HONDA-ВОЗИЛА, АВИОНИ, РАКЕТИ И РОБОТИ

06/10/2021

СПОРЕД НАЈНОВИОТ И ОФИЦИЈАЛНИОТ ИЗВЕШТАЈ ИЗЛЕЗЕН ОД ХОНДА, ДО 2040 ОВОЈ ПРОИЗВОДИТЕЛ ЦЕЛОСНО ЌЕ ПРЕСТАНЕ ДА ПРОИЗВЕДУВА ПОГОНСКИ ЕДИНИЦИ СО ВНАТРЕШНО СОГОРУВАЊЕ. ТОЕ Е ПРВОТО ИЗВЕСТУВАЊЕ, А ВЕДНАШ ПО НЕГО СЛЕДЕА УШТЕ ЕДЕН КУП ДРУГИ, НЕКОИ ОД НИВ ИЗНЕНАДУВАЧКИ ЗА СВЕТСКАТА ЈАВНОСТ

 

Хонда со децении наназад развива сопствена авионска технологија и пред неколку години лансираше шестосед на млазен погон, „хонда џет“. Сега во извештајот најавува конструирање летало кое ќе слетува и полетува вертикално (втол – ветикал тејк оф анд лендинг), а ќе служи за превоз на патници на куси релации, најмногу до 400 километри, односно ќе биде нешто како меѓуградски превоз. Леталото ќе биде хибридно, електромотор плус гасна турбина наменето. Ако технологијата за производство на батерии напредне во наредниве 10 години, Хонда најавува целосно исфрлање на гасната турбина. При лет само со помош на електромоторите, тогаш леталото изминува најмногу 100 км. Производителот најави дека неговото хибридно „втол“ летало ќе биде безбедно исто колку и денешниве патнички авиони со сите најнови безбедносни уреди, но и конструкциски ќе ги задоволува најстрогите прописи за безбеден лет.

 

Втора новост од Хонда е вселенската програма според која јапонскиот производител ќе произведува ракети бидејќи има недостаток од вакви летала кои со себе носат сателити. Сè повеќе држави во светот се одлучуваат да лансираат сателити во земјината орбита, а според Хонда нема доволен број ракети…

 

Третата новост е забрзан развој на аватар роботите, односно роботи кои ќе вршат основни работни задачи, на пример во самопослугите. Овие направи ќе бидат раководени од човек преку еден главен компјутер.

 

Како што можете да приметите некогашните стрипови во кои беше опишувана иднината, покрај чудните автомобили имаше многу мали летала со најразновидни облици. Тие стрипови од пред 30, 40 и повеќе години, наскоро ќе станат стварност. Токму тоа Хонда сака да го направи – електрични возила, електрични авиони, ракети и слични летала, но и роботи. Колку за информација, Хонда повеќе од две децении го развива роботот со име Асимо, за кого пишувавме во два наврати во рубриката „хај тек“.

„Хонда е-втол“ е концепт летало кое Хонда го претстави на 30 септември и летало со кое официјално го најави своето учество во современото воздухопловство и вселенската ракетна индустрија и технологија, а посебно го нагласи учеството во развојот на обновливите енергетски системи кои се од витално значење за вселенските истражувања.

 

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.