Можеби состојбата со вирусот во светот малку ги поремети плановите на Хјундаи со претставувањето на пикапот од средна големина именуван како „санта круз“. Засега името е тоа, односно истото кое го носеше концептот претставен во 2015 година на Салонот за автомобили во Детроит. И покрај сè, работите одат според планираното, така што можеме да очекуваме светска премиера на серискиот модел по точно една година.
Според намената и дизајнот, новиот пикап нема да биде строго за работа во руралните срeдини, туку ќе се користи и како градско возило за забава. Тоа е поткрепено со невообичаено изменетиот облик, односно истиот отскокнува од класичната „пикап“ линија. Клинестиот облик ги изненади сите и затоа Хјундаи можеме да го прогласиме за творец на новиот подвид од пикап возилата.
Како што претходно нагласивме производството ќе започне од наредната година во Алабама, САД, каде се прават моделите „соната“, „елантра“ и „санта фе“, а продажбата е планирана за првите месеци од 2022 година. За овој потфат Хјундаи вложил скоро половина милијарда долари во зголемување на производните капацитети на фабриката и воедно тоа ќе донесе нови директни 200 вработувања и уште 1.000 индиректни, се мисли на добавувачите.