ГИ КОРИСТИМЕ ЛИ ПРАВИЛНО ВЕЛОСИПЕДСКИТЕ ПАТЕКИ?

30/07/2020

ИМАМЕ, НО НЕ ГИ КОРИСТИМЕ КАКО ШТО ТРЕБА И НЕ ГИ ОДРЖУВАМЕ. НАЈЧЕСТО НА НИВ СЕ ПАРКИРААТ АВТОМОБИЛИТЕ ИЛИ СЕ ПОСТАВУВААТ КОНТЕЈНЕРИ, А НАЈЛОШО Е КОГА СЕ ВОЗИ ВО СПРОТИВЕН ПРАВЕЦ.

 

Климатските услови во нашава земја овозможуваат да има подолг период со температури подносливи за возење велосипед, од средина на март до крајот на октомври, а понекогаш и до средина на ноември. Околу седум месеци се идеални за возење велосипед. Повеќето од градовите во земјава се наоѓаат во рамничарски предели и жално е ако не се користи оваа предност. Сите добиваме од тоа, а со нас и животната средина.

Вистинското користење на велосипедите, односно нивна масовност подразбира и соодветни услови, односно посебни велосипедски патеки, но во Македонија ги нема доволно и сосема оправдано голем број велосипедисти реагираат за тоа.

И сега ќе се најде некој што ќе отиде во друга држава, а таму има што да види, убаво уредени велосипедски патеки. Кога таквите ќе се вратат дома, полни со впечатоци од земјата каде што биле, почнуваат да раскажуваат како таму има толку многу патеки, како таму велосипедиститe дисциплинирано возеле по нив итн. Таму е така затоа што тамошните жители умеат да изградат, а потоа да ги одржуваат патеките и умеат правилно да ги користат.

Но, да се вратиме ние на велосипедските патеки кај нас. Да тргнеме од мостот на реката Вардар во Сарај до крајот на булеварот „Партизански одреди“ по чија должина има пешачка и велосипедска патека. Потоа од центарот на главниот град, преку мостот „Гоце Делчев“, „возиме“ во правец на некогашната стоковна куќа „Мост“, минуваме покрај Универзитетската библиотека кон Скопски саем (кој веќе не постои). Оттаму се влегува во кружниот тек и се вози кон населбата Автокоманда и последна „двојка“, а во близина е излезот на Скопје. Колку километри се вози – 20, 25? Пред 50 години Скопје имало велосипедска и пешачка патека од едниот до другиот крај со вкупна должина од околу 20 километри, можеби и повеќе. Велосипедска патека имало и на булеварот „Теодосиј Гологанов“ во должина од четири-пет километри, почнувајќи од студентскиот дом „Гоце Делчев“ до некогашната зграда на НИП „Нова Македонија“.

Дали тие што велеа дека немаме велосипедски патеки знаеја за ова? Педесет години Скопје има велосипедски патеки. Но прашањето е колку тие патеки правилно се употребуваат и се одржуваат? Се возеше и сѐ уште се вози насекаде, но најмалку на наведените патеки. Во светов се почитуваат правилата за возење велосипеди, односно строго се вози по тие патеки и затоа однесувањето на велосипедистите предизвикува воодушевување.

Но тука не се вози по велосипедски патеки, ниту се почитуваат редот и непишаните правила. Нам ни недостасува дисциплина. Ние имаме проблем со непочи- тувањето на сообраќајните знаци и со неодржувањето на велосипедските и на пешачките патеки што најчесто служат за паркирање автомобили, изложување артикли и за поставување контејнери за отпад. И не сме дисциплинирани велосипедисти. Тоа се гледа од фотографиите. Секоја чест на исклучоците.

И уште нешто за крај. Неодамна беше отворен најновиот автопат од Скопје до Штип, направен според најсовремени стандарди. Зошто покрај него не изградија и велосипедска патека? Има луѓе што би сакале тоа растојание да го поминат со велосипед. Тоа се однесува и на другите патишта низ државава. Зошто нема велосипедски патеки надвор од населените места? Некој сака од град во град, од село во село да патува со велосипед, а во сегашнава ситуација тоа е невозможно. А има ли „лек“ за настанатата ситуација? Да, да се расчистат велосипедските и пешачките патеки, а потоа прекршителите на правилата да се казнат во согласност со законот.

По земјотресот во Скопје, архитектите подготвија план за современа изградба и обновување на градот, а за тоа многу придонесе светски познатиот архитект Кензо Танге. Тој даде идеја како треба да изгледаат најсовремените решенија за градот. При обновувањето на главниот град во доцните шеесетти и на почетокот на седумдесеттите години од минатиот век во планот за најголемите булевари паралелно, покрај пешачките, биле предвидени и велосипедски патеки.

 

Жарко Атанасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.