Деновиве премиерно беше претставена 11. генерација од популарниот Хондин модел „акорд“. Овој модел се произведува веќе 40 години во САД и воедно стана еден од култните. Во својата класа „акордот“ отсекогаш бил во топ петте најпродавани семејни лимузини во САД. Затоа Хонда ја претстави новата генерација токму таму. Ако до вчера „акордот“ имаше малку пооштра линија со која ја нагласуваше спортската нота, сега доаѓа до израз типичната смирена линија која е одраз на семејните лимузини. Слободно можеме да кажеме најновата генерација е една од тие со најиспеглани лимузински линии. Должината е поголема во однос на претходникот, а тоа резултира со повеќе простор во одделот за патниците.
Производителот подготвил шест изданија, две турбо („л икс“ и „е икс“) и плус четири со хибридни погонски единици („споерли“, „е икс – л“, „спорт – л“ и „туринг“). Хибридните се опремени во внатрешноста со досега најголем повеќенаменски екран осетлив на допир со дијагонала од 12,3 инчи, додека останатите два модели поседуваат седум инчен екран.
За новата генерација Хонда подготвила и нови безбедносни норми, повисоки од досегашните и воедно нуди повеќе удобност. Електронските безбедносни системи се тука и сите се на број, а покрај нив присутна е и следната кратенка „аце“ (адвансед компатибилити инџинеринг) која во превод значи нова структура на телото од автомобилот, поцврста и поотпорна на аголните судари со што безбедноста за патниците е зголемена до крајни граници.
Најнапред во САД, а потоа низ целиот свет. Така е веќе 40 години откако е отворена фабриката во 1982 год. во Охајо и со право бидејќи спомнатиот модел учествува во вкупната продажба со големи 50 отсто, а досега таму се произведени 12,5 милиони „акорди“.
Жарко Атанасоски