Комплетно сè е посветено на тоа како да се дојде до помала тежина, дури се внимавало и на најситните детали, до навртки и завртки. Според Гордон Мари за добро конструиран автомобил од големо значење е неговата тежина, а нему треба да му се верува.
Пред точно два месеци ја најавивме светската премиера на супер купето направено од Гордон Мари. Автомобилот со несекојдневен дизајн и фен, да фен, кој дополнително ја зачинува сета умешност на конструкторот, претставува своевидно ремек дело. Како што вели сопственикот на ова чудо на четири тркала, „ниту една друга компанија не може да испорача тоа што ние можеме да го донесеме на пазарот во 2022 година, производството на овој британски супер автомобил ќе биде мојот најгорд момент“.
Автомобилот именуван како „гордон мари т 50“, всушност е прослава на петдецениската работа со автомобилите, круна на неговата љубов спрема најпосакуваната играчка за возрасните. Сега знаеме што претставува супер автомобилот и редно е да го претставиме во детали. Точно е тоа дека се дигна многу прашина при најавата и сега при првичното претставување пред светската јавност. Како велат старите, зад добар коњ секогаш се дига прашина.
Класа на супер автомобили, тоа значи дека се супер брзи. Неговите димензии се во склоп на болидите од формула еден, не зборуваме за денешниве кои се долги како шинобуси, туку класиката од болид чии димензии во должина не беа поголеми од 4,3 до 4,35 метри. Мариевиот супер автомобил е подолг за 60 мм од класичните болиди и поширок за 30 мм, така што должината изнесува 438, а ширината 185 сантиметри. Тоа во превод значи дека имаме болид од формула 1 облечен во спортско туристичко џакетче, во кој е сместен 3,9 литарски мотор произведен посебно за овој автомобил. Распоредот на 12 цилиндри е во V, а тоа доволно кажува и ја нагласува класиката од конструкција препознатлива исклучиво за болидите од најбрзиот циркус. И Гордон Мари во едно од сегашниве интервјуа ја истакнува блискоста на неговиот супер автомобил со болидите од формула 1. И во право е. Еве еден од многуте детали кој е директно позајмен од толку многу спомнуваните болиди.
Ако не сте знаеле, Гордон Мари долго време беше дел од карванот наречен формула 1. Болидот со фен е негово дело, односно „бребем бт 46 б“. Тој фен овозможуваше всмукување на воздух од долната страна предизвикувајќи подпритисок, а токму тој беше причината за стабилното однесување на болидот. Тоа исто чудо го имаме и во супер автомобилот „т50“. Колку е фенот полезен за автомобилите, не треба никој дополнително објаснување, физиката кажува сè, а таа е крајно безобразна и подеднакво ги казнува сите кои не ја почитуваат. Затоа Гордон Мари препорачува тој фен со чија помош се формира подпритисок под автомобилот и кој ја подобрува стабилноста на возилото, а со тоа и безбедноста, посочува да биде вграден како сериска опрема во секој автомобил. И сето тоа во служба на безбедноста.
Објаснивме зошто V12 мотор, за да се задржи класиката од формула 1, но овој мотор е најлесен во својата класа и за постигнување на максималната силина од 664 КС развива најголем број вртежи во минута, 12.100 (12.400), односно му нема равен во класата. Кога доволно ќе се притисне педалата за забрзување, сказалката од бројачот на вртежите од 0 до црвеното поле се искачува за време од 0,3 секунди. Таквата реакција на моторот се нарекува молскавична. И на крај зошто моторот нема турбо компресор. Конструкторот така го замислил автомобилот, секој дел и детаљ да потсетува на пребрзите болиди. Тука се работи за филигранска изработка на погонска единица, класика од тркачка, или 12 цилиндри во V или ништо. Така и се случило, моторот е развиен по мерка на Гордон Мари, а на неговите желби одговорила компанијата „Косворт“ која со децении наназад е присутна во формула 1. Не ни забележувајте што постојано ја спомнуваме формула 1, ние само ви пренесуваме што е направено од конструкторот, чиј автомобил е еден вид болид, односно конструкциски е најблизок до болидите. Тие мали едноседи се познати по тоа што немаат многу килограми. И „гордон мари т 50“ има малку килограми. Супер автомобилите не се полесни од 1,5 тони, но затоа Мариевиот тежи само 986 кг, односно за скоро 600 килограми помалку од неговите директни конкуренти. Сè е во знакот на тоа како да се добијат што е можно помалку килограми, а конструкцијата да биде поцврста од било која друга. Спомнатиот Бребемов болид, потоа супер автомобилот „мекларен ф1“, тоа се дела на Гордон Мари и искуствата собрани од тие конструкции се од непроценливо богатство. Сето тоа сега е вткаено во „т педесетката“ која ќе биде произведена во само 100 примероци и уште дополнителни 25 строго наменети за трки. Ако за некој е битна цената, таа е веќе обелоденета, 3,1 милион долари.
Покрај коњските сили 664 на број, кои се пренесуваат на задната оска преку шестстепен обичен менувач чии први пет брзини се со кус од, а шестата за крстосување, во официјалниот извештај нема податоци за максималната брзина и за забрзувањата. Кога го прашале Г. Мари зошто овие особини не се наведени во извештајот, тој накусо им оговорил дека компанијата не се бави со потрага по брзини и силини.
Од сето ова напишано, а во согласност со известувањето за јавноста можеме да го нагласиме следново, секој новосоздаден автомобил мора да биде полесен од претходникот, затоа што лесните автомобили се постабилни, побрзи, поекономични и подолго траат од потешките. Според компанијата „Гордон Мари Аутомотив“, првиот примерок ќе може да оди кај сопственикот во 2022 година.
Со појавувањето на „гордон мари т 50“, би требало да се измени начинот и филозофијата врз која досега се конструираа автомобилите. Конструкторот постави нови правила и норми кои треба да бидат почитувани.