Кога е Хјундаи во прашање, тоа „ен лајн“ во превод значи најнакитената изведба со спортска нота во која влегува и дизајнот. Моделот „туксон ен лајн“ премиерно ќе беше претставен на Салонот за автомобили во Женева, но да беше сè во ред со веќе познатата состојба која нè мачи повеќе од една година. Моделот ќе го имаше едно од најзабележителните места на штандот, затоа што „туксон“ е најпродаваниот модел на корејската марка на континентов и истовремено едно од најпродаваните во класата возила за забава.
Покрај спортскиот изглед и спортската внатрешност, мора да се спомне електронски контролираната суспензија (есц) која посебно е дотерана за „туксон ен лајн“, односно приспособена е за пооштро и попрецизно возење. Палетата од мотори ја сочинуваат еден бензински и еден дизел со иста работна зафатнина, 1,6 литри, обата со турбо компресор. Бензинскиот мотор ќе се нуди во четири изведби, од кои три се електрифицирани, умерен хибрид, хибрид и плаг ин хибрид, додека дизелот ќе се нуди само како умерен хибрид. Овие погонски единици се резервирани за европскиот и на него сличните пазари, додека таму каде обожуваат повеќе зафатнина и силина, можно е вградување на 2,5 литарскиот кој веќе се вградува во моделот „соната“.
Жарко Атанасоски