HENNESSEY PROJECT DEEP SPACE-ШЕСТ МЕТАРСКИОТ „ЕЛЕКТРО“ ХЕНСИ

28/07/2022

Трката за постигнување што поголема крајна брзина продолжува, но сега паралелно со неа се надоврза и електричниот погон. Производителите сѐ уште вршат голем број испитувања и опити со цел да го пронајдат и откријат најдобриот начин за искористување на електричната енергија во полза на автомобилите. Тоа мора да биде не само најдобриот, туку и економски најисплатливиот. Неретко најдоброто се запоставува, а предност му даваат на економски исплативото, односно тоа што носи повеќе пари (профит).

И така вршејќи многу испитувања, работилницата Хенеси, позната по ултра спортските автомобили, дојде до идејата да направи хипер купе лимузина со шест тркала. Сопственикот на компанијата со години ја испитувал силината од моторите и преносот на истата до оските. И како што секогаш бива, најголем дел од силината се губи во мигот кога пневматиците немаат добар контакт со асфалтот. Не дека не е добар, туку не е како што треба да биде. Според Џон Хенеси кој првенствено прави супер брзи автомобили, вели дека најдобри брзински особини ќе покаже автомобилот кој има најголема и постојана искористливост на вртежниот момент – состојбата со пневматиците и подлогата што пред малку ја спомнавме. Затоа Џон Хенеси подготвува купе лимузина која засега е само концепт наречен „проект дип спејс“. Купето има не четири, туку со шест тркала за што поголем процент на искористување на силината од моторите – така вели конструкторот, а моторите се шест на број, за секое тркало по еден, со вкупна силина од 2.028 КС.

Наместо класика од внатрешност проткаена со врвен луксуз, работилницата Хенеси одлучила луксузот да го задржи, но внатрешноста да изгледа како во малите приватни авиони – мали, со по 10 до 20 седишта, како тие направени од: Галфстрим, Лирџет, Ембраер, Хокер Бичкрафт, Цесна, Пилатус и останатите од класата.

Покрај посебната внатрешност, има уште една реткост, а тоа е распоредот на седиштата. Возачкото има централно место, додека другите две се поставени од левата и десната страна и малку поназад, а најодзади е четвртото седиште со најдобра удобност и простор наменето за „важните личности“. Ваквиот редослед на седиштата е познат како „дијамант“.

„Хјундаи проект дип спејс“ ќе биде долго шест метри, ќе започне да се произведува во 2026, а првиот прототип треба да излезе од работилницата на почетокот од 2024. Цената сигурно ќе биде милионска и ќе бидат направени само 105 примероци. Така е според сегашните пресметки, а што навистина ќе се случи, ќе видиме во 2026 година.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ