Хотелски лобија – ИДЕАЛНИ МЕСТА ЗА ЕСТЕТСКИ ТРЕТМАН НА ЧУВСТВАТА

24/12/2019

ХОТЕЛСКИТЕ ЛОБИЈА ШТО ВИ ГИ ПРЕПОРАЧУВАМЕ ИМААТ СÈ – И МИР И ТИШИНА И ЛУКСУЗ, КОЈ Е ОЧИГЛЕДЕН. ДРУГОТО ВИ ГО ПРЕПУШТАМЕ ВАМ, ДА ГО ДОЖИВЕЕТЕ КАКО ЛИЧНО ИСКУСТВО, ДА НЕ ВИ ГО ПРЕРАСКАЖУВААТ. ВО ХОТЕЛИТЕ НЕ МОРА ДА ОТСЕДНУВАТЕ, НО АКО НОЌЕВАТЕ ТАМУ-УШТЕ ПОДОБРО. АМБИЕНТОТ И АТМОСФЕРАТА СЕ КОМПАТИБИЛНИ, НЕМА МЕТЕЖ, ОСВЕН КОГА Е ВРЕМЕ ЗА ПОПЛАДНЕВЕН ЧАЈ ВО ЛОНДОН НА ПРИМЕР, А И РЕЦЕПЦИЈАТА ОБИЧНО Е ОДВОЕНА. 

 

FOUR SEASONS HOTEL GRESHAM PALACE, БУДИМПЕШТА

Внатрешноста на хотелите Four Seasons се одликува со раскош, но будимпештанскиот е величествен. Gresham Palace има лоби чиј ентериер е нагласен со преубав лустер од замрзнати листови, закачен на стаклена витражна купола. Мозаичниот под е во кремава боја, со темнозелени „витли“. Фасадата, пак, е во стилот арт нуво, со арки, столбови, религиски кипови, стилизирани цветни мотиви во златна и тиркизна боја. На влезната врата има пауни од ковано железо, симболот на стилот во применетата уметност и архитектурата, познат како арт нуво. Бифето до лобито е малку настрана, незабележливо се споени, а има и пијано за добро расположение, благодарение на тивкото свирење.

HOTEL SACHER, ВИЕНА

Синоним на традицијата, тоа ќе ви го каже секој виенчанец кога ќе го изговорите името на хотелот што се наоѓа во срцето на градот, спроти Државната опера. Постои 143 години, од 1876-та. Еден од најдобрите хотели во Виена е сопственост на семејството што ја внесе тортата „захер“ во историјата, збогатувајќи ја културата на пиењето кафе, како и виенскиот хај-лајф. Таму отседнуваат бизнисмени, личности од политиката, естрадата итн., вклучувајќи ја и кралицата Елизабета Втора. Претседателскиот апартман е борба за престиж. Лобито е приказна за себе, уредено во благороднички стил (австриски Grande Dame), со старински мебел и модни додатоци. Без оглед што тортата се послужува во кафеаната, може да се нарача и во лобито, со кафе. Близу е Kärntner Strаsse, која изобилува со продавници за сечиј вкус.

HOTEL CLARIDGE’S, ЛОНДОН

Лобито и салонот за чај во хотелот Claridge’s, кој се наоѓа во елегантниот кварт Мејфер, секогаш се полни. Уредени во стилот арт деко, ги задоволуваат сите потреби на гостите што ги испиваат необичните мешавини од чаеви, послужени во порцеланските сервиси „бернардо“ на француската фирма „Лимож“. Можат да се забележат и млади и стари, жени во поодминати години со внуци, кои очигледно ѝ припаѓаат на новата јапи-генерација, во друштво на пријателки, деловни пријатели, колеги од работа. Постои анегдота за хотелот. Имено, Спенсер Трејси често патувал за Лондон, заедно со Кетрин Хепберн, да избега од холивудската еднообразност, па и здодевност. Во една пригода изјавил: „Кога ќе умрам, не сакам да одам во рајот, туку во Claridge’s“.

TRIANON PALACE VERSAILLES, ПАРИЗ

Хотелот се граничи со Версајскиот парк, чии два замока, Големиот и Малиот Тријанон, ги изградиле Луј Четиринаесетти и Луј Петнаесетти. Првиот за госпоѓа Де Ментнон, а вториот за грофицата Дибари (омилено престојувалиште на Марија Антоанета). Го изградил францускиот архитект Рене Сержан, во рамките на проектот на М. Вејл Мартињан, а неговата врата се отворила на 1 мај 1910 г. Денес е дел од Waldorf Astoria и Hilton, со 199 соби, апартмани, кои зрачат со луксуз, во две згради – стариот и новиот павилјон од 2000-тата. Лоби е, всушност, засводениот хотелски коридор, поплочен со мермер, каде што може да се седи на софите од зелена свила и да се вкусат специјалитетите на Гордон Џејмс Ремзи Јуниор, уживајќи во погледот низ големите прозорци.

HOTEL EDEN, РИМ

Во духот на античкиот Рим – така е уредено лобито на хотелот што му припаѓа на Dorchester Collection, обложено со мермер, на подот, ѕидовите, па и на таванот, на две нивоа, со неколку скалила, ограда од ковано железо. Земјените бои и златните модни додатоци го „затоплуваат“ просторот, вклучувајќи го и каминот. И жестокиот пијалак, кој може да се нарача во бифето, со цигара, под силен впечаток на градот што дише со поетски занес, длабоко, од секој агол, на долгите приказни и од гостопримливоста на Римјаните, што се отчитува и во љубезната насмевка со која ќе ве дочекаат рецепционерите зад пултот од резбан мермер. Битовиот амбиент соодветствува на длабочината на историјата, која, пак, е пропорционална на висината на луксузот.

GRAND HOTEL KRONENHOF, ШВАЈЦАРСКИ АЛПИ

Лобито на хотелот што работи 171 година, од 1848-та, е уредено со вкус, а задржана е класиката и во модерното реновирање. Насликаниот плафон и златните детали (по боја, по сјај, по изглед), нѐ потсетуваат како живееле благородниците, негувајќи го стилот гранд дам, кон кој се придржувале припадниците на високиот, аристократски род. Можете да испиете кафе, да си помуабетите…, со поглед што го одзема здивот. Поради градбата, Grand Hotel Kronenhof важи за еден од најубавите хотели на Алпите, културно наследство. Се наоѓа во с. Енгадина (Понтресина), оддалечено 6 км од Сент Мориц. Единствениот супериорен хотел во селото има 5 ѕвезди, 112 соби, апартмани, добро опремено спа и неколку ресторани.

THE EMPIRE HOTEL, ЊУЈОРК

Лобито на њујоршкиот The Empire Hotel е во стилот арт деко, на два ката, со бар во кој може да се испие освежителен пијалак, коктел. Навечер е полн. Барот доби голема популарност откако беше во серијалот „Озборувачка“ (Gossip Girl). Нивната поврзаност е незабележлива, наспроти декадентноста, која е очигледна, вклучувајќи ги и контрастот на црно-белиот под и деталите во боја на злато и сребро, а тешките драперии, големите канабиња обложени со кожа и перници со животински дезен, како и придушеното осветлување, го комплетираат впечатокот. Местоположбата на хотелот, меѓу Централ парк и центарот „Линколн“, овозможува да се запознае Њујорк (и Менхетн) на сите можни начини и да се посети „Метрополитен“ на пример.

 

Игор Ландсберг

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.