FIA-Мултикоптери во служба на спасување

15/11/2020

Мултикоптерите се нови авиони со вертикално полетување, со повеќе ротори на електричен погон, досега развиени како летачки такси во цивилниот сектор. Сепак, по повеќе од една година истражување, сега теоретски може да се докаже тактичката предност на мултикоптерите во службата за спасување.

 

Во 2018 година ADAC Luftrettung, 100% подружница на Фондацијата ADAC посветена на воздушно спасување, ја започна првата светска студија за изводливост за употреба на мултикоптери со екипаж во спасувачките служби. Сега се објавени резултатите од студијата и се потврди дека спасувањето од воздух со мултикоптери со екипаж е можно, разумно и ја подобрува итната медицинска помош.

Мултикоптерот не е наменет експресно да го замени спасувачкиот хеликоптер, туку да ја дополни брзата помош од воздух. Екипажот се состои од пилот и лекар за итни случаи, при што пилотот треба да го поддржува лекарот и затоа има потреба од итна медицинска обука. Првично не е планиран превоз на пациенти.

Со соодветни мултикоптери, лекарите за итни случаи не само што можат да бидат на самото место и побрзи туку и да достигнат значително повеќе пациенти во поголема зона за спасување. Работата на лекарот ќе биде поефикасна и мултикоптерот станува соодветно средство во борбата против недостигот на лекари во итни ситуации на многу места.

По доставувањето на студијата треба да почне спроведувањето на оперативните тестови. Пилот-проектите се планираат од 2023 година во партнерство со компанијата „Волокоптер“, а ќе се спроведуваат во Баварија и во Рајнска област Пфалц.

Дотогаш дополнителни тест – технички летови ќе се реализираат на нејавни места за истражување на компанијата „Волокоптер“, каде што ќе се тестираат авионите со екипаж за посебни услови во службата за спасување од воздух. Ова вклучува полетувања и слетувања на падините, при слаба видливост, во темница или во зима.

 

Росана Петревска

ПОВРЗАНИ СТАТИИ