Икони на стилот – ДЕСЕТТЕ „РЕПРЕЗЕНТАТИВЦИ“

24/10/2019

ВЕЛАТ ДЕКА ОБЛЕКАТА НЕ ГО ПРАВИ ЧОВЕКОТ, НО… ГЕРМАНЦИТЕ ГО ТВРДАТ СПРОТИВНОТО. ЛИЧНИОТ ИЗГЛЕД, ДРЖЕЊЕТО ШТО ОДДАВА ВИСОКО УМЕТНИЧКО ДОСТОИНСТВО, ВКЛУЧУВАЈЌИ ГИ И КАРАКТЕРНИТЕ, ИНДИВИДУАЛНИТЕ ОСОБИНИ, ГИ РАЗЛИКУВААТ ВИСТИНСКИТЕ МАЖИ ОД „ИЗМИСЛЕНИТЕ“, ТИЕ ШТО СОЗДАВААТ ЛАЖНА ПРЕТСТАВА ЗА СЕБЕСИ. ДЕСЕТМИНА СЕ И СИТЕ ИЗВРШИЈА ВЛИЈАНИЕ НА СВОЕВИДЕН НАЧИН, ВРЗ ЛУЃЕТО ШТО ДРЖАТ ДО СЕБЕ, НА СЕКОЕ ПОЛЕ.

 

ШОН КОНЕРИ

На 25 август наполни осумдесет и девет години, а неговите блиски роднини, пријатели велат дека не загубил ни трошка од шармот. По потекло е Шкотланѓанец, чие џентлменско однесување треба да биде пример за младите луѓе воопшто, не само за глумците. Се карактеризира со непокорен дух, кој му е вроден. Неговиот глас влијае толку позитивно што ги смекнува и најтврдите женски срца. Доволно е да каже збор-два и тоа е тоа. Го сметаат за најубедлив филмски Џејмс Бонд, кој дури и според описот личи на агентот 007 од Флеминговата едиција шпионски романи. Тој е типичен доказ за мажественоста, што нè уверува дека староста не мора да значи и немоќ. Сега повеќе се ориентира на нејзината добра страна – искуството.

 

АЛЕН ДЕЛОН

Некогашниот легионер во исто време градеше имиџ на ладнокрвен убиец, на самурај во истоимениот филм на Жан Пјер Мелвил и ја олицетвори вечната младост на Доријан Греј. Прво ги сакаше, а потоа со иста страст ги мразеше своите потрчковци, телохранителите од српско потекло, кои важеа за исклучително убави мажи што тепаа бескрупулозно. Нивните имиња се познати, Стевица Марковиќ и Милош Милошевиќ. Од друга страна, Ален Делон го обвинуваа дека е бисексуалец, дека се оддава на блуд итн. Како и да е, зеленоокиот, светлолик и темнокос глумец, кој денес има осумдесет и три години, беше синоним на француската заводливост, идеален лик за вечни времиња, засекогаш.

 

ЕЛВИС ПРИСЛИ

Модерниот каубој што изгледаше провокативно, бесрамно играше во ритамот на црнечката музика. Кога расизмот го достигна врвот, ударите на барабаните го поттикнаа да се соголи пред своите обожавателки, додека не паднаа во делириум. Беше првиот белец што имаше храброст да им се спротивстави на тврдокорните закони. Го прогласија и за крал на рокенролот. Без оглед на фазата во неговиот живот што имаше неславен крај, поврзана со Лас Вегас, во сеќавањето на неколкуте генерации остана витиот, секогаш насмеан вестерн-јунак, кој, ако ништо друго, барем ги смири Холивуд, Њујорк и Нешвил, и во буквална и во поширока смисла на зборот. Почина на четириесет и двегодишна возраст.

 

КЕЛВИН КЛАЈН

Креатор чии парфеми, долна облека и блу- џин се популарни кај поширокиот круг луѓе, го нарекуваат престижен мајстор за минимализам. Има седумдесе и шест години и работи дење и ноќе, непрестано. Вљубеник во модата, магнат што ја води компанијата со неговото име од 1968 година. Го воведе спортскиот начин на облекување, кој стана голем хит. Жените го обожаваат и поради блејзерите што ја дополнија нивната гардероба. Келвин Клајн е, всушност, творецот на т.н. самодопадлив имиџ на модерниот урбан маж, супериорниот домородечки жител на Мидтаун Менхетен во Њујорк. На времето не можело да се замисли жур без неговото присуство, во друштво со најубавите жени.

 

МАРЛОН БРАНДО

Заводливиот, недостижен, недопирлив како ѕвезда, мачо-тип остана во нашето сеќавање како глумец што им одржа лекција на многумина што залутале во филмската индустрија. Жените ќе го паметат затоа што изгледаше привлечно. И ден-денес се зборува за ликот на Стенли Ковалски во филмот „Трамвајот наречен желба“. Таму носеше маица припиена за телото. Во филмот „Дивјак“ беше облечен во кожено палто и ги предводеше бандата мотоциклисти. Подоцна го жртвуваше својот изглед на романтичар за да му се предаде на хедонизмот, без мера, но тоа не ги поколеба неговите колеги да го прогласат за најдобар актер на светот, неофицијално. Тој е жив спомен, живо сеќавање. Го нема веќе петнаесет години.

 

ХЕЛМУТ ЊУТОН

Тој е човекот што прв фотографираше голи жени (многу ретко и мажи) за едиторијалите на модните списанија како „Вог“, „Харперс базар“ итн., за комерцијални цели. Неговото име е бренд само по себе. Го сметаат за највлијателен и најдобар фотограф-еротичар на сите времиња. Освен манекени, пред неговата камера позирале и актери и пејачи, буквално сите ѕвезди. Има објавено неколку книги со фотографии, кои ги конципирал тематски. На времето Енди Ворхол му бил десна рака. Заедно правеле чуда, воведувале новини што ги прифаќале со двете раце, а тие само разменувале идеи. Настрада во сообраќајна несреќа во 2004 г., на осумдесет и три години, оставајќи зад себе дела што ќе се паметат уште долго.

 

ЏЕЈМС ДИН

Бунтовникот без причина, кој деновите ги живееше како да му се броени, последни, умре на дваесет и четири години, кога животот зема сè поголем замав. Беше јунак, херој на вре- мето во кое живееше ултимативно. Важеше за емотивно, чувствително момче што се карактеризираше со тинејџерско однесување. Знаеше да се искара и да се истепа во секој момент, ако требаше и до смрт. Велат дека тоа му служеше како своевиден начин на одбрана. Дури и умре по свое. Се залета во ѕид, со огромна брзина, додека го возеше своето „порше“. Така, по своја желба и загина. Млад, на врвот од кариерата, која имаше дваесет и четири ТВ-серијали и седум филма.

 

ХАВИЕР БАРДЕМ

Без оглед на тоа што потекнува од видно семејство на глумци, режисери, сценаристи, педесетгодишниот Шпанец, во своето детство, не го сакал актерството. Хавиер Бардем е несуден рагбист. Играл за подмладокот на шпанската репрезентација. Неговиот интерес кон филмот се јавил на дваесет години, но затоа, пак, заводливоста му е во крвта. Има бурен темперамент. Освен што важи како талентиран глумец, женскиот дел од публи- ката вели дека во себе носи карактеристики на типичен латино-љубовник. Тој е добитник на „оскар“, на „златен глобус“ и на други европски награди. Срцето на медитеранскиот десперадос веќе девет години ѝ припаѓа само нејзе, на Пенелопе Круз, со која има две деца, син и ќерка.

 

ХЈУ ГРАНТ

Големото дете минатиот месец наполни педесет и девет години. Неговиот прекар е Петар Пан. Во исто време на британскиот шарм му го врати приматот, кој одамна му беше одземен, неправедно. Жените велат дека е сладок, но не можат да му ги простат неколкуте афери, како на пример скандалот што го направи со уличната проститутка. Затоа и го нарекоа волк во јагнешка кожа. Како-годе, тоа нималку не ја намали привлечноста на Хју Грант, што има својство на магнет. Со насмевката ги решава сите загатки, големите недоумици ги сведува на минимум, само во еден чекор, кога ќе успее да ги развлече усните на бледо нашминканото лице што изгледа толку невино што остава впечаток на безгрешна, ангелска душа.

 

ЏОН ТРАВОЛТА

Шеесет и петгодишниот актер, пејач и танчар, поради неколкуте таленти што ги има, го нарекуваат чудо на природата. Тој во исто време е и ретро-симбол и алфа-мажјак во софистицирана варијанта. Американецот од италијанско потекло зборува, пука, танцува со часови, непрестано и неуморно, на свој оригинален, посебен начин. Како што велат неговите колеги, никој не му е рамен. Џон Траволта сè уште се сеќава на своето погубување (симболично), кога филмската инндустрија го подзаборави, како и на воскреснувањето, благодарение на Квентин Тарантино, кој му даде улога во филмот „Евтини приказни“. Возрасните ги паметат неговите ликови во филмовите „Треската на саботната вечер“, „Брилјантин“ итн.

Игор Ландсберг

ПОВРЗАНИ СТАТИИ