HONDA N BOX JOY-ХОНДА ЗА ОДМОР И УЖИВАЊЕ

04/10/2024

Облик во форма на кутија отсекогаш бил предизвик за дизајнерите, затоа што има најмногу можности да се доцртаат најразновидни изведби. Јапонската автомобилска индустрија е една од тие кои најмногу го негуваат овој стил на изразување.

Сите тамошни производители имаат по некој модел со облик на кутија или е некоја  изведба на кутија. Ниту Хонда не е исклучок, па моделот „н бокс“ е еден од неколкуте во семејството со овој дизајн. Минатата година беше претставена неговата трета генерација, а сега на почетокот од есенва Хонда ја претстави изведбата „џој“, односно „н бокс џој“. „Џој“ во превод е нешто како збир од: радост, уживање, убаво чувство итн. Изведбата е така наречена затоа што задниот дел може да се претвори во кревет. Притоа, може да се прикачи и настрешница, а под неа некое столче и масичка на склопување… Многу нешта можат да се додадат на „н бокс џој“ и возилото да биде претворено во своевиден шатор на тркала за кампирање. Не им е воопшто лоша досетката во Хонда. Малку е необично што токму овој производител нуди вакви нешта, затоа што не сме навикнале да ја гледаме Хонда во облик за кампирање.

Овие мали возила, од кои има и доставни изведби, секогаш имале мали погонски единици кои најчесто се засилувани со турбо полначи. „Хонда н бокс џој“ во себе има бензински мотор со три цилиндри и работна зафатнина од 658 ссм. Има две вакви единици, едната атмосферска, а другата турбо, со 58 и 64 КС. Силината од моторите се пренесува на предната оска или на двете. Од сите овие изведби зависи и цената која за основниот модел, тој со 58 КС и погон само на предната оска, изнесува 11.700 евра. Кај нас моделот „н бокс“, не се продава, така што не очекувајте дека неговата изведба „н бокс џој“ ќе стаса еден ден. Сепак ова е Македонија и сѐ е можно.

 

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ