тоа најдобро што умееме.

АМСМ КМ: Кои се плановите за 2019 година? Имаше ли повеќе опции?

Стефановски: Морам да бидам искрен и да кажам дека навистина разгледував други опции, не поради нешто друго, туку само од гледна точка на тоа дали ќе имаме буџет за достоен настап во европското првенство или не. Моите ривали на секој гран при викенд за двете трки имаат идеално подготвени возила и логистика којашто, рака на срце, за наши услови бара многу средства. Јас чувствувам дека возачки му припаѓам на европското првенство и дека на публиката и должам борба со најсилните ривали, но во текот на зимскиот период додека траеја подготвителните активности, се интересирав и за настапи во други шампионати. Поради поддршката на спонзорите, кои и покрај сите тешки ситуации останаа со мене и за оваа сезона, јас одлучив да возам повторно во ТЦР Европа, но поради раниот рок за пријавување, не можев да обезбедам во овој момент лиценца за настап на сите трки, туку само трка за трка. Поради тоа ќе ја искористам можноста да возам и други трки, но секако дека главна цел останува достојното презентирање во најсилната класа на Стариот континент.

АМСМ КМ: Која ќе биде твојата прва трка во 2019 година?

Стефановски: Сезоната ќе ја отворам со настап во трките од првенството на ТЦР Италија. Минатата година кога имав проблеми со едното возило на патеката во Монца, чисто заради сопствена самодоверба, две недели подоцна возев на истата патека со другото возило, но тогаш во трка од ТЦР Италија. Бидејќи резултатите покажаа дека со стариот автомобил сум побрз отколку со новиот, тоа ми даде јасна слика на ситуацијата и донекаде ми ја врати самодовербата која беше разнишана од неколкуте лоши пласмани.

Повторно ќе спомнам дека моите ривали во новата сезона влегуваат со неколку тестови зад себе и со одлично подготвени автомобили, па затоа пред да почнам во трките на ТЦР Европа ќе имам една трка во ТЦР Италија на 19-ти мај, којашто ќе ми послужи како тест или подобро речено загревање пред другите настапи. Нашиот спорт е мошне технички, но сепак бара и вежбање на возачките рефлекси, одржување на формата и тркачкиот инстинкт, па затоа такви тркачки километри ми се неопходно потребни и мене и на секој друг возач што се вложува максимално во своите настапи.

АМСМ КМ: Дали можеш да ни откриеш детали околу подготвеноста на автомобилите кои ќе ги возиш?

Стефановски: Во трките од ТЦР Европа ќе возам со истиот автомобил од лани, Хјундаи и30. Реков и претходно дека репарацијата траеше долго и сè уште сум во исчекување на вистинските перформанси кои што ова возило има потенцијал да ги испорача. За жал, ја испуштивме шансата да се појавиме на првата трка во Будимпешта каде што меѓу првите 12 имаше седум возачи со ист автомобил како мојот, бидејќи тоа ќе беше добра патека за нас, но во првенството има уште шест гран при викенди и очекувам конечно да дојдам во ситуација за рамноправна борба со останатите фаворити. Од друга страна, возилото со коешто се борев за титулата во првенството ЕТСС, Сеат Леон, сè уште е во мојата гаража и подготвено за настап, поради што со него ќе тренирам и ќе експериментирам, како што е тоа случајот со првата трка од ТЦР Италија, во Мисано крај Римини. Во текот на зимата мислев со него да имам и некои настапи на трки од ридскиот шампионат, но барем засега тие се одложени. Поради природата на настапите кои ќе осцилираат во текот на сезоната, немам конкретен план, меѓутоа добро е што влегуваме во сезоната максимално подготвени и очекувам таквата стабилност да ни донесе и подобри резултати.

 

АМСМ КМ: Дали и понатаму ќе наста- пуваш самостојно како сопственик на тим и возач во истиот?

Стефановски: Засега да. Во овој момент тоа е единствената опција. Имам прекрасна екипа на соработници и на секој од нив сум му маскимално благодарен за поддршката и довербата што ми ја даваат. Овие неколку години возејќи на трките низ европските автодроми сфативме колку вредиме заедно и навистина постигнавме и резултати со коишто можеме да бидеме горди. Во однос на минатата година имаме добар простор за напредок и се надевам дека тоа ќе го искористиме за да покажеме дека и ние сме напредувале во секој поглед.

АМСМ КМ: Имаш ли зацртано цел? Што ќе те направи задоволен?

Стефановски: Секогаш зборувам само за победи. Борбата за победа е она што ме привлекува и мотивира. Без оглед каде се вози и во кој шампионат, сите маки и проблеми исчезнуваат кога на подиумот ќе се развее македонското знаме и ќе се интонира нашата химна. Можеби во овој момент е нереално да зборуваме за титули, но ветувам дека на секоја трка, каде и да возам, ќе го дадам својот максимум за победа во истата.

 

АМСМ КМ: Имаш ли свој рецепт како се подготвуваш за настап во некоја трка?

Стефановски: Веќе подолго време соработувам со инженерот Мирослав Растовиќ, а тој најдобро ги разбира моите потреби за возило кое ќе биде конкурентно, а во кое ќе имам доверба, кое ќе реагира во одредени ситуации онака како што јас сакам. Тоа за мене како возач е најбитно, а фактот дека сум опкружен со моите најблиски за време на тркачките викенди, исто така, ми дава дополнителна енергија, кога сме заедно се чувсвтвувам најдобро.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.