Индустриски роботи – ЗА НЕКОИ КОРИСНИ ПОМОШНИЦИ, ЗА ДРУГИТЕ ЗАКАНА

27/11/2019

ЧОВЕКОТ ОД ВЕК ВО ВЕК НАПРЕДУВА ВО ИЗРАБОТКАТА НА НАПРАВИ И АЛАТИ ЗА ОЛЕСНУВАЊЕ ВО СЕКОЈДНЕВНИЕТО. СЕГА ТИЕ ПРОМЕНИ СЕ СЛУЧУВААТ ВО ЕДНА ДЕЦЕНИЈА И ТОА ПРЕМНОГУ БРЗО. ИСТОТО ЌЕ СЕ СЛУЧИ И СО РОБОТИТЕ. ДЕНЕС СЕ РЕТКА ПОЈАВА, А ПОТОА ЌЕ ГИ ИМА НА СЕКОЈ ЧЕКОР ВО НАЈРАЗЛИЧНИ ОБЛИЦИ.

 

Tретиот дел од приказната за роботите го посветуваме на тие што се посебно наменети за работа како дел од разни индустриски постројки и за работа во тешки услови. Овие роботи не можат да се споредуваат еден со друг и да се мери нивното работење, затоа што едни со други се толку различни што е бесцелно да се споредуваат. Секој индустриски робот е посебно наменет за извршување соодветна работа, односно имаме строга поделба на работните задачи – строго наменски роботи. Индустриски роботи се нарекуваат и електро механичките разбои на кои се ткаат платната, а потоа од нив се прави облеката. Такви разбои има од пред скоро 100 години.

Во минатиот век, Фиат направи целосно роботизирана фабрика за производство на моделот „уно“. Името на неговите „фаер“ погонски единици всушност е кратенка од „Fully Integrated Robotised Engine“ (FIRE) , мотор целосно склопен (направен) од робот – 1985 година. Прв кој ќе го претставиме е роботот именуван како „валкири“ изработен од НАСА во соработка со Универзитетот од Единбург. Бидејќи светов има намера да изгради живеалишта на Марс, најнапред експериментални, а потоа и такви наменети за масовно живеење. Роботот „валкири“ ќе биде тој што ќе ги гради првите живеалишта за астронаутите кои треба да стапнат на Марс за „неколку“ години. Тоа во „превод“ значи дека е наменет за работа во отежнати услови. Според работите кои може да ги заврши роботот „валкире“ во моментов е најсовршениот машинско електронски склоп. Не е само робот, туку и првиот робот космонаут што оди на две нозе и ќе се бави со градежништво, меѓу другото.

Следен на списокот е роботот „атлас“. Има облик на човек, висок е скоро 180 см и тежок 150 кг. Направен е од алуминиум и титаниум. За прв пат е претставен во 2013 год. и оттогаш до денес има направено бројни подобрувања од кои четири најважни и најголеми во ноември 2017, во октомври и декември 2018 и во септември 2019 е најновото прикажување во кое „атлас“ трча на терен прекриен со трева, се искачува на ридови и прави гимнастички вежби. Овој робот ќе се користи за најразлични намени, дури и во одбранбени цели. Во зависност од работата која треба да ја из- вршува, роботот ќе се произведува во различни димензии и различни изведби, но како основа за развој на изведбите ќе се користи веќе постоечкиот. „Атлас“ сè уште е во развој, конструкторите велат дека секој ден сè нешто му додаваат и го дополнуваат програмскиот дел задолжен за „умот“. При развивање на роботот „атлас“, компанијата сопственик на проектот „Бостон Динамикс“ не го конструирала роботот туку само го доразвила, а како основа го користела роботот „дарпа“.

Третиот робот веќе е комерцијален, а неговото име е „спот мини“ и ова е првиот кој компанијата Бостон Динамикс го пушта во продажба. Роботот се движи со помош на четири нозе, за разлика од претходните кои се исправени и движењата потсетуваат на човечките. Роботот „спот мини“ е наменет за извршување безбедносни задачи, ќе се користи во производството на најразлични производи, а умее и да разнесува секакви предмети, да речеме дека може да разнесува и писма, да биде поштар. „Спот мини“ е работоспособен од најниски – 20 до највисоки + 45 С степени.

„Х р п – 5 п“ е јапонски робот кој поседува многу способности, а најмногу се користи во градежништвото – крева најразновиден тежок материјал, работи со алат кој е гломазен и тежок за работа, а вклучен е и во производството. Фирмите кои се занимаваат со градежништво ќе бидат најзадоволни од „х р п – 5 п“, но истиот робот добро се покажал и како градинар, го бива за садење, корнење, берење, уредување, наводнување и тн.

Можностите на сите индустриски роботи се големи затоа што конструкторите многу често ги надоградуваат како со нови програми за работа така и со нови механички и електронски делови. Од ова може да се заклучи следново, претходно спомнатите роботи можеби веќе имаат застарени програми. Компјутеризацијата, а нарочно програмирањето со нови посовршени програми ги прави роботите од ден на ден сè поспособни и поспособни. Ако имате познавања од програмирањето тогаш лесно ќе можете да го надоградите вашиот робот, а таа направа ќе стане поубедлива во извршување на работните задачи.

Замислете си го светов полн со роботи кои работат за нас луѓето. Вие шетате, купувате и гледате како некои луѓе шетаат во придружба од неколку роботи хуманоиди задолжени за безбедноста на нивниот сопственик. Одите некаде на кафе, а таму ви приоѓа робот и ве прашува какво кафе ќе нарачате. И тоа не е сè. Роботот келнер ја прима нарачката, ја предава на друг робот кој го прави кафето. Но утредента само роботот келнер е тука, тој ја прима нарачката и пред вас го прави кафето. За неполна минута кафето и колачето се пред вас. Некој што умее да прави и доправа роботи го програмирал роботот келнер, покрај другото, да прави и кафе.

Да се вратиме на почетокот од трилогија за роботите. Порано роботи гледавме само во кино и на телевизија. Бевме воодушевени од нивните способности, од тоа како одат, како зборат, како изгледаат, но воедно се прашувавме дали ваквите направи навистина постојат и кога ќе ги видиме во секојдневието. Тоа време дојде, пред прагот е, наскоро следи масовна употреба на секакви роботи.

 

Жарко Атанасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.