HYUNDAI IONIQ 9-НАЈГОЛЕМИОТ СО БРОЈ 9, ЦЕНТАРФОР

18/12/2024

Електричната дивизија од Хјундаи деновиве претстави нов сув и тоа со најголема бројка. Во ова семејство како бројот се зголемува така расте и возилото. Зборуваме за „јоник 9“, сув со малку поголеми димензии должина 5.060 мм, што значи ем семеен ем луксузен сув со дури седум седишта во конфигурација 2+3+2 (или 2+2+2). Во зависност од пазарот, во понуда ќе бидат и ротирачки седишта, така што патниците од средниот и третиот ред ќе можат да разговараат лице в лице. За стопанствениците кои треба да преговараат додека возат, да не губат време, тоа можат да го сторат за време на патувањето, а слично но не и исто се однесува на децата, тие ќе можат да ги играат омилените игри. За удобноста да биде уште поголема, Хјундаи го нуди електронскиот уред наречен „динамична грижа за телото“ – тоа е уред кој со притискање и вибрации го масира телото ја подобрува циркулацијата на крвта и со тоа го намалува заморот (вкочанетоста) при долгите патувања. Со една забелешка, третиот ред седишта се изоставени од оваа направа за масирање. И додека патувате слушате музика од 14 звучници од марката Бос (5 + 1), пакет кој се нуди со доплата.

Штом ова возило има над 3,0 м растојание меѓу оските (3.130 мм), сигурно е од тие најголемите – должина 5.060 мм. Затоа „јоник 9“ има солиден простор за патните торби, 620 л, но ако се соборат седиштата од третиот ред, просторот се зголемува до 1.323 л.

Хјундаи нуди „јоник 9“ со погон на задна оска, но и погон на две оски. Изведбата наречена „перформанс“ има погон на двете оски и електромотор на обете со силина од 218 КС. По неа доаѓа изведбата „лонг рејнџ авд“ (со погон на сите тркала) која на задната оска има електромотор со 218 КС, а на предната со 95 КС и како основна изведба доаѓа таа со погон само на задната оска задвижувана од електромотор со 218 КС. 110 kW литиум – јонската батерија има во себе „струја“ за 629 км, а потоа „оди“ на полнење.

Изведбата „јоник 9 перформанс“ забрзува од 0 до 100 км/ч за убедливи 5,4 сек, другата која располага со силина од 218 + 95 КС, неа и се потребни 6,7 сек, а основната изведба со погон на задна оска, постигнува 100 км/ч за 9,4 сек.

Лесно е на големо возило, посебно долгите, да му обезбедиш супериорна аеродинамика. Денешните облици на „сув“ возилата не се некоја новина – повеќе или помалку дизајнот е тој. Како што дизајнот останал речиси истиот низ десетлетијата, така и аеродинамиката останала речиси иста. На пример, коефициент на отпор на воздухот измерен кај „хјундаи јоник 9“ изнесува 0,259 Cd. Овој коефициент или на него сличен го поседуваат сите „сув“ возила. Резултатот воопшто не е за фалење затоа што кај „ланча ипсилон 10“ пред 40 год. тој коефициент  беше 0,27 Cd. Скоро половина век разлика, а аеродинамиката никако да ја подобрат. Имајте во предвид дека „ланча ипсилон 10“ е мал автомобил со должина од само 3,6 м.

На почетокот „јоник 9“ ќе се продава само на домашниот и американскиот пазар, а подоцна ќе следат и останатите.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ