По којзнае кој пат луксузот „се шета“ како да е нешто секојдневно. Овој пат тој луксуз во купе облик доаѓа од Џинета, еден од најголемите конструктори во светот на тркачки автомобили. Седиштето на компанијата е на британско тло, но од 2021 има своја испостава и во САД. Од тркачката дивизија еден дел се групира како производител на туристички автомобили, а сето тоа почна пред пет години кога на Салонот за автомобили во Женева, Џинета претстави концепт. Тој потфат на Џинета стана стварност годинава, така што сегашниот сопственик Лоренс Томлинсон летово приготви премиера во чест на 20 годишнината откако ја има купено Џинета. Никој не се надеваше дека овој мал производител на картата од автомобилската индустрија ќе приреди вакво изненадување – влегување во туристичката класа. Туристичка, но супер класа затоа што купето во себе има 600 КС и супер мала тежина само околу 1.200 кг. Ако некој претерано внимава на тежината во купе автомобилите, тогаш тоа се тие од „Островот“. Да не ја заборавиме големата мисла на уште поголемиот конструктор Колин Чепмен, „Со повеќе килограми ќе бидеш брз на правците, а со помалку килограми и на правите делови од патеката и во свиоците“. Токму тоа е правено и со супер купето од Џинета наречено „акула“ во превод од руски тоа значи ајкула. Севкупната конструкција е варијација на тркачкиот автомобил „џинета џ 61 – лт – п 1 лмп 1“. Ако нешто е правено на основа од тркачки автомобил, тогаш нема промашување затоа што тркачкиот е испитуван, навиткуван и дотеруван најмалку 1.000 пати, така што сѐ на него е речиси доведено до перфекција. Затоа конструкторите за „акула“ го велат следново „на тркачка патека е рамо до рамо со тамошните староседелци, а потоа можете слободно да си возите низ градските улици“. Сакаат да кажат дека „џинета акула“ е автомобил за секаква пригода односно лесно ќе се снајде и на тркачка патека, а сепак е за секојдневна употреба.
Ќе бидат произведени само 20 примероци кои ги симболизираат 20-те години откако Л. Томлинсон ја има купено Џинета. Првата „акула“ е наменета за сопственикот на компанијата, кој победил на трката 24 часа Леман во 2006 год. во класата „гт 2“ со автомобилот „паноз есперанте гт – лм“.
Тие 600 КС се произведуваат во осумте цилиндри распоредени во V, со работна зафатнина од 6,4 л. Погонската единица не е позајмувана од некоја друга работилница, туку е од сопствено производство. Силината се пренесува до задната оска преку обичен менувач со шест преноси и некоја изведба на тројна спојка, но за тие што сакаат автоматски, во Џинета имаат и таков со седум преноси и двојна спојка. Исто е и со сопирачките. И таму можете да бирате, дали сакате класика од дискови (челични) или комбинација од карбон и керамика.
И сега на ред се бројките – од 0 до 100 км/ч за 2,9 сек, додека крајната брзина е еднаква на 290 км/ч. Сосема задоволителни бројки, зарем не!? Цена? 360.000 долари.