HYUNDAI SANTA FE-ПЕТТА ГЕНЕРАЦИЈА „САНТА ФЕ“

24/08/2023

Како што тргнале работите заоблените и залижани дизајнерски решенија кај „сув“ и теренските возила полека исчезнуваат. Светот забега со заоблувањата, така што сега теренските возила заедно со сув возилата безмалку изгледаат како изобличени топки. И еве сега класиката се враќа, повторно ги гледаме аглестите облици. Најнов сведок за тоа е новиот „хјундаи санта фе“. За овој модел Хјундаи приреди две светски премиери, најнапред во јули и сега во август при претставувањето во својата земја.

Иако петтата генерација е само 45мм подолга и 35 мм повисока, сепак аглестиот дизајн го направил своето – сега новиот „санта фе“ добил многу на агресивност и изгледа покрупен. Тој старо-новиот дизајн, класиката, придонесува да има повеќе зафатнина (простор) во одделот за патниците, иако ширината е иста (1.900 мм) со четвртата генерација. На ова ќе го додадеме и поголемото меѓуоскино растојание кое во однос на другите измени во димензиите е најголемо, дури 50 мм. И одделот за товар пораснал од 634 на 725 литри. Дизајнот е изненадување, но и испарувањето на дизелот е уште едно изненадување, а покрај него „испарија“ и шестцилиндричните бензински. Отсега натаму само четири цилиндри во бензинска изведба. 2,5 литарски атмосферски мотор со 194 КС и турбо со 281, обата со осумстепен роботизиран пренос. Овие изведби се за северноамериканскиот пазар, а хибридната наменета за речиси целиот свет – 1,6 литри турбо со 180 КС или вкупно 235 и автоматски менувач со шест брзини. И уште нешто, производителот нуди „санта фе“ со погон на сите тркала или само на предните.

Засега новиот „хјундаи санта фе“ ќе се продава само на домашниот пазар, а во остатокот од светот ќе стаса следната година напролет. Ако Хјундаи се премисли, можно е за некои пазари да пушти срце и да вгради дизел мотори. Засега тоа се само шпекулации.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.