Икс-59-НАДЗВУЧЕН ТУРИСТИЧКИ АВИОН?

23/02/2024

АВИОН ВО ВИД ТРН НАСКОРО ЌЕ СЕ ОБИДЕ ДА ГО ПРОБИЕ ЗВУЧНИОТ ЅИД, НО ПРИТОА ДА НЕ ГО ПРЕДИЗВИКА ВООБИЧАЕНОТО ГОЛЕМО ТАТНЕЊЕ. НАСКОРО НАСА И ЛОКИД МАРТИН ТРЕБА ДА ГО НАПРАВАТ ПРВИОТ ЕКСПЕРИМЕНТАЛЕН ЛЕТ СО „ТРНОТ“. ЌЕ БИДЕ ИНТЕРЕСНО ДА ВИДИМЕ ШТО ПОДГОТВИЛЕ АВИОКОНСТРУКТОРИТЕ

 

Човекот отсекогаш бил и ќе биде опседнат со летањето сака да биде како птиците, но не може. Затоа измислил повеќе видови летала што постојано се усовршуваат. Најнапред дрвени со платна, потоа метални, денес сè почесто се прават од јаглеродни влакна, а утре можеби од материјалот на иднината наречен графен, откриен во 2004 година од двајца руски научници, Константин Новоселов и Андре Гијм. За овој пронајдок научниците добија и Нобелова награда. АМСМ Клуб Мобилити веќе двапати пишуваше за графенот и неговите грандиозни својства.

Човештвото успеа да се вивне во небесните височини, дури и да однесе туристи на работ на вселената на висина од околу 17.000 – 18.000 или повеќе метри од каде што се гледа „топката“ планетава. И покрај сите ракети: Спутник, Аполо, Аријана и што уште не, комерцијалните авиони достигнаа едно ниво и сега тапкаат во место, најмногу со брзината. На пример, лет од Скопје до Мелбурн трае речиси едно деноноќие. Брзина од околу 880 – 940 км/ч и тоа е сè. Проблем е аеродинамиката, која е поинаква во даден момент во зависност од тоа со колкава брзина се движи објектот низ флуидот. При брзини блиски до 1 мах (1.234,8 км/ч) воздухот преминува во чудна состојба, како да е премногу густ. Ако некој авион лета со таа брзина, ќе потроши многу повеќе гориво за совладување на состојбата со густиот воздух. Кој ќе успее да се справи со аеродинамиката, ќе добие Нобелова награда, ќе ја добие целата слава, а со тоа и многу пари. На пример, тимовите од Формула 1. Тие постојано бараат нови аеродинамичари што ќе направат болидот да се пробива низ воздухот колку што е можно побрзо. Иако конструкторите умеат да направат брз авион, сепак за патничките авиони важат некои други правила во однос на трошоците за погонско гориво.

Ова не е единствен проблем. Пробивањето на звучниот ѕид е втор проблем. Бучавата е преголема и авионот не смее да лета над населени места, а и стаклата ќе испукаат. Сега во светот има околу 10 компании што работат на тоа да направат авион што ќе се движи со надзвучна брзина, но нема да предизвикува татнење при пробивањето на звучниот ѕид. Сите развиваат свои авиони со кои би летале со брзина од околу 1.500 – 1.600 км/ч. И НАСА развива таков авион заедно со Локид Мартин. Развојот е почнат во 2016 година, а минатиот месец, поточно на 12 јануари, авионот ù беше претставен на светската јавност. Премиерата беше статична, со тоа што првиот лет се очекува да биде во последниот квартал од годинава. Авионот наречен „икс 59“ е продолжение на тој од минатиов век, „икс 1“ со кој Чарлс (Шак) Јегер го проби звучниот ѕид на 14 октомври 1947 година, запишувајќи го своето име во историјата на светското воздухопловство. Оттогаш поминаа 76 години, но татнењето при пробивањето на звучниот ѕид и големата потрошувачка на гориво останаа.

Конструкторите на „икс 59“ велат дека нивниот авион ќе предизвика бучава при пробивањето на звучниот ѕид што ќе биде неколкупати помала. Со тоа би требало и трошоците за гориво да бидат намалени за неколкупати. Бидејќи е потребна врвна аеродинамика, авионот има изглед на трн. Долг е 30,4 m и има распон на крила од само 9,0 m. Поседува една погонска единица „џенерал електрик ф 414“ што теоретски му овозможува лет со брзина од 1,5 маха или 1.590 км/ч и крстосувачка брзина од 1,42 маха (или 1.510 км/ч) на висина од 16.800 м. Кокпитот е повеќе од посебен. Инструментите се од најновата генерација, сè е дигитализирано, но за пилотот нема класика од ветробранско стакло затоа што обликот не дозволува негово поставување. За него ќе гледаат камерите и сензорите, а тој сето тоа ќе го има на мониторите пред себе. Ќе има странични стакла, но не и ветробранско. Кабинскиот дел е зајмен од борбениот авион „нортроп т – 38“, а системот од тркала од „ф – 16“. Според пресметките, погонската единица е способна да постигне потисок од 98 кН.

Сè ова ќе треба да се докаже во наредниве месеци. Најнапред контролен лет, да се види како работи, а во некој од летовите што ќе следуваат пробивањето на звучниот ѕид. Најавите од производителите се многу оптимистички и велат дека целата работа ќе ја завршат во наредниве 10 години. Кон крајот на годинава експерименталниот авион „икс 59“ ќе го направи првиот лет.

 

Жарко Атанасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ