Хорхе Мартин-РАНЕТИОТ ЛАВ

16/04/2025

СТАРТОТ НА НОВАТА СЕЗОНА ВО МОТО ГП ЌЕ ДОЈДЕ СО ЗАДОЦНУВАЊЕ ЗА АКТУЕЛНИОТ ШАМПИОН ХОРХЕ МАРТИН, КОЈ СЕ ПОВРЕДИ НА ПРЕТСЕЗОНСКИТЕ ТЕСТИРАЊА

 

Расплетот на Мото ГП сезоната од минатата година изобилуваше со многу моменти кои го заслужуваат епитетот „драматични“ и направја таа да биде случај за кој што долго ќе се зборува. Хорхе Мартин со „сателитскиот“ тим на Дукати успеа да стигне до шампионската титула пред сите останати, вклучувајќи го тука и двократниот првак „Пеко“ Бањаја со фабричкиот тим на Дукати, но и Марк Маркез кој ја напушти екипата која го донесе во елитата (Хонда) и со која освои шест светски титули за да биде дел од друг сателитски тим на Дукати.

Дукати имаше ултиматум да избира порано и одлучи среде сезона да го избере Марк Маркез, но Хорхе Мартин ја заокружи својата одмазда и го капариса „бројот 1“ за 2025 година. Тој претходно одби да остане во сателитскиот тим и потпиша за Априлија. Сепак, веќе на претсезонското тестирање во Сепанг имаше незгоден пад и повреда на десната рака, по што беше опериран. Сепак, три седмици подоцна, подготвувајќи се за настап на првото овосезонско гран при во Тајланд, тој имал нов инцидент (возејќи картинг) што резултираше со повреди и скршеници на левата рака, најмногу во делот на зглобот и дланката. Операцијата на повредата се случила во Барселона на 25 февруари, а екипата издаде соопштение по тој повод, наговестувајќи дека набрзо ќе биде евалуирана неговата состојба и можното враќање на патеките.

Светскиот првак во прва инстанца беше „ослободен од обврските“ за првите две трки, но тоа подоцна се пролонгираше и за време на трката во Тексас. За време на гран при викендот во Остин, тој беше присутен на трката каде што имаше и охрабрувачки контролен преглед во медицинскиот центар, по кој беше најавено дека се враќа во седиштето од Големата награда на Катар (13 април), но под услов да го мине стандардниот медицински тест.

Разочарувањата се тешки, особено кога доаѓаат еднподруго. Влијанието се мултиплицира. Овој пат, тие беа навистина тешки, како физички, така и ментално, поради што првпат во животот пропуштив отворање на сезоната, напиша Шпанецот на својот Инстаграм профил.

Американецот Кевин Шванц кој се натпреваруваше во средината на осумдесеттите, повлече паралела меѓу неговото искуство кога скршил клучна коска.

Можеби треба да го седнам на пет минути и да му објаснам: „се што треба да направиш сега е да се вратиш физички 100%, затоа дај си време“, коментираше поранешниот ас Кевин Шванц за време на американскиот гран при викенд.

Сè уште си млад, кога ќе бидеш 100%, тогаш врати се во седиштето. Дури и кога ќе бидеш на 100%, тоа не значи дека веднаш ќе јуришаш на победи, потребно е време за да се врати брзината. Лани кога ја освои титулата, тоа се должеше на сè она од што следуваше по првите настапи во куп трките, сугерираше Шванц преку медиумите. Иако не беше во јавноста, Хорхе Мартин не се откажа од своите медиумски активности преку социјалните мрежи.

Седењето дома ме убива. Не знам кога точно ќе ми дозволат да возам, но веќе сум во тренажен процес. Сега можам да јадам, да се смеам и да се накашлам, претходно имав болки. Не ми се веруваше дека повреда може да трае толку долго. И претходно сум имал повреди како онаа во Портимао, но после еден месец бев во седиштето. Сега поминаа шест седмици, а јас сум сè уште далеку од враќање, рече Мартин пред трката во Тексас. За време на гран при викендот во САД, на акредитираните новинари им изјави дека на почетокот стравувал дека можеби веќе нема да може да се натпреварува.

Кога паднав од моторот, имав повреда и на ногата и на раката. Бев уплашен бидејќи раката ми беше навистина во лоша состојба, можев само да ја придржувам со другата рака. Не можев да ја мрднам цели две седмици. Бев уплашен дека можеби нема да можам повеќе да возам. Потоа, почнав да „го гледам светлото“ и знаев дека на долг рок нема да имам проблеми. Среќен сум што закрепнувам, но сè уште не се чувствувам најдобро. Можам да ја мрдам раката, но не можам да држам тежина. Ќе видиме како ќе биде кога ќе се качам на мотор, раскажа Шпанецот во Тексас.

Некои медиуми објавија дека Априлија побарала тестирање во пресрет на гран при викендот во Катар, но таквото одобрение требало да биде одобрено од сите ривалски тимови. Дукати првично бил против затоа што прашањето било покренато преку медиумите, но на крајот тие се согласиле да не одат против мнозинството, но сепак Хонда ставила „вето“ на ова бидејќи тоа би значело менување на правилата за тестирање среде сезона.

КРИВ Е КРИВИЉЕ?

Првиот светски првак од Шпанија во елитната категорија од светското мотоциклистичко првенство е Алекс Кривиље во 1999 година, кога Хорхе Мартин имал нецели две години (роден на 29.01.1998). Успехот на Кривиље го отвори патот за многу мотоциклисти од Шпанија кои подоцна испишаа историја (Лоренцо, Маркез, Мартин).

Кариерата на Хорхе Мартин официјално започнува на негова 8-годишна возраст преку Минимото првенството, за на 14 години да дебитира во некои куп натпреварувања. Од 17-годишна возраст започнува да вози во најниската класа од светското првенство во мотоциклизам (2015 година), каде што ја освојува титулата по три сезони. Во Мото 2 ги помина 2019 и 2020 година, при што на крајот беше петти, но сепак доби шанса да оди во „кралската класа“. Во Мото ГП го привлече вниманието освојувајќи пол позиција во вториот настап (2021 година, ГН Штаерска), каде што финишираше на подиумот. Веќе во 2023 година беше светски вицешампион, а минатата година стана и светски првак покажувајќи одлична конзистентност преку годината, освојувајќи седум победи во спринт трките и уште три во главните трки.

Нема да возам сè до оној момент кога ќе одам во Доха бидејќи не сакам да ми се случи истото. Замислете да тренирам идната седмица и да скршам глава или врат. Ќе чекам до Катар, изјавил Мартин.

Враќањето на Хорхе Мартин е од исклучително значење за првенството кое се сведува на дуел на тројца возачи од Дукати, двајца од фабричкиот тим (Бањаја и Марк Маркез) и еден од сателитската екипа Гресини (Алекс Маркез). Публиката очекува многу од него и од Априлија, особено имајќи предвид дека тимскиот колега Марко Бецеки во три наврати финишираше шести. Хорхе Мартин метафорично е „ранетиот лав“ кој ќе ја бара својата шанса да го возрати ударот, прво за да си докаже себе си, а потоа и на Дукати – дека направија огромна грешка што не го препознаа неговиот капацитет.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.